Како да се сфати депресијата?
Проблемот депресија е еден од најголемите парадокси во општеството и медицината. Стотици милиони луѓе во светот патат од таа болест, но во најдобар случај една третина од нив бараат лекарска помош, а додека потребниот третман го добиваат само 10-20% од нив. Депресијата се лечи, но присилувањето на заболената личност да побара лекарска помош, особено психијатарска, во поголемиот број случаеви е невозможна мисија. Секој кој има депресија трпи бројни и озбилни промени, свесен е дека му е лошо, но не ја сфаќа природата на своите потешкотии и не знае што да прави, а од околината главно добива погрешни совети и невкусни забелешки.
Поради предрасудите и погрешните информации, заболената личност од депресија најчесто не може да сфати дека нејзините потешкотии се здравствен проблем, што е предуслов за барање лекарска помош. Затоа, добро е да се објасни што е всушност депресијата, да се помогне да се препознаваат симптомите на депресија кај себе или кај блиските, т.е. да се објаснат можните начини за отстранување на потешкотиите.
Задачата во секој случај не е ни малку лесна, затоа што повеќето термини кои се користат при опишувањето или објаснувањето на депресијата, ги одвраќаат луѓето од лечење.
-Прво, депресијата е болест, и тоа болест на одредени делови од мозокот и нервниот систем, но просечен човек тешко ја прифаќа помислата дека е болен во главата, бидејќи тоа моментално (и погрешно) му сугерира дека е луд.
-Второ, депресијата ја лечат психијатрите, кои луѓето повторно ги поврзуваат со лудило, па кај нив одат безволно, тајно или никако.
-Трето, кај депресијата се применуваат психијатрсики лекови, на што луѓето обично реагираат со коментари слични на овие: “лековите нема да ги решат моите објективни проблеми ” или “не сум јас луд за да пијам лекови за живци”.
За жал, факт е дека има мал број луѓе кои се свесни дека лековите можат да го решат или барем да го намалат главниот проблем, а тоа е токму депресијата.