Дечки го продискутиравте ли денес ова ( не се вртев баш по дома). Ете зашто не не бива. Ах мамицата нивна хоштаплерска...
Почитувани,
Би сакала да Ве информирам дека Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) ми ја уништи кариерата и ме откажа од атлетиката. И покрај тоа што сум најдобра атлетичарка во Македонија меѓу жените и мажите, која е единствената во последните 7 години што има постигнато резултат кој вреди повеќе од 1000 бодови (100 м - 12,01 = 1011 бодови) според таблицата на Меѓународната атлетска федерација ( ИААФ), МОК не ми дозволи да учествувам на Олимписките игри во Лондон.
Имено, МОК донел одлука, (поточно директорот Владимир Богоевски како што тој кажува дека тоа било негова одлука) еден спортист кој учествувал еден пат на Олимписки игри со вајлд карта, да не може да учествува по втор пат на ОИ ако нема олимписка норма, па макар и да е апсолутно најдобар во својот спорт или да е со резултат и на само една стотинка до олимписката норма.
Во Пекинг на ОИ јас учествував во трката на 100 м кога имав личен рекорд 12,48 сек. и успеав да победам 16 претставнички од други земји, а сега кога имам многу подобар резултат ( 100 м-12,01 сек), МОК не ми дозволува учество на ОИ, туку на мое место ќе учествува далеку послаба атлетичарка која на 400 м има резултат 58,98 сек кој според таблицата на ИААФ вреди 904 бода.
МОК (читај: Владимир Богоевски) на место да ми пружи можност да исполнам олимписка норма со доделување олимписка стипендија и да ми обезбеди подготовки како што обезбедуваше подготовки и стипендија за 10 спортисти од други спортови од кои никој не исполни олимписка норма, а нивните меѓународни федерации не предвидуваат учество на ОИ со вајлд карти, не ми дозволи да учествувам на ОИ и покрај тоа што ИААФ и Македонската Атлетска Федерација (АФМ) ме одредија мене како најдобра атлетичарка во Македонија во женска конкуренција јас да ја претставувам нашата земја на ОИ.
МОК се стави над ИААФ која е единствено компетентна да каже кој може да учествува на ОИ во атлетика и која ги одредува олимписките норми. Во правилата за натпревари на ИААФ се вели: Национална атлетска федерација која нема исполнето Олимписка норма на ОИ може да учествува со своите најдобри атлетичари во машка и женска конкуренција.
Во Статутот на АФМ во член 5 стои: АФМ се зачленува во МОК и при тоа си го задржува правото да го одреди олимпискиот тим. Согласно овој член Извршниот одбор на АФМ на ден 5 јуни 2012 донесе одлука на ОИ во женска конкуренција да биде пријавена Ивана Рожман за трката на 100 м, во машка конкуренција Кристиан Ефремов за трката на 400 м, а тренер да биде Ѓорги Вучков - тренер на Рожман и на Ефремов. Во истата одлука се вели доколку МОК не ја пријави Рожман, тогаш во женска конкуренција да не учествува друга атлетичарка.
Бидејки пријавувањето до ИААФ за ОИ оди преку Националните Олимписки комитети, а врз основа на оваа одлука, АФМ испрати званична пријава до МОК. Како одговор на пријавата МОК писмено одговори дека поради таа нивна одлука Ивана Рожман не може да биде пријавена до ИААФ и на нејзино место АФМ да пријави друга атлетичарка.
Така МОК не само што ги прекрши правилата на ИААФ, туку го прекрши и Статутот на АФМ. Но, Статутот на АФМ го прекрши и ново избраниот претседател на АФМ, Крсто Серафимовски, и неговиот Извршен одбор. Имено, на 23 јуни 2012 година на Изборно собрание на АФМ Крсто Серафимовски беше избран за претседател на АФМ кој го прекрши член 5 од Статутот на АФМ, ја суспендира одлуката на претходниот претседател Цветко Гроздановски и неговиот Извршен одбор и по сугестија на МОК донесе одлука на место Ивана Рожман за ОИ да биде пријавена Христина Ристеска.
По сето ова, мене не ми преостанува ништо освен да се откажам од атлетиката и правдата да ја барам на суд. Со таа своја одлука, МОК стана екзекутор на спортските кариери на најдобрите атлетичари во Македонија. Кога слушна за одлуката на МОК, најпрво се откажа од атлетика Реџеп Селман кој заедно со мене ги бранеше боите на Македонија на ОИ во Пекинг, а еве сега мора ми јас да се откажам.
Да немаш ниту денар стипендија од клуб, од АФМ, од МОК, од АМС, да немаш 10 години соблекувална, да се соблекуваш во зима и во лето на трибините од стадионот, да немаш туширање по напорните тренинзи, да немаш да се напиеш чај по тренинзите, да немаш подготовки, да немаш пари за засилена исхрана за витамини, родителите да ти ја купуват спортската опрема, да не можеш да се вработиш никаде, да бидеш најдобра во својот спорт, а да не ти биде дозволено да учествувашна ОИ, тогаш која е мотивацијата јас да продолжам со тренинзи?!
Би Ви била крајно благодарна доколку го објавете ова мое писмо и ја запознаете јавноста со таа ирационална одлука на МОК, која е штетна за македонскиот спорт и ги уништува најдобрите спортисти во Македонија.
Со почит,
Ивана Рожман - прогласувана за најдобра атлетичарка
во Македонија од 2006 до 2012 г.