Хоророт во шок-собата (3)
Сѐ уште бев во бунило. Како низ магла забележав дека татко ми стои покрај креветот и гледа во мене.
Грозница
Првото утро во шок-соба. Болката постепено стануваше неподнослива. Не можев повеќе да издржам. Одеднаш ми стана ладно. Многу ладно. Ме обви студена пот. Почнав да се тресам. Имав чувство како да потскокнувам во креветот. Погледнав, ниту една сестра не беше во моја близина. „Тетке, подај ми некое ќебе“, со слаб, испрекинат глас ја замолив мајката на тешко ранетиот Оливер, која плачејќи стоеше пред мојот кревет додека нејзиниот син лежеше полумртов во соседната просторија.
Челичната д-р Зорка Николова
Една од сестрите ја забележа мојата реакција и викна. Во истиот миг до мене се појави директорката на шок-соба (КАРИЛ)
д-р Зорка Николова. Убава средовечна жена, строга и дисциплинирана, врвен анестезиолог и одличен психолог. Ја знаев од претходно, последните дваесетина дена пред да бидам ранет секогаш кога ќе можев одев во шок-соба во посета на
Александар Серафимов и
Дејан Копчаревски, и двајцата тешко ранети во една од борбите во Матејче. Александар беше погоден со шрапнели од граната во пределот на главата и рамото. Ситен шрапнел колку зрно ориз пробивајќи се низ работ на окото, таму каде што започнува носот, му се забил директно во мозокот. Лежеше несвесен, во критична состојба. Наспроти неговиот кревет лежеше
Копчарот, на кого гранатата безмалку му ја скина раката во пределот на подлактицата, но неколку шрапнели завршиле и во неговиот стомак, поради што со оперативен зафат му беа отстранети слезината и дел од цревата.
Д-р Николова им се чудеше на нашата младост и пожртвуваност. На нас гледаше како на деца. Како на нејзини деца. Ѝ изгледавме премлади за војување. А и навистина бевме млади. Јас со 29 години, Копчар тука некаде колку мене, а Александар едвај 21 година. Пред да ме ранат, во неколку наврати директорката ме покани во нејзината канцеларија. На неа ѝ изгледаше нестварно. Луѓе што преку ден се борат против УЧК, луѓе што преку ден убиваат, луѓе што преку ден ризикуваат да бидат убиени, навечер, испотени и извалкани, доаѓаат да ги ѕирнат своите тешко ранети колеги и да прашаат за нивната состојба. Како заменик-командант ја имав можноста да зборувам со неа. Неколку пати разговаравме долго. Во детали ми ја опишуваше состојбата на критично ранетите „Тигри“. Ми објаснуваше за колку тешки повреди се работи и колкави се нивните шанси да останат живи.
Разговаравме за војната, за опасноста, за ризикот, за стравот. Во една прилика ми кажа дека шансите на Александар да остане жив се исклучително мали. Бев изваден од памет. Запрепастен. Како со голем чекан некој да ме удри во гради. Зјапав во неа со подотворена уста не можејќи да изустам ниту збор. Не сакав да умре. Сакав да живее. Беше премлад. Имаше само 21 година. „Знаат ли неговите родители за ова?“, вознемирено ја прашав. „Не“, ми одговори тивко. „Па зошто не им кажете?“, се обидував да сфатам. „Ајде кажи им ти“, ми рече. Гледав во неа и молчев. Сфатив што сака да ми каже. Тешко е. Страшно. Не бива. Родители. Мајка. Татко. Кај нив, надежта умира последна.
Само десетина-петнаесет дена подоцна д-р Николова повторно се сретна со мене. Овојпат не бев дојден во посета на моите луѓе. Овојпат ме донесоа. Ме донесоа во критична состојба, со тешки рани на телото. И не дојдов како заменик-командант на „Тигрите“. Дојдов како пациент. Нејзин пациент.
Алергичен шок
Д-р Николова брзо се приближи до мене, ме погледна, фрли поглед кон ќесите во кои преку медицински црева (дренови), капка по капка се цедеше крвтa што ми се насобрала внатре во градниот кош како последица на силното внатрешно крвавење. Ѝ требаа само неколку секунди за да почне да вика. Одеднаш настана некаква паника. Барем така ми изгледаше мене. Се растрчаа сите. Настана гужва околу мојот кревет. Додека тие трчаа наоколу, јас си помислив дека сум готов. Дека овојпат навистина сум готов. Болките беа толку силни што имав чувство дека ме боли секоја проклета клетка на моето тело. Имав чувство дека ме болат дури и ноктите на прстите и косата на главата. Една од сестрите брзо ми стави некаква инјекција и потонав во мракот и тишината.
