Sticks and stones can break yopur bones, the carrot is given, where is the stick?
Колку се реални очекувањата во Македонија дека до крајот на 2006 ќе почнат преговорите со ЕУ за рамноправно членство е најчесто поставуваното прашање по нејзината кандидатура. Ако се тргне од буџетот за периодот од 2007 до 2013 година, иако сў уште не е детализиран нема многу место за оптимизам. Според генералната рамка произлегува дека во тој период ЕУ го вкалкулирала само приемот на Бугарија, Романија и Хрватска, што веројатно ја објаснува изјавата на еврокомесарот за проширување, Оли Рен, дека нашиот статус нема да повлече никакви буџетски консеквенции за земјите-членки на Унијата. Сепак, прогнозите за проширувањето на ЕУ досега се покажаа како неблагодарна работа и иако досега земјите истрчуваа напред со процените за прием, на Македонија, по сў изгледа, Ј се случува друг феномен, па нејзиниот прием се проектира многу подалеку како резултат на притисоците во Унијата да се преиспита правецот, темпото и обемот на проширувањето. Последните информации од Австрија, како иден претседавач на Унијата, сугерираат дека преиспитувањето на проширувањето тешко ќе се избегне идната година, но каде ќе ја одведе тоа Македонија и колку ќе ја забави нејзината евроинтеграција, никој во моментов не може да одговори.
Она што е судбинско прашање за нас во моментов е дали е можно Брисел да ретерира од ветувањата што ги даваше досега за перспективата на Македонија, или цената ќе се плати само со одолжување на преговорите и приемот. Вицеперемиерката Радмила Шекеринска очекува основа за таа расправа во Австрија да биде Стратегискиот документ усвоен минатиот месец од страна на ЕУ, но немаше сў уште сознанија што сака Париз да вметне во него.
Според неа, можно е Франција да побара постигнувањата на земјите-кандидати, како Македонија, да бидат подложени на двојна контрола, т.е. да не ги оценува само Европската комисија туку и Европскиот совет, каде што земјите имаат подиректно присуство и влијание. Втората опција, според Шекеринска, е Париз да инсистира на враќање на регионалниот пристап во проширувањето, нешто што беше навестувано во изјавите дадени пред и по самитот минатата недела. "Ова е најопасното нешто што може да ни се случи сега, по добивањето на кандидатскиот статус", оценува таа, додавајќи дека со таков пристап реално ќе нў вратат назад, откако некако се оттргнавме од регионот.
Извори од ЕУ тврдат дека расправата за проширувањето, без оглед што беше спомната во завршниот документ од самитот, нема да биде експлицитна задача на австриското претседателство што ја посакува, но не сака во неа да го втурне Балканот. Пред неколку дена австриските функционери заедно со претставници на Финска, како следен претседавач со Унијата, презентираа координирана програма за активности наредните 12 месеци и во него не се најде дебатата за темпото, обемот и целта на натамошното проширување на ЕУ. Она што се најавува засега како сигурно од Виена е неформална министерска средба на оваа тема на крајот на март во Салцбург, од која не се очекува да произлезат некакви документи, а уште помалку пак нова стратегија за прием. Може ли таква расправа и на тоа ниво да биде одговор на притисоците од Франција и неколку други земји на Унијата, кои сметаат дека проширувањето е надвор од контрола, дека ЕУ ги достигна своите лимити и дека секој чекор во овој правец во иднина треба добро да се оправда и подготви?
Кажано на друг начин, овие земји очекуваат од Австрија да отвори темелна расправа за апсорпциониот капацитет на Унијата, за институционалната криза внатре и за нејзините финансиски и физички граници, која македонската евроинтеграција може да ја врзе со иднината на Уставот. Аналитичари од Брисел оваа 2005 година ја прогласија за најлоша година во полувековното постоење на ЕУ, а луксембуршкиот премиер Жан Клод Јункер го опиша тоа со зборовите: "ЕУ не е во криза. Таа е во длабока криза". Колку и да изгледа изолирано нашата агенда од таа на Унијата, случувањата на последниот самит покажаа дека кризата во Брисел на големо ќе ги диктира настаните и потезите кон Македонија.
Брисел досега го неутрализираше заморот од проширувањето со заострена реторика, а генерално настојуваше да се одржи темпото со промоција на нови поригорозни услови што треба да ги смират скептиците во Унијата. Во Стратегискиот документ во ноември тој ја преформулира својата стратегија кон земјите од регионот, но една од првите одредби во него беше дека ЕУ мора го зачува кредибилитетот и да опстои на преземените обврски. Во него е вклучена "мапа за патот кон ЕУ" во која се наведени неколку нешта: "ЕУ не може да ја заборави својата одговорност за безбедноста, стабилноста и просперитетот на Балканот, каде што реформскиот процес сў уште е кревок. Мора да се има предвид капацитетот на ЕУ за прием на нови членки, но и да се зачува моментумот на проширувањето. Нема да има натамошно групно проширување на повеќе земји во исто време, туку прогресот на секоја земја ќе зависи од нејзините постигнувања во исполнувањето на ригорозните услови. Унијата мора да осигури дека ќе ја зачува својата способност да дејствува и да одлучува со фер баланс во институциите, со респектирање на буџетскиот лимит и со имплементирање на заедничката политика. Унијата мора да биде ригорозна во барањето да се исполнат критериумите, но и да ги награди тие што ќе го сторат тоа. Тогаш кога една земја ќе ги исполни условите за одредена фаза од интегрирањето, ќе оди на следната, но ќе биде вратена назад ако прекршила сериозно некои од фундаменталните принципи на Унијата".
На крајот се вели нешто што е во согласност со барањата за потемелна расправа околу проширувањето, односно дека ЕУ треба подобро да ги утврди целите и предизвиците на проширувањето, а преспективата што ќе им ја понуди на кандидатите за членство да се базира на објективни услови и реалистични ветувања. Оваа рамка, која е најпрецизна и најригорозна кон кандидатите за прием досега, не ги задоволува очигледно барањата на Франција, која сака ЕУ да си даде време за целосно самопреиспитување, што и да значи тоа. Бројот на земјите што ја поддржуваат таквата диоптрија е сў поголем, бидејќи е сў поголем и скептицизмот во јавноста во ЕУ околу проширувањето.
Процените се дека, и да се повлечат некои драстични потези на овој план, нема шанси ЕУ да ја затвори вратата за Македонија и за регионот.