ОД МИЛЕНИУМСКИОТ КРСТ СИТЕ БЕГААТ КАКО ВО НАРОДНАТА „КАКО ЃАВОЛ ОД КРСТ“
Расфрлани бетон и железо, различни градежни материјали, рекреативни патеки обраснати со плевел, амбалажи од прехрамбени производи, пластични и стаклени шишиња и клупи што се распаѓаат – вака изгледа Милениумскиот крст на Водно и неговата околина. Христијанскиот симбол уште од самиот почеток постојано се соочува со проблеми. Институциите одговорноста си ја префрлаат едни на други. После толку време сеуште не се знае кој е одговорен за него.
Фондацијата „ Милениумски крст“ е формирана од македонската православна црква додека трае изградбата на крстот, Тие велат дека се во постојани разговори со Град Скопје и МПЦ кој да го преземе одржувањето на крстот , но никако да најдат решение за тоа. Фондацијата вели дека ќе го отстапи објектот само ако градот ги исполни сите проекти кои тие ги испланирале.за негова доизградба.
Благоја Дојчиновски, претседател на фондацијата „Милениумски крст“ вели дека сите сакаат да управуваат со крстот, но никој не сака да дава пари за него и да вложува во неговото одржување.
- Ние имаме големи планови и проекти за него од кои некои веќе почнаа и да се реализираат. Лифтот веќе се прави, а сега бараме дозвола и за жичара, но не сме спремни сето тоа сами да го финансираме. Нема со кој да седнеме да разговараме и да се договориме. Долгот за струја е платен, но ние не сме фонд да донираме пари – вели Дојчиновски.
Град Скопје смета дека Фондацијата одбивајќи ја понудата, презема целосна одговорност за функционирањето на Милениумскиот крст и ќе биде одговорна ако ја исклучат електричната струја.
- Фондацијата ниту плаќа ниту се откажува од управувањето на крстот. Град Скопје конечно направи напор да се регулира состојбата со одржувањето на просторот, но бидејќи не беше прифатена понудата од страна на фондацијата одговорноста за понатамошно одржување на локалитетот останува нивна – велат од Град Скопје.
Македонската православна црква кои се сметаат како сопственици на објектот велат дека немаат никакви надлежности за него затоа што тој сеуште е во изградба и се додека се гради сите потребни мерки за него ги презема фондацијата.
Милениумскиот крст за време на викендите го посетуваат околу 5000 луѓе. Тие најчесто доаѓаат да се рекреираат и да поминат едно убаво попладне на чист воздух. Според нив крстот би требало да преставува туристичка атракција за Македонија. Сепак тие велат дека состојбата во која се наоѓа тој е очајна и ниту една институција не треба да дозволи така да се уништуваат културните богатства во земјава.
Сепак институциите сметаат дека граѓаните се едни од поголемите загадувачи на околината. Според нив после секоја нивна посета на Милениумскиот крст, ѓубрето и отпадот остануваат таму. Честопати посетители се и младите луѓе кои доаѓаат во доцните саати и после нив оставаат празни лименки, шишиња, и најлонски ќеси.
Надлежните кои го чистат паркот и шумата на Водно тврдат дека нив никој не ги задолжува и не им плаќа за да се грижат за крстот.
ЈП Паркови и зеленило велат дека крстот не им е преземен како објект затоа што никој не ги плаќа да ја чистат околината околу него.
- По налог на градот ние одиме од време на време или обично еднаш неделно и го чистиме Милениумскиот крст. Но, се додека Град Скопје не го преземе и не се решат проблемите оклоу него тоа не преставува наша редовна обврска – велат од Паркови и зеленило.
Меѓутоа тие апелираат и до граѓаните дека крстот е културно богатство и туристичка атракција во земјава и дека треба да внимаваат после нивните посети да не го оставаат ѓубрето и отпадот таму.
Еколошкото друштво „Екомисија “ сметаат дека почнале да се градат многу непотребни работи околу крстот со што се уништува шумата и паркот на Водно.
- Нашата еко-патрола прави чести обиколки на Водно и се што е во наша можност правиме, но нивната фирма има финансиски проблеми и сега за сега неможе да се направи ништо посебно. Лошо е тоа што се гради пат од северната страна, а со тоа се уништува шумата – велат од Екомисија.
Изградбата на Милениумскиот крст почна во 2000 година и е изграден од архитектите Јован Стефановски Жан и Оливер Петровски. Сега е почната изградбата на лифтот, а се планира освен тоа да се изградат и жичарница, црква, стакларник и угостителски обејкти.
За христијанскиот симбол на Водно нема решение
Милениумскиот крст требаше да биде преземен и од австриската фирма „Лајтнер“ која го правеше проектот за жичарницата за кој требаше да се дадат 8 милиони евра. Благоја Дојчиновски, претседател на фондацијата вели дека и по толку време сеуште не се постигнати никакви договори и неможе да почне да се гради жичарата.
Ирена Мулачка