Будење
Постепено, во свеста почнаа да ми се пробиваат тивки звуци од машините за дишење што ритмично пумпаа воздух во градите на неколку пациенти во кома, кои се наоѓаа на креветите околу мене. Звуците од машините се мешаа со други вообичаени звуци. Две сестри тивко зборуваа помеѓу себе. Полека почнав да се будам. Или да се освестувам. Којзнае. Немав претстава колку време поминало откако ме заспаа. Постепено доаѓав на себе. Сè уште чувствував силни болки низ целото тело, но бев жив, а тоа не беше малку. Колку што подоцна можев да сфатам од објаснувањата на директорката, сум добил силен алергичен шок од некој аналгетик на база на аналгин на кој претходно не сум бил алергичен. Најверојатно лутата рана го срушила мојот имунитет, кој дозволил да ме убие нешто што порано сум го користел како лек.
Татко
Сѐ уште бев во бунило. Како низ магла забележав дека татко ми стои покрај креветот и гледа во мене. Го препознав по неговите карактеристични мустаќи. Поради покачениот шеќер, браќата не ѝ дозволиле на мајка ми да дојде во посета. Не зборуваше ништо. Ниту тој ниту јас. Двајцата не можевме.
Стоеше до креветот, ѕверосано гледаше кон цревата што излегуваа од мојата утроба и низ кои се слеваше мојата крв. Ги гледаше кесите околу креветот во кои се цедеше мојата крв. Гледаше во тенките медицински црева низ кои течеше кислород директно во мојот нос. Потоа ќе погледнеше во мене и молчеше. Пред да дојде мислел дека не сум тешко ранет. Моето телефонско јавување од болница го довело во заблуда. Беше во шок. Таткото гледаше во синот, кој повеќе личеше на труп отколку на неговиот син. Подоцна никогаш не сакаше да зборува на таа тема.
Пациенти
На следното будење се чувствував малку подобро. Почнав да разгледувам околу мене. Преку еден кревет, десно од мене лежеше млад човек за кого сестрите ми кажаа дека е тешко ранет полицаец. Беше во кома. Од грлото му излегуваше црево преку кое машината пумпаше воздух во неговите гради. Изгледаше како мртов. По неколку дена се освести, му ја извадија цевката од грло и почна да зборува. Полицаецот
Горјан Ристевски ми објасни дека е припадник на посебната полициска единица од Прилеп.
Во битката за Ваксинце со снајпер бил погоден директно во грло, точно во средината на долниот дел на триаголникот што го формираат коските на местото каде што почнува вратот. Куршумот пробивајќи му го долниот дел од вратот му го оштетил душникот, ја закачил и обвивката на срцето и излегол назад на грбот високо кај плешката. Како останал жив е вистинско чудо. И повеќе од чудо. Првите зборови што му ги кажав беа дека од шок-соба ќе излезам пред него. И навистина излегов пред него. Цели 15 дена.
Од претходните мои доаѓања во шок-соба знаев дека неколку кревети понатаму, некаде во ќошот на собата, тивко венее Александар Серафимов. Копчарот веќе неколку дена беше заминат дома.
Кашлање крв
Истиот ден попладне, откако го преживеав алергискиот шок, забележав дека и понатаму нешто не е во ред со моето дишење. Секое земање воздух беше проследено со силни болки. Едвај дишев. Беше страшно. Дишев плитко како исплашен зајак бидејќи така чувствував помала болка. Секое малку подлабоко земање воздух за мене беше мора. Ноќна мора. А немав избор. Морав да дишам. Недостигот од воздух го надополнував со забрзано дишење. Воедно докторот ме советуваше секогаш кога ќе соберам сила да се обидувам да дишам малку подлабоко.
Морфиум
Но сепак не одеше. И покрај сите силни лекарства што ги примив, и покрај целата моја волја, сепак не одеше. Едноставно не можев да дишам. Ме болеше многу. Секое земање воздух беше хорор, секое накашлување ми се чинеше како средба со смртта. Веќе беше стемнето кога дојде еден млад, но веројатно искусен анестезиолог. Барем така ми изгледаше мене. Сестрите ме поткренаа и ме задржаа на креветот во седечка положба. Во присуство на
д-р Митко Караѓозованестезиологот ми пријде од зад грб и внимателно ми заби една игла во задниот дел на вратот, мислам дека беше директно во рбетниот столб. Ја чувствував иглата како полека се пробива низ ткивото на мојот врат. Леле колку болеше. Сега, додека го пишувам ова сведоштво, се наежувам од самото сеќавање на иглата во вратот.
