За недела го спремам да ви го постирам околу ручек време моето ремек дело, уметност од јадење кое кога би требало да го каснам последниот залак во животот би било тоа. Не го јадам често, обично еднаш до два пати во годината, така да ве молам воздржете се. Се надевам ќе влезам во специјалново издание со омилени рецепти, пред да се затвори темата
Полнети ширдени.
Затоа што имав поголема група луѓе спремав 2 килограми свинско, 2 килограми телешко месо. Најбитно за ова јадење е да одберете многу чисто месо, без никакви жили и маснотија. На почеток на ситни коцкички се сецка и свинското и телешкото месо. Се започнува со пржење на телешкото месо, затоа што му треба подолго време, се пржи околу 1 час, а потоа се додава и свинското месо.
За време на пржењето.
Откако месото ќе се испржи се вади од оган и се зачинува. 3 лажички мелен ким, 3 лажички јенибар, 3 лажички црн мелен бибер, сол по вкус, црвена пипер околу лажичка ипол.
Претходно јагнешките ширдени се чистат еден по еден со јадра сол и вода. Се отпревртуваат и се чисти внатрешноста на ширденот. Имаат специфичен мирис и треба добро и детално да се исчистат.
Потоа ви е потребна помош при полнењето на ширдените. Некој треба да ви ги држи отврорени а вие само полнете со лажица. Кога целосно ќе се наполнат се шијат со игла и конец.
Се додава вода во тавата и се печат на 200 степени, отприлика час и половина. При печењето треба да се превртуваат од сите страни за еднакво да поруменат.
Еден ширден се сечи во зависност од големината, моиве ги сечев секој на 4 парчиња. Се сервираат со додаток од свежа лута пиперка или лути феферончиња. Немам фотографија од тоа како е сервирано, многу гладни беа гостите и се изедоа.
Оваа страница користи колачиња за персонализирање на содржината. Со продолжување на користењето, се согласувате со нашата политика за користење колачиња.