23 јуни 2001 година. НАЈКОНТРОВЕРЗНАТА БИТКА ВО 2001 – та!!!
Втор ден, напад на село Арачиново.
*Потсетување на настанот со извадоци од биографската книга за генерал Ангелов(во подготовка).
***На 23 јуни 2001 година во близина на гробиштата меѓу скопските села Брњарци и Арачиново, од нападите на терористичките групи животите ги загубија тројца припадници на полицијата: Никола Пехчевски, Александар Стојчев и Атанас Јанев. Истиот ден, полицискиот специјалец Оливер Китановски беше тешко ранет во пределот на главата и почина на 28 јуни 2001 година. Истовремено, од вооружените терористички напади на 22 и 23 јуни 2001 година ранети се 19 припадници на полицијата.***
Генерал Ангелов: На ниту еден медиум, на ниту еден портал, на ниту едно место, со ниту еден збор не е спомната најконтроверзната битка во 2001-та. А и како да биде спомната. Одамна беше. Пред цели 14 години. Но ние нѐ забораваме. Ние кои со нашата крв ја натопивме земјата македонска.
Добивме конкретна наредба да извршиме пешадиски напад на селото. Главниот напад го вршевме околу 40 луѓе од „Тигрите“ и околу 40 од „Волците“. Тоа е нападот на Арачиново. Во позадина имаше други припадници на полицијата и резервисти кои го обезбедуваа освоениот дел. Ова е денот кога бев тешко ранет. Беше напнато и жестоко. Имав неколку напади врз мене. Повеќе жестоки престрелки. Кобно беше пукањето во попладневнте часови. Никој не знае во колку часот точно сум погоден, ниту пак колку траела битката!
Пред моето ранување бевме во една куќа. По радио врска ни јавија дека во наредната куќа откриле леш. Кога стигнав во подрумот на куќата, наидовме на загинат припадник од УЧК, кој, додека умирал, неуспешно се обидувал да си ги врати цревата во расцепениот стомак. Беше здрвен, потемнет во лицето, телото згрчено, рацете му ги притискаа раскинатите црева. Облечен во црна униформа, со пушка на чиј кундак имаше изгравирано УЧК. Нека му е лесна земјата... Знаевме дека неговите бргу ќе дојдат по него. Припадниците на УЧК по ниедна цена не ги оставаа своите мртви.
Излеговме надвор и почнавме да се движиме кон другата куќа. Со уште двајца полициски старешини веднаш тргнав кон позицијата на армиските Волци која се наоѓаше во соседната куќа. Стигнав точно на средина помеѓу двете куќи.
И тогаш почна... Најпрво ракета од РПГ тресна на неколку метри од мене. Силината на експлозијата ме занесе. Куршуми фрчеа на сите страни. Одеднаш силен удар ме фрли во прашината... Истрели, рафали, експлозии, минофрлачки гранати, РПГ ракети... Упатени кон местото на кое паднав. Знаев дека веднаш морам да исползам на безбедно. Пробав да замавнам со десната рака, не ја чувствував, не можев да ја помрднам. Ме фати блага паника. Се сетив на ранувањето на Дејан Копчаревски. Раката му беше скината во подлактицата. Помислив дека ми е скината десната рака и ја фатив со левата. Напнав со сета сила... Во истиот момент силен млаз од крв ми излета низ уста. Хорор... Додека крвта со силни млазеви ми истекуваше низ уста, сфатив дека умирам. Заедно со крвта од мене истекуваше и животот. Знаев дека ако се онесвестам ќе умрам од самозагушување со крв. Бев како заклан. Ползев. Реално сум се поместил едвај едно метро. А имав чувство како да сум исползил дваесеттина метри. Се движев, бев активен, не се предадов. Не чекав смртта да ме земе. Не чекав некој да ме спаси или да умрам. Запнував цело време, гледав самиот да се извлечам. По нападот врз мене „Тигрите“ и „Волците“ возвратија на терористите.
За ова многу пати размислував. Ја имам преживеано истата сцена. Без да ми предизвикува било каков страв и без флешбекови. Се соочувам свесно со сцената.Умирав а не сакав да верувам дека ќе умрам. Едноставно веќе не можев. Не можев да се помрднам. Се олабавив и се сетив дека е сабота, во мислите ми се појави мојата малечка ќерка Каролина која наредниот ден требаше да го прослави својот втор роденден. Наместо да бидам покрај неа, јас претав како заклано животно, умирајќи во арачиновската прашина. Нема тунели, никакво бело светло. Се борам до последната секунда додека сум жив.
