http://www.mkd.mk/kolumni/zoshto-makedonija-se-chuvstvuva-porazena-od-vojnata-vo-2001
Зошто Македонија се чувствува поразена од војната во 2001?!
Помина 16 февруари во уште едно потсетување дека на овој ден пред 14 години почна војната во Македонија, откако ОНА почна со окупација на албанските села покрај границата.
Истиот ден кај селото Танушевци, новинарска екипа на А1 телевизијата беше заробена од вооружени припадници на ОНА.
Се разбира, ДУИ ја одбележа годишнината и притоа во свечените говори Али Ахмети и Хазби Лика кажаа дека не се задоволни од она што го имаат сега и дека идеалот сеуште не е остварен. Значи, 14 години по војната, иако Албанците добија практично сè, а Македонците изгубија многу, сепак, ништо не е променето и верувам дека не постои човек кому не му е јасно на кој неостварен идеал мислат Ахмети и Лика-голема Албанија во која влегуваат и територии на Македонија. Притоа, челниците на ДУИ ја потенцираа и херојската победа на ОНА?!
Меѓутоа, во интерес на историјата, за која победа зборуваат Ахмети и Лика, ако се знае дека во тоа време припадниците на ОНА можеа да бидат решени многу брзо. Службата за државна безбедност (СДБ) знаеше практично сè, за почетните 500-700 терористи на ОНА кои се одметнаа во планините - колку се, каде се, зошто се таму, нивната вооруженост, и истите како виртуелен противник не претставуваа опасност оти немаа кадар, ниту можности од логистички аспект да водат борба со поголем капацитет.
Зошто тогаш Македонија се чувствува поразена и посрамена од воената 2001, од која произлезе рамковниот договор, кој, и понатаму останува длабоко трауматичен за македонската национална свест.
Прво, за време на војната отсуствуваше толку значајното политичко единство. Двете водечки македонски партии само се кодошеа кај меѓународните претставници, со цел да ја зголемат својата моќ против својот политички ривал. Залудени од ова, тие не можеа да проценат дека со ваквите активности истовремено го разбиваат домашното единство, кое е клучната брана против секаква закана. Наместо единство, дозволија да надвладеат личните интереси и амбиции, кои немаат врска со одбраната на земјата. Така, за време на војната, двајцата клучни македонски министри - за внатрешни работи и за одбрана, манифестираа однесување на војсководци на две спротивставени вооружени формации. Идните генерации еден ден ќе бидат вчудовидени, како е можно 30-илјадната македонска војска и полиција што ја имавме во 2001, денеска да се чувствува поразена, а наспроти себе имаше на почетокот од 500-700 терористи, кои можеше да ги реши уште во првиот момент. Меѓутоа, за жал, политичките сценарија и внатрешните предавства го оневозможија вистинското дејствување на македонските безбедносни сили и затоа Македонија фактички самата се победи во војната. На пример, во битката за Арачиново на почетокот загинаа тројца полицајци, но не во борба од албанските терористи (како што е официјалната верзија на настанот), туку загинаа од армиска граната на АРМ. Невидена бламажа-македонски војници и полицајци се испотепаа сами меѓу себе, бидејќи не си ги знаеја координатите.
Второ, во најкритичниот период за државата, за советник за национална безбедност на претседателот на државата се поставува Никола Димитров, кој во тоа време е штотуку излезен од училишните клупи на Правниот факултет и кој воопшто ги нема потребните компетенции од оваа област. Уметноста на советувањето за вакви чувствителни прашања не е нешто што може да се научи само со читање книги, туку искуството во вакви околности е сè уште најдобриот учител. Да се прочита книга и да се советува претседателот како да се добие војната, е можно исто толку колку што е можно да се добие фудбалски натпревар само со читање на фудбалско упатство. Другиот советник за национална безбедност во тоа време е целосно некомпетентниот партиски апаратчик Стево Пендаровски, кој сега ни го продаваат за некаков експерт, а покрај некомпетентноста, во тоа време играше поданичка антимакедонска игра. Но, за ова, во друга пригода кога ќе дојде до порелаксирани политички односи во земјата. Како резултат на ваквите „совети” на Димитров и Пендаровски, не треба да не чуди зошто поминавме така како што поминавме.
Трето, за време на војната (замислете!), МВР во април 2001 тргна со реформи и намалување на обемот и надлежностите на СДБ иако за време на војна надлежностите на безбедносните служби се зголемуваат. За споредба, за време на терористичките напади во Њујорк на 11 септември 2001 година, тогашниот американски претседател издаде наредба за зголемување на надлежностите на американските тајни служби, за да можат да приведуваат, следат и прислушкуваат, без да чекаат судски налог! И во САД тогаш се побунија невладините за заштита на човековите права, но, во обраќањето до нацијата, американскиот претседател истакна дека тоа го прави заради заштита на националната безбедност на САД. Анкетата на јавното мислење покажа дека Американците во огромно мнозинство ги подржуваат мерките на нивниот претседател во напорите да им обезбеди сигурност, иако притоа го крши Уставот со споменатите овластувања за американските тајни служби.
Четврто, Срѓан Керим, како наш претставник во ООН ќе ја „преспие” воената криза, непреземајќи ниту една позначајна активност, а не се обиде ниту да ги анимира Македонците на континентот каде што амбасадоруваше, нешто, како што се виде од аспект на т.н. албанско лоби во странство, секако имаше свое значење, но, на Керим не му пречеше да се луксузира за време на војната во Њујорк во апартман од 15.000 долари месечно на државна сметка. Со еден збор, надворешната политика за време на војната е речиси комплетно промашување и носи значаен дел од одговорноста. Дури, Керим во еден момент ненадејно дезертира и ќе премине кај своите германски ментори од Пактот за стабилност за Југоистична Европа, а подоцна во компанијата ВАЦ, со задача во Македонија да остварува специфични политички цели. Значи, ја остави Македонија на цедило во ОН, иако правилата налагаат, штом веќе решил да се повлекува, да даде најава најмалку три месеци порано, за да може државата соодветно да реагира за назначување нов дипломатски претставник. Со еден збор, Керим ја погази довербата што Македонија му ја укажа во 2001 како амбасадор во ОН.