Од иглата продолжуваше тенко медицинско црево, кое на другиот крај завршуваше во шприц, кој беше заглавен во некаква справа, која пак беше поставена на некаква полица закачена за креветот, високо над мојата глава. Шприцот беше полн со медицински морфиум или нешто слично. Оваa справа функционираше на некој систем со кој постојано, непрекинато, 24 часа, капка по капка, во моето тело вбризгуваше одредено количество морфиум. Бидејќи го примав директно во рбетниот столб, ми ја намалуваше болката и можев да дишам.
Целта на овој текст не е да шири омрази. Напротив, треба да ви ги приближи ужасите на војната за никогаш повеќе да не ни се повторат.
Покрај морфиумот на одредено време примав и инјекции со силно средство против болка. Се чувствував како дрогиран. Понекогаш болките целосно исчезнуваа, па дури чувствував и некаква смиреност и опуштеност. Во главата постојано си ги вртев „Purple Haze“ и „Аll along the Watchtower“ од Џими Хендрикс и неколку други фини работи, лежев и чекав да станам и излезам.
Клипот
Следните денови ми дадоа една мала пластична справа со црево и клип. Оваа справа ми овозможуваше да видам колкаво количество воздух внесувам во белите дробови. На секое вдишување клипот се движеше под дејство на воздухот. Задачата ми беше клипот да го подигнам барем до првата црта, што за мене беше многу тешко и болно. Секогаш кога ќе земев малку повеќе воздух и клипот ќе ја достигнеше препорачаната линија, белите дробови ми се надразнуваа и добивав нагон за кашлање.
Кашлањето за мене беше хорор. На секое кашлање чувствував толку силни болки што мислев дека ќе умрам. Но токму кашлањето проследено со плукање беше единствен начин да ја исфрлам крвта со која сѐ уште ми беше полно десното белодробно крило. Во меѓувреме крвта се згуснала, станала како смола, па имав чувство како да искашлувам црни парчиња од белиот дроб. Леле колку болеше. На секое искашлување имав чувство дека ќе умрам.
Обично, кога ќе почнев да кашлам, некоја од сестрите брзо ќе дојдеше до мене, ќе ме поткренеше и пред устата ќе ми ставеше пластичен сад во кој ја плукав крвта. Беше страшно, болно и гадно. Секоја чест за сите сестри од шок-соба. Беа исклучително професионални, совесни и пожртвувани. Трпеливо чекаа да прекинам со кашлањето и плукањето, а потоа ми ја бришеа крвта што ќе ми се растечеше околу уста. Ми зборуваа, ме храбреа, се обидуваа да се пошегуваат со мене само за да заборавам на хоророт што го живеам.
Музичката ѕвезда
Веќе 5-6 дена лежев во шок-соба. Од сон ме разбуди допир за моето рамо проследен со гласот на една од сестрите, која тивко ме викаше, „Стојанче, Стојанче, разбуди се“. Полека ги отворив очите. Погледнав право нагоре. Над мене беше надвисната една млада, убава, црнокоса жена. Гледав во неа и се обидував да се сетам која е. Си мислев да не е некоја моја роднина што сум ја подзаборавил. Такви роднини, со кои во меѓувреме сме изгубиле комуникација, имав многу. Упорно гледав во неа, но никако не можев да се сетам.
На сестрата не ѝ требаше многу за да сфати дека не можам да ја препознаам убавата жена што стоеше до креветот и со благ и сочувствителен поглед гледаше во мене.
„Стојанче, зарем не ја препознаваш? Калиопи!“, брзо, како на шега, додаде сестрата обидувајќи се да нè спаси од непријатната тишина.
Тогаш сфатив дека убавата млада жена надвисната над мене ми изгледа познато бидејќи не е никој друг туку лично нашата, македонска ѕвезда Калиопи. Истата Калиопи што меѓу другото пееше и на Макфест во мојот роден Штип. А јас идиот, не ја ни препознав. „Извини Калиопи, но јас слушам техно, Хендрикс и Џенис Џоплин“, ѝ кажав најискрено од срце. На тоа Калиопи слатко се насмеа. Непријатноста за миг исчезна. Разговаравме кратко, ми посака брзо оздравување, помина крај креветите на другите полицајци и замина.
