Reprezentacii
РФМ ОДБРА НОВ СТРУЧЕН ТИМ ЗА МАШКАТА СЕНИОРСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Стрезовски нов селектор
Гино Стрезовски е новиот селектор на македонската сениорска репрезентација. РФМ вчера ја објави оваа вест дополнета со Илија Темелковски, кој ќе биде тренер на репрезентацијата и со списокот од 19 ракометари кои во понеделник ги почнуваат подготовките за квалификациите за пласман во баражот.
Гино Стрезовски бил селектор на јуниорската репрезентација на Македонија и на женската сениорска репрезентација на Македонија. Патем со женската сениорска репрезентација нема одиграно ниту еден натпревар. По тоа работеше во најдобрите македонски клубови, со Вардар има двојна круна, а со Металург две финалиња.
Илија Темелковски во моментов работи како тренер на Пролет, откако се врати од Бугарија. Темелковски е најуспешниот македонски селектор. Со јуниорската репрезентација на Македонија освои 4. место на Европското првенство кое се одржа во Полска. Стрезовски и Темелковски доаѓаат на местото на Зоран ЖивковиЌ и Стојан Петрушевски кои не успеаја во квалификациите да ја минат репрезентацијата на Унгарија. Не би требало да има никакви проблеми околу соработката меѓу Стрезовски и Темелковски.
Првичниот избор на споменато дуо носи некои промени, во играчкиот кадар. Најголема промена се чини дека е неповикувањето на поранешниот капитен Иван Марковски во тимот. Не е повикан и голманот на Трембле, екс-Пелистер, Петар Ангелов, но по неговото недоаѓање на мечевите со Унгарија тоа и беше за очекување. Раде Стојановиќ е повратник во репрезентацијата. Владимир Митков, кој според извештаите е еден од носителите на второлигашот Вилштат-Шутервалд од Германија, и овој пат остана во втор план, зад Лазаров и Мајнов на десната бековска позиција. Во екипата го нема ниту Ацо Јоноски. Тој сега игра во Швајцарија, но имаше проблем со повреда и можно е да е тоа првата причина што сега го нема меѓу 19 ракометари. Иван Телепњев од Младост, кој беше натурализиран пред баражот со Унгарија, обезбеди место во поширокиот состав. Од генерацијата која Темелковски ја воедеше во Полска во игра се само Борко Ристовски, Филип Миркуловски и Филип Лазаров. Горан Кузманоски, Владимир Тасевски и Митко Стоилов, кои во тоа време беа важни играчи во тимот не се во комбинација за овој репрезентативен состав.
Македонија во квалификациите ќе се сретне со тоталниот аутсајдер Кипар, нешто подобрата селекција на Естонија и топ-фаворитот за првото место во групата, репрезентацијата на Чешка.
"Се договоривме за двегодишна соработка со директорот на репрезентацијата Михајловски. Сето ова нормално мора прво да мине на УО. Имам размислувано за стратегија со која македонската репрезентација би можела да излезе од кризата, ќе бидат вклучени повеќе играчи, некои од нив во моментов не се на списокот, но би можеле наскоро да бидат репрезентативци. Има пред нас, многу работа, наскоро ќе можам да зборувам и за повеќе детали", изјави селекторт Гино Стрезовски.
МАКЕДОНИЈА
Петар Мисовски Голман Нит-Хак (Норвешка)
Борко Ристовски Голман Теукро (Шпанија)
Зоран Петковски Голман Вардар Про
Стевче Алушевски Л.Крило Вардар Про
Владо Недановски Л.Крило Вардар Про
Александар Јовиќ Д. Крило Ф.Бриксен (Италија)
Владимир Темелков Д.Крило Вилштат (Германија)
Наум Мојсоски Центар Вардар Про
Марјан Колев Центар Замет Риека (Хрватска)
Филип Миркуловски Центар Металург
Бранко Ангеловски Л.Бек/Центар Металург
Кире Лазаров Д.Бек Веспрем (Унгарија)
Лазо Мајнов Д.Бек Трембле (Франција)
Кире Атанасовски Л.Бек Вилфранш (Франција)
Раде Стојановиќ Л.Бек Голд Клуб (Словенија)
Иван Телепњев Л.Бек Младост
Лазаров Филип Л.Бек Металург
Ванчо Димовски Пикер Металург
Александар Зарков Пикер Пелистер