Петто, во СДБ недозволиво се бришеа безбедносно-интересни лица од евиденциите, а соработничката мрежа од редот на Албанците му беше доставена на албанскиот политички фактор во земјата. Ова особено ќе биде зачестена појава на неколку месеци пред војната, кога секојдневно се доставуваат телеграми за информирање до агентурата во СДБ, дека спомнатите лица се бришат од евиденциите на СДБ. За појаснување, бришењето на лица од евиденциите на СДБ, значи дека т.н. бришани лица повеќе не се интересни и во иднина не треба да се преземаат какви било оперативни активности спрема нив. А од увидот во списоците за бришење, се доаѓа до фрапирачко сознание дека т.н. бришани лица како неинтересни за СДБ, всушност покасно беа експонираните команданти на ОНА за време на војната.
Шесто, т.н. албанска страна за високи хонорари беше советувана од познати и признаени странски експерти од областа на меѓународното право и политика, а и одредени меѓународни посредници во конфликтот добиваа високи парични надоместоци од албанскиот фактор. Во овој контекст, мошне неумесни и дегутантни беа изјавите на македонските политички водачи, дека финансиски „силното” албанско лоби одиграло битна улога во настаните, „заборавајќи” дека сме организирана држава со соодветни структури и сопствен буџет, со кои можеше барем многукратно да им се парира на посочените финансиски активности на албанскиот фактор.
Седмо, СДБ уште во текот на 2000 имаше целосни оперативни сознанија и податоци дека во Македонија се подготвуваат терористички дејства на ОНА. Постоеја конкретни информации во СДБ за секој чекор на албанските екстремисти, дека вршат подготовки, вооружување и обука на припадници на албанско население за терористички дејства и за кревање на вооружено востание со конкретни списоци на паравоените формации. За ова, извештаи редовно преку МВР се доставуваа до претседателите на државата, собранието и владата. Оттука, сега од дистанца, звучи шокантно ако се знае дека тогашниот премиер не прочитал сериозен извештај од СДБ, која ќе го предупреди дека ќе дојде до бунт на Албанците. Произлегува дека биле криени информациите од тогашниот премиер за групите што подготвуваат војна во Македонија, нешто што фрла нова светлина за воената 2001. Првиот човек на владата имаше уставна обврска да го брани територијалниот интегритет и суверенитет на државата.
Осмо, работите стануваа појасни ако се знае дека во тоа време МВР брзопотезно доби дури 11 полициски генерали, иако поголемиот број од нив не заслужуваа и не ги исполнуваа определените услови за тоа, односно, првпат да се добие чин и тоа веднаш генералски. Меѓу тие генерали имаше и такви кои на редовните годишни вежбовни гаѓања со оружје, не знаеја, на пример, да расклопат пиштол. МВР се доведе во една смешна ситуација, народски кажано, да има повеќе генерали отколку борци, со оглед на бројноста на нашата полиција. Полтронството и сервилноста беа етаблирани за врвни принципи на однесување во безбедносните структури. Зборовите го изменија своето вистинско значење, па така сервилноста се сметаше за квалитет; знаењето, чесноста и патриотизмот кон сопствената држава претставуваа недостаток; залагањето за доследно почитување на правната држава се сметаше за изговор да не се преземе ништо; авантуризмот се прикажуваше како храброст...
Девето, на крајот, најлесно беше да се замајува јавноста дека странците не ги сакат Македонците, а дека премногу ги сакаат Албанците. Останува запишано дека до април-мај 2001 година имавме одврзани раце да се пресметаме со ОНА. Наместо внатрешно единство за одбрана на земјата, се креираа политички сценарија од политичките актери со кои земјата беше втурната во пораз. За волја на вистината, странците направија пресврт во војната, но, дури во месец јуни кога го измислија Арачиново за да се присили македонската страна на политички преговори, односно да се прекинат воените дејствија и на поинаков начин да се решава кризата, по цена на сите понижувања на безбедносните сили кои храбро го бранеа територијалниот интегритет.
Десето, Како круна на се, на местото претседател на државата и врховен командант го имавме најлошото можно решение во тој судбоносен момент за Македонија.
Со еден збор, Македонија се чувствува поразена најмногу поради стратегиските грешки и несоодветниот тактички приод кон настаните, на што во голема мера му кумуваа внатрешните политички надмудрувања и интриги, доминацијата на личниот над државниот интерес, незнаењето, тајната дипломатија, разузнувачкото „приклештување” на одредени битни личности во војната, извршената кадровска диверзија во најчувствителните државни органи и слично.
Заради тоа, треба да се извлече поука - Што не треба да прави Македонија, доколку повторно биде вовлечена во нова војна? А, од однесувањето на Албанците произлегува дека не мислат на ништо друго, освен на методите на повторно војување. Оттука, прави голема грешка секој оној што мисли дека бројните привилегии што ги добија екс-командантите на ОНА како високи државни личности, ќе предизвикаат кај нив заборав на старите соништа за реализација на идејата за голема албанска држава, а за кој неостварен сон зборуваа на 16 февруари Али Ахмети и Хазби Лика на собирот на ДУИ по повод 14 годишнината од војната во Македонија.
Јанко Бачев