Гушење
Неколку дена подоцна, добро се сеќавам дека беше доцна попладне, дишењето почна да ми се влошува. Дишев плитко, забрзано и испрекинато. Сестрите го викнаа дежурниот доктор. Дојде еден прилично возрасен доктор. Со отежнато и испрекинато зборување се обидував да му објаснам дека едвај дишам, дека дишењето ми е површно и плитко. Дека дишам само со горниот дел од белите дробови, чувствувам недостиг од воздух и гушење.
Докторот ме откачи, ми кажа дека со оглед на состојбата во која се наоѓам нормално е да не можам да дишам. Ме потсети дека ми е извадена половина од долниот лобус на десниот бел дроб и ме охрабри да не се плашам. Но не беше во прашање страв. Јас едноставно не можев да дишам и продолжував да се гушам. До ден денес живо се сеќавам на неговите зборови дека се работи за автосугестија со која само си ја влошувам и онака сериозната здравствена состојба. Тогаш веќе бев лут и се обидував да му објаснам дека јас сум малку поинаков од неговите други пациенти, дека сум добро трениран и дека со автосугестија можам само да се исправам и да станам, а не и да се убијам. Набрзина ми ставија една инјекција за смирување и докторот се повлече во својата канцеларија.
Игла за плетење
Малку потоа во шок-соба дојде мојот спасител, д-р Митко Караѓозов, кој за среќа се погоди дежурен таа ноќ и дошол да ме види. Дојде до мене, ме разгледа и пред да му кажам што било знаеше дека не сум добар. Му опишав што чувствувам. Тогаш докторот ме праша дали би можел да издржам да ме однесат до одделението за рендген за да ми направат една рендген-снимка на градите во стоечки став бидејќи сите претходни снимања ми ги правеа лежејќи во кревет со ставање на рендген-плоча под моето тело. Најверојатно квалитетот на тие снимки не беше доволно добар за дијагностицирање на маката со која се соочував. Се согласив да ме однесат на одделението за рендген. Дојде болничар со инвалидска количка, ја намести до мојот кревет. Полека ме кренаа во седечка позиција. Сестрите ги отстранија неколкуте дрена од моето тело.
Тогаш наеднаш ми се сврте. Почнав да тонам. Болничарите ме задржаа да не паднам. До толку бев слаб што без помош не можев ниту да седам. Потоа ме кренаа, ме наместија во инвалидската количка и ме симнаа во салата за рендген-снимање. Набрзина ме снимија и ме вратија назад.
Десетина минути подоцна дојде д-р Караѓозов. Ми објасни дека десниот бел дроб ми се наполнил со некаква течност, не го разбрав каква, и дека течноста е причината поради која не можам да дишам. Бидејќи ситуацијата беше алармантна, ми објасни дека течноста мора да ја извади веднаш. Всушност не ми објасни. Само ме извести. Појма немав како се вади течност од белиот дроб.
Неколку болничари и сестри се приближија до мене, ме кренаа во седечка позиција и ме држеа. Д-р Караѓозов ми пријде и извади еден шприц. Проблемот беше во тоа што шприцот не изгледаше обично ниту пак беше со нормални димензии. Иглата што се наоѓаше на крајот од шприцот мене ми се чинеше како сламка за сок. Застана зад мене. Неговите прсти почнаа да се лизгаат по моите ребра избирајќи го вистинското место за забивање на дебелата игла. Одеднаш прстите му застанаа на една точка точно помеѓу моите ребра. Почна. Чувствував како иглата се пробива низ мојот грб. Најпрво ја проби кожата, потоа месото и заврши во белиот дроб. Колку болеше е невозможно да се опише. Како болката да доаѓаше од длабочината на вселената.
Откако ја заби иглата во белодробното крило, го наполни шприцот со течност. Како што го заби, така полека го извлече надвор. Во еден мал сад како леген ја избризга течноста од шприцот. Потоа пак ме фати за ребрата. Си помислив, леле уште еднаш. Пак исто. Чувствував како шприцот полека ја пробива кожата, па месото, па белиот дроб. Овојпат болеше уште повеќе, најверојатно бидејќи знаев што ме чека. Потоа пак го извлече шприцот од мојот грб, го испразни во садот и го заби пак. Потоа уште еднаш, па уште еднаш и уште еднаш. Болката беше ужасна, но д-р Караѓозов малку по малку успеа да ја испразни целата течност од мојот исечен и шиен бел дроб. Неколку минути подоцна ми ставија инјекција и заспав.
Генерал Стојанче Ангелов
(Продолжува)