ЈАГНЕШKОТО МЕСО ЗА ПРЕТСТОЈНИТЕ ПРАЗНИЦИ ЌЕ СОБОРУВА РЕKОРДИ
Македонското јагне заврши на италијанската трпеза
Македонското јагне годинава заврши на италијанската трпеза. Пред католички Велигден се извезени рекордни 120.000 јагниња. Предвелигденски по нашите месарници речиси и да нема јагне. Таму каде што го најдовме, моментната цена е околу 350 до 370 денари, но се најавува дека наредната недела јагнешкото месо за на велигденската трпеза ќе соборува рекорди. Не се исклучува килограм да се продава и по 500 денари.
Наместо дебакл како што се најавуваше мината недела до кога беа извезени само 56.000 јагниња, кланиците во последнава недела пред католичкиот Велигден успеаја да го удвојат извозот на европскиот пазар. Според информациите од Ветеринарната инспекција, до трети април се извезени 120.059 јагниња или над 1,1 тон јагнешко месо. Најмногу, над 94.000 јагниња, завршиле на италијанскиот пазар, околу 10.000 јагниња кланиците успеале да пласираа во Грција, околу 14.590 јагниња во Хрватска и околу 1.100 јагниња во Црна Гора.
Иако изгледаше дека македонското јагне годинава ќе заврши дома, сепак во последната недела пред католичкиот Велигден кланиците успеале да преработат и да извезат големо количество јагнешко. Kланиците беа незадоволни оти сточарите чекале до последен момент цените да пораснат, а во меѓувреме и јагнињата натежнале - станале овци.
Продажба во последен момент
Дел од кланиците се во страшна загуба од тоа бидејќи имале нарачки, а и откупувале по повисоки цени од пазарните.
-Нашето јагне е барано, но нашата цена беше превисока за странскиот пазар. Сточарите чекаа последен момент со надеж дека тогаш ќе се покачат цените. Мислеа дека последните денови ќе бидат астрономски цените, но се случи спротивното. Италијанците престанаа да земаат, Грците воопшто не земаа. Kога ние ги молевме да ја даваат стоката, тие ја држеа. Јагнето стана крупно и тешко. Мината година имаше 22 дена извоз, беа заклани сите јагниња и се извезоа - вели Сашо Ричлиев од струмичката кланица со ладилник, која е една од четирите во земјава кои извезуваат во странство.
Тој информира дека секоја година ги молат сточарите да ги предадат јагнињата кога ќе стасаат до 20 килограми. Потоа е тешко за продажба, ем цената е помала ем квалитетот не е тој.
- Годинава јагнињата достигнаа над 30 килограми, имаше и до 34 килограми жива мера. Лани овој период само од нашата кланица имаше извезени 55.000 јагниња, а до пред една недела извозот беше толкав од цела Македонија. Сточарите се жалеа дека храната е скапа. Но како можат Бугарите, Романците да ги даваат по пониски цени, односно да произведуваат поевтино кога храната и кај нив е исто скапа. Ние ги откупувавме јагнињата по цена од 160 до 180 денари за килограм, а просечните цени на италијанскиот пазар беа од 2,20 до 2,40 евра за килограм - вели Ричлиев.
Месарниците без јагнешко
Во нашите месарници с` уште нема јагнешко месо. Најавуваат дека ќе добијат до крајот на неделава, по цена од околу 6 евра за килограм. Kако ќе оди цената на јагнешкото и дали ќе има наредната недела не знаат, но коментираат дека можно е таа да се вивне до 500 денари за килограм.
-Во моментов немаме јагнешко. Треба да добиеме, така ни најавија, по цена од 370 денари за килограм. Kолку ќе биде цената наредната недела, не знам. Можно е да стигне и до 500 денари, оти нема јагнешко – велат по поголемите месарници низ главниот град.
Граѓаните, пак, се револтирани и велат дека ако треба, велигденските празници ќе ги поминат и без јагнешко.
- Македонците чекаат да дојде празник да ги качат цените, додека другите тогаш ги спуштаат. Да дадам минимум 1.000 денари за мало јагнешко бутче за мезе за велигденската трпеза, немам намера. А планирав цело семејство да се собере и да земам мало јагненце. За тоа ќе ми требаат најмалку 50 евра, а тоа е третина од мојата пензија – вели пензионерката Благица, која ја најдовме на едно зелено пазарче.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=88D86B2304A90841835C8DDA8C1FA195