Полицијата 16 месеци не може да го најде Ламбе Арнаудов
Шеснаесет месеци откако по него беше распишана потерница, Ламбе Арнаудов успешно се крие од полицијата. Поранешниот прв човек на „Електростопанство на Македонија“ (ЕСМ), кој поради проневера на еден милион евра е правосилно осуден на четиригодишна затворска казна, како да пропаднал во земја. Полицијата продолжува со убедувањата дека не може да го најде поранешниот висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, иако „Утрински весник“ веќе неколку пати пишуваше за тврдењата на граѓаните на Охрид и на Скопје, според кои, Арнаудов слободно се шета по улиците на овие два града и дека поседува стан во зградата во која живее и премиерот Груевски.
„Министерството за внатрешни работи постапува по предметот. Го бараме Арнаудов и дома, но не можеме да го најдеме“, велат во МВР. Пред неколку месеци, полицијата побара помош од граѓаните.
„Ако некој го види Арнаудов, нека ни сигнализира веднаш“, беше одговорот на МВР по тврдењата на граѓаните дека редовно имаат средби со ексдиректорот на ЕСМ.
Во неговата сегашна партија ВМРО-НП потврдуваат дека Арнаудов се' уште е нивен член но, како што велат, и тие не го виделе долго време.
„Тој е целосно повлечен од политиката, иако формално се' уште е наш член“, велат од ВМРО-НП, дополнувајќи дека одамна не го виделе ниту чуле својот сопартиец.
Ламбе Арнаудов најпрво беше осуден на две години затвор, бидејќи правел штетни договори на сметка на фирмата, оштетувајќи ја за милион евра. Но, Апелациониот суд двојно му ја зголеми казната. Додека првостепената пресуда чекаше да стане правосилна, тој беше на слобода. Откако неговите адвокати ги потрошија сите можности за одложување на казната, Арнаудов требаше да се појави во скопскиот затвор „Идризово“ уште на 30 ноември 2006 година. Миле Младеновски, директор на најголемиот затвор во земјава, потврдува дека Арнаудов требало да се пресели во „Идризово“ уште пред две години. Како што вели, не може да знае кога Арнаудов ќе биде донесен во затворот, бидејќи имало стотици неспроведени пресуди.
Кон почетокот на јануари 2007 година, откако стана јасно дека Арнаудов не планира сам да се појави во „Идризово“, Основниот суд Скопје 1 против него распиша потерница, која не е реализирана до денеска. Додека полицијата го бара, жителите на улицата „Бихаќска“ во населбата Пржино во Скопје тврдеа дека Арнаудов често пати доаѓал во својот стан во зградата во која живее и премиерот Груевски, поради што објектот е под постојан полициски надзор. Охриѓани, пак, тврдат дека Арнаудов речиси секое попладне одел да се помоли во црквата „Свети Јован“.
На Ламбе Арнаудов му е одземен пасошот и тој само преку илегални патишта може да ја напушти земјава.