Во еден миг до мене дојде Цобе (сегашен директор на СГС) и проба да ме повлече. На првото негово повлекување почувствував ужасна болка.Така ја губав свеста, тонев, знаев дека ако се онесвестам сигурно ќе умрам. Крвта ќе ме загуши. Во главата постојано ми одзвонуваше дека мора да останам свесен. Ако ја затворев устата, немаше да можам да ја искашлувам крвта. Ќе се загушев. Наместо воздух, ќе вдишев крв. Дишните патишта до грлото ми беа полни со крв. Исфрлав крв. Кога ме однесоа во болница јас бев целосно искрвавен, буквално целата крв ми истече. Дијагнозата ми е хеморагичен шок, искрвавеност до смрт.
Дотрчаа Рекс и Пеле (сегашен командант на ЕБР). Цело време имаше жесток оган врз нас. Ме носеа во раце и со секое движење на телото мислев дека паѓам во несвест. Чувствував големи болки. Им реков да ме исправат на нозе. Ме држеа под пазуви. По радио врска Куријата (сегашен заменик командант во ЕБР) слушнал дека сум ранет и дојде со хермелинот. Проблем беше да се качам во оклопното возило. Моите специјалци ми помагаа. Со левата рака се фатив за рачката и успеав да се подигнам. Никој не веруваше дека ќе останам жив. Многу крв ми истече. Куријата нагазна на хермелинот. Кај бензинската пумпа „Давос“ ме префрлија во санитетското возило на специјална. Медицински персонал беа двајца специјалци. Возилото го возеше Зоран Манов (подоцна почина, заради силни стресови во војната) и Нинџа кој постојано повторуваше „заменик немој да умреш!“. Беше исплашен, мислеше дека сум готов.
И, се случи чудо. Останав жив... Жив но осакатен. Куршумот минувајки низ градниот кош го пробил моето десно белодробно крило, кинејки ја притоа најголемата артерија, поради што настанало обилно крварење. Доктор Митко Караѓозов, благодарение на кого денес сум жив, морал да отстрани дел од моето десно белодробно крило, со метална жица ми ги врзал двете скршени ребра, од кое едното скршено на две места, но било невозможно од моето тело да се извадат повеќе од пеесетина ситни шрапнели од бакарната кошулица на куршумот.
Кога ме сместија во шок соба, забележав дека две гумени црева излегуваат од мојот граден кош. Гледав како преку нив непрекинато се цеди крв. Со денови крвта, капка по капка, истекуваше од мојата утроба. Бев под 24 часовна терапија со морфиум. Секое земање на воздух за мене беше страшно искушение. На моменти ми се идеше да престанам да дишам. Колку само ме болеше. А кога ќе се накашлав... Мислев дека ќе умрам. Четвртиот ден осакатениот бел дроб ми се наполни со некоја течност. Др. Митко Караѓозов дојде со еден шприц, кој мене ми изгледаше голем колку игла за плетење. Без да ми стави опојка, ми го заби шприцот во грб. Чувствував како иглата ја пробива кожата, го пробива месото, се зарива во белиот дроб... Колку само болеше...
Преживеав вкупно десет пеколни денови во шок соба. The horror…
Останав уште 7 (седум) дена на домашно лекување. Осмиот ден, спротивно на сите медицински правила, се вратив на работа, ја облеков мојата црна униформа и го земав моето оружје.
И покрај ваквата повреда, горд сум што можам да се пофалам дека денес, и покрај постојаните болки во дијафрагмата, јас сум во состојба да направам повеќе од 50 склекови, барем 10 згибови на вратило, со рака можам да скршам најмалку 5 ќерамиди, со глава не сум сигурен, ми тече крв
***Акцијата во Арачиниво беше неприродно прекината. Воените сили на т.н. ОНА мистериозно беа извлечени од селото. Од страна на претставник на силите на НАТО во Македонија беше составен договор за прекин на огнот. Не е обелоденето дали Владата на Република Македонија поседува документ потпишан од командантот на т.н.ОНА – Али Ахмети. Одговорот на политичкиот врв беше дека кризата во Македонија не може да се надмине со воена опција туку единствено со политички дијалог. Безбедносниот врв беше ставен во служба на моменталната политика. Наметнатиот прекин на вооружените операции предизвика револт кај иселените Македонци од селото Арачиново и кај безбедносните сили. И покрај предавството на политичкиот врв, моралот на безбедносните структури беше на високо ниво. Имавме среќа... ***