ЕКОНОМИЈА
Лани раст од 2,7 отсто, Владата се фали, експертите порачуваат трендот да не се загуши поради изборите
Заживува ли конечно економијата – за последните три месеци од лани Статистика измери раст од 3,7 отсто. Владата се фали, експертите сугерираат на внимателност.. Откако во првиот квартал БДП порасна минорно, за само 0,9 проценти, а во наредните два тој се зголемуваше за по три отсто, со бројката од последното тримесечје растот за 2018 се позиционира на просечни 2,7 проценти, откако претходната 2017 заврши практично со стагнација.
Главниот мотор на растот овој пат е секторот кој претходно беше причина за слаби резултати, градежништвото. По значаен пад во првите три квартали, во четвртиот конечно плус, од 19,6 отсто. И бруто инвестициите во позитива, иако растот е уште слаб, 1,6 отсто.
Дури пет економски министри пред јавноста го споделија задоволството од најновите бројки, велат тоа е одраз на нивните правилни економски политики и спроведени мерки.
„Тоа кажува дека точно знаеме што правиме и во кој правец ја носиме економијата, ја покажува посветеноста на Владата и точната визија, како и добро одмерените мерки во сите сектори, кои веќе даваат резултат. Очекувам светла иднина за македонската економија, таа станува атрактивна и за домашните и странските инвеститори“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Фактот што ланскиот раст е најблизок до предвидениот од Владата од 2,8 проценти, за првиот финансиер Тевдовски е доказ дека Финансии направило реални проценки. За него најбитно е што растот е воден од приватниот сектор, а не од државни интервенции како порано.
„Нашата фискална политика овозможи поддршка за повисоки плати, повеќе вработувања и зголемени инвестиции. Ова е постигнато со дисциплинирана фискална политика, со буџетски дефицит од 1,8 отсто од БДП и стабилизиран јавен долг од 48,7 отсто“, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.
Растот на градежништвото за министерот Сугарески е доказ за добрата реализација на капиталните проекти, очекува тие да забрзаат годинава откако е отворена градежната сезона.
„Се реализираат капитални проекти од над 1,2 милијарди евра, тоа е доказ дека градежниот сектор се враќа на старите стапки на раст и граѓаните ќе ги почувствуваат ефектите“, вели Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
За експертите растот и конечното забрзувањето на капиталните инвестиции е позитивно, но советуваат Владата да не го загуши поради изборите.
„Забрзувањето на инвестициите е варијабилно, некогаш може да не значи ништо, сугестија е да се искористат првите сигнали и да не се дозволи претстојните избори и политички турбуленции да го прекинат овој позитивен тренд“, вели Благица Петрески, Фајнанс тинк.
Гледано во просек, лани бруто инвестициите имаат пад од 7,2 отсто. Ако се гледа по сектори, значаен раст има и кај уметноста, забавата и рекреацијата за 18,7 отсто, а трговијата пораснала за 9,2 проценти. Градежништвото просечно има раст од само 0,2 отсто. Позначаен минус има за 2018 кај земјоделството, за 5 отсто.
Расетеле и јавната и приватната потрошувачка, извозот со повисока стапка од увозот.
Паралелно и невработеноста бележи пад, за прв пат ја пробива психолошката граница од 20 отсто и во последниот квартал се сведува на 19,4 отсто невработени. Тоа значи дека лани имало 26 илјади и 600 нови вработувања, вели власта.
За оваа година Владата очекува раст од 3,2 отсто, но тој се очекува и да забрза поради приближувањето кон НАТО и Европската унија.
Нина Нинеска Фиданоска
Објавено на 8 март, 2019 во 16.08 ч.
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
@Prof. Josef стотче ми должиш!