Народе, каква бомба ти е потребна после смртта на Тамара?!
09.02.2015 13:44
Став /
Живот
Г.Т.
Утрово брзо се рашири веста за смртта на 9-годишната Тамара Димовска, малото девојче од Велес, кое со месеци чекаше помош од државата, а сепак на крајот не издржа и не ја дочека операцијата. Да се потсетиме, Тамара имаше вродена мана на рбетниот столб, а поради искривувањето ѝ беа притиснати белите дробови и другите внатрешни органи, па операцијата беше итна. Секој ден чекање значеше смртна опасност.
Министерот за здравство - да, оној 24/7 тип што во раните утрински часови шета по болници и се грижи дали некој дежурен лекар задремал и дали се пуши во просториите на болницата - изјави дека Фондот за здравство ќе ги покрие сите трошоци за нејзината операција. Но, операцијата се одложуваше и одложуваше, сè додека не стана предоцна.
И додека цел народ во Македонија е окупиран со исчекувањето на „бомбата“ што треба да ја открие опозициската СДСМ (божем без тоа не знаеме дека режимот е во криминал и злодела до гуша), се случи овој трагичен настан. Па добро, луѓе, каква уште бомба ви е потребна за да сфатите дека е време овој аздисан, криминален, антихуман режим да си замине?! Кој човек со здрав разум може да прифати дека една од најсиромашните држави во Европа ќе гради панорамско тркало од 18 милиони евра, а нема пари за итни операции од овој вид? Има пари за едукативни кампањи кои нè советуваат како да се грижиме за здравјето, а нема пари за суштинските нешта од кои ни зависи истото?!
Срамната игнорантност на државата во случајот на Тамара е само уште едно потсетување дека власта, иако управува со Македонија, живее на некоја друга планета. Уште колку Тамари треба да се случат за да сфатиме дека си имаме работа со нечовечни, корумпирани манијаци кои треба што побрзо да си заминат?!
Ако имате нерви читајте
овде што се дешавало ноќеска.
http://www.telegraf.mk/aktuelno/241806-majkata-na-tamara-mi-rece-mamo-me-boli-srceto-daj-mi-ja-rakata-da-me-cuvas
Се бара оставка од министерот Тодоров по смртта на деветгодишната Тамара
Мери Јордановска Призма
Речиси три месеци родителите на деветгодишното девојче кое страдаше од тежок деформитет на рбетниот столб чекаа Тамара да замине на итна операција. Министерот Тодоров на 21 ноември 2014 година вети дека сите трошоци за операцијата ќе бидат целосно покриени од страна на Министерството и од Фондот.
На социјалните мрежи се бара оставка од министерот за здравство Никола Тодоров, откако утринава почина деветгодишната Тамара Димовска, која имаше тежок деформитет на рбетниот столб и чекаше итна операција во странство на државен трошок.
Извадоци од реакциите на социјалните мрежи по смртта на Тамара
На 21 ноември 2014 година министерот Тодоров изјави дека сите трошоци за изведување на седмиот по ред оперативен зафат во странство ќе бидат целосно покриени од страна на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
„Досега биле изведени шест оперативни зафати, но било утврдено дека е потребен и седми поради што тој ќе биде изведен во странство, а сите трошоци ќе бидат целосно покриени од страна на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија“, изјави Тодоров пред речиси три месеци.
На 21 ноември минатата година министерот Тодоров најави дека Тамара ќе биде оперирана на сметка на државата
Жаклина Димовска, мајката на Тамара во декември минатата година на својот Фејсбук профил напиша дека освен оваа изјава на министерот Тодоров, немаат никакви дополнителни детали за операцијата на нејзината ќерка која требаше да биде изведена во Турција.
„Нови нервози, непотребни трошоци, а никој не ме прашува од каде сега пари за тоа. Освен изјавата од министерот дека ќе го покријат лекувањето на Тамара, нема ништо ново. Никој не се јавил што понатаму, каде и како да се лекува Тамара. Жалосно е што мораме да правиме невролошки испитувања, состојбата ни се влошува се повеќе“, напиша Димовска.
Помина уште еден месец, а од заминувањето на Тамара на лекување во странство немаше ни трага.
Кон средината на јануари годинава телевизија „Телма“ објави дека мајката на Тамара добила ветување дека по Нова година ќе се конкретизира терминот, докторот и болницата каде ќе се изврши операцијата.
„Во меѓувреме се влошува здравјето на детето, а родителите речиси секојдневно молат по институциите. Од Фондот за здравство велат дека се работи за операција, на кој мора да работат повеќе доктори. Хирургот од Турција кој ја прегледал Тамара токму на барање на мајката, за ден или два ќе го каже точниот термин за оперција велат од Фондот. И министерот за здравство Тодоров потврди дека административни пречки повеќе нема“, објави „Телма“.
Иако административните пречки биле надминати, оттогаш помина речиси еден месец, а Тамара сè уште не беше замината на лекување.
Таа не го дочека тој ден. Утринава околу 6 часот таа била донесена во велешката болница без знаци на живот.
Бранко Аџигогов од Фондот за здравствено осигугурување не даде конкретни одговори на новинарските прашања
Поладнево, по повод немилиот настан, Фондот за здравствено осигурување одржа прес-конференција на која беше соопштено дека веќе била донесена одлука девојчето да се оперира во Турција, во здравствениот центар „Аџибадем“, а за терминот требало да се одлучува по 8 февруари. Сепак, присутните новинари, а со тоа и јавноста, останаа без одговори од какви компликации почина девојчето, каде се лоцира одговорноста и зошто процедурите траеле со месеци. Единствено, беше посочено дека е оставено на родителите дали ќе покренат процедура за евентуална одговорност од институциите.