Според Народниот правобранител сметките од МРТВ се незаконски
Народниот правобранител на Република Македонија укажува дека при наплатата на радиодифузната такса треба да се почитува Законот, односно да не се бара од граѓаните таксата да ја платат веднаш за цела година и да не се преземаат мерки за присилно извршување доколку не ја плататат до крајот на тековната 2009 година, затоа што по вина на Македонска радио телевизија решенијата до граѓаните се доставени сега, а не од почетокот на годината.
Народниот правобранител смета и дека не треба да се преземаат мерки за присилно извршување доколку не е донесено решение за задолжување или доколку решението не станало извршно, односно на секој граѓанин треба да му се даде можност за искористување на правото на жалба и на евентуална судска заштита.
Во денешното соопштение, Народниот правобранител укажува дека е неопходно при задолжувањето на граѓаните да се води сметка и за рокот на застареност по кој рок не може да се преземаат мерки за присилна наплата.
До Народниот правобранител, како што велат од оваа институција, поднесени се неколку претставки што се однесуваат на наплатата на радиодифузната такса затоа што решенијата за наплата на таксата се доставени до граѓаните кон крајот на 2009 година, а се однесуваат на 2008 и 2009 година.
- Поради задоцнетото доставување на решенијата граѓаните се принудени таксата да ја платат наеднаш наместо секој месец, како што е предвидено со Законот. Исто така, од Законот произлегува дека без донесување решение нема основ да се бара наплата на радиодифузната такса, а уште помалку да се преземаат мерки за присилно извршување и присилна наплата, односно нема основ на граѓаните што не добиле решенија или добиле решенија, но решенијата не станале извршни, да им се одземаат средства од трансакциските сметки, без претходно донесено решение кое станало извршно и без да бидат известувани граѓаните за одземањето на нивни средства од личните сметки во банките, како што наведуваат дел од граѓаните, се вели во соопшението од Народниот правобранител.
Според Законот, од плаќање на радиодифузната такса се ослободени слепите и глувите лица, а во претставката на Здружението на глуви и наглуви лица се наведува дека нивните членови добиле решенија за плаќање на радиодифузната такса, стои во соопштението.
http://www.sitel.com.mk/dnevnik/makedonija/spored-narodniot-pravobranitel-smetkite-od-mrtv-se-nezakonski