Нимиц предложи формула за решавање на спорот
Метју Нимиц вчера на Македонија и на Грција им предложи формула за решавање на спорот. Во документот на Нимиц што ви го обелоденуваме стои:
Домашно име: Република Македонија, за домашна употре*а на кирилско писмо.
Меѓународно име: Република Македонија (Скопје) во aнглиска верзија, што значи „Republic of Macedonia (Skopje)“.
Во билатерална употре*а: се препорачува меѓународното име, со тоа што за државите кои во моментов го употребуваат нашето уставно име, се охрабрува, но не се бара промена.
Македонија како именка нема да се користи како официјално име на нашата или на било која држава.
Зборовите
Македонија и македонски, кога стојат сами може да се користат на неексклузивна основа од двете држави, согласно меѓународната правна и комерцијална практика, што во превод значи дека и Македонија и Грција ќе можат слободно да си ги користат овие термини.
Ова е суштината на понудениот пакет, во продолжени уште стои:
- двете страни се обврзани на добрососедски релации,
- Грција ќе ја поддржува Македонија за прием во НАТО и ЕУ,
- ќе се преиспитаат одлуките за преминување на аеродромите во Македонија.
Овие елементи ќе бидат имплементирани со добра волја и веднаш преку уставни процеси во двете земји. Договорот би бил потврден со резолуција на Советот за безбедност.
За овој пакет државно-владиниот врв денеска во кабинетот на шефот на државата одржа едночасовни консултации.
Црвенковски, Груевски и Милошоски по првичните информации од преговарачот Димитров ги разгледале деталите, но нема информација дали се прифаќа или се отфрла последниот предлог на Нимиц.
„Со денешната средба отпочна процесот на проценка и анализа на предложеното решение кое го достави Нимиц. Имајќи го предвид значењето на предлогот, а посебно значењето на секој детаљ од наведениот предлог, ќе почекаме амбасадорот Димитров да се врати од Њујорк, со цел темелно да ги брифира политичките чинители во земјата за текот на разговорите, како и за сите подробности од предложеното решение“, стои во официјалната владина изјава.
Процесот на проценка и анализа соопшти владиниот портпарол, ќе продолжи и во наредните неколку дена.