ОДЛИЧЕН ПОЧЕТОК НА ТУРНИРОТ ВО СТОЖИЦЕ
Одбојкарите блеснаа: Македонија ја „разнесе“ Летонија
Објавено:
23 мај, 2014 22:02 часот
Најдобрите македонски одбојкари, конечно, го покажаа својот најсилен сјај и ја остварија првата победа во втората квалификациска фаза, со 31-29, 25-19, 25-17 против Летонија.
Во првиот натпревар од квалификацискиот турнир во арената Стожице, во Љубљана, Македонија ја „преслуша“ Летонија без да загуби сет и уште еднаш потврди дека не ѝ е местото во најнискиот континентален ранг.
Само пет дена откако загубивме со 3-1 во Вроцлав од Летноците, имавме шанса да се реваншираме, но не изгледаше така во првите минути од вечерашниов дуел. Македонија почна лошо, со негатива од 1-5 и 3-8 на првиот технички тајмаут. Меѓутоа веднаш по него, момците на Жарко Ристоски направија серија од 4-0 и се вратија резултатски. Водството го презедоа по вториот технички тајмаут, а потоа следуваше вистинска драма. Ја искористија дури седмата сет-топка за да поведат со 1-0, откако претходно одбранија две.
Првиот сет, како да беше пресвртница за тоа која репрезентација ќе ја преземе контролата во продолжението. Македонија комплетно доминираше. Во вториот го презеде водството уште пред првиот технички тајмаут, а на вториот веќе имаше 16-11. Во третиот сет Летонците држеа неизвесност до вториот задолжителен прекин (16-15), но до крајот на сетот нашите момци направија 9-2 и во голем стил го затворија мечот.
Со овој триумф Македонија е на добар пат да го избегне последното место во групата А сепак, за да го освоиме второто место кое води во баражот за ЕП, потребно е да чекаме Словенија непланирано да загуби бодови, како што денеска непланирано ги освои. Ја совлада Полска во пет сета (20-25, 24-26, 27-25, 26-24, 15-11) и драстично си ги зголеми шансите.
Утре Македонија игра токму со Словенците, во 16 часот и ако успее да победи, ќе чека уште еден пораз на домаќинот, од Летонците в недела, за да се надева на сензационално второ место.
ТАБЕЛА
1. Полска 10 (11-4)
2. Словенија 6 (10-9)
3. Македонија 4 (6-9)
4. Летонија 4 (5-10)
http://sportmedia.mk/odbojkarite-blesnaa-makedonija-ja-raznese-letonija/