СЕРИЈА "А" - 32. КОЛО
Лече го приближи Јуве до скудетото
Милан ги загуби шансите за скудетото откако претрпе неочекуван пораз од 1:0 на гостувањето против Лече.
Карло Анчелоти на оваа средба ги одмори речиси сите стандардни првотимци, па шанса да стартуваат добија Јанкуловски, Шимиќ, Амброзини, Вогел, Руи Коста и Марсио Аморосо. И со ваков тим Милан имаше повеќе од играта во првото полувреме, но Алберто Џилардино се посрамоти не искористувајќи три стопроцентни шанси. Неефикасноста им се одмазди на "росоњерите" на почетокот од вториот дел, кога по еден брз противнапад Конан на асистенција на Вучиниќ го постигна единствениот гол на мечот.
"Можам да кажам дека бев задоволен од играта што ја прикажавме во првото полувреме. Сепак, примивме гол на почетокот од вториот дел и штета е што потоа не успеавме да израмниме. Ова значи дека веќе немаме шанси за скудетото, но затоа очекувам да ги продолжиме настапите во Лигата на шампионите", истакна Карло Анчелоти.
Поразот на Милан во Лече значеше дека фудбалерите на Јувентус можат да бидат презадоволни и со ремито на гостувањето против "фенерџијата" Тревизо. "Пулените" на Капело во првите дваесетина минути не реализираа пет-шест стопроцентни шанси, но во продолжението темпото на игра на оваа средба опадна.
"Никогаш не сум задоволен кога мојот тим ќе одигра 0:0, особено ако се земат предвид шансите што ги создадовме денеска. Сепак, морам да кажам дека одигравме добро на средината од теренот, нешто што ме радува во пресрет на реваншот против Арсенал", беше коментарот на Капело по овој натпревар.
Емполи дојде до голем бод на гостувањето против Лацио, на меч на кој во листата на стрелците се запиша и нашиот Горан Пандев. Паоло ди Канио постигна прекрасен погодок за да го доведе Лацио во водство на десет минути до крајот, но Емполи израмни во 93. минута, кога по центаршутот на Буше, Масимо Одо ја затресе сопствената мрежа.
Интер и со својот втор тим без проблеми ја совлада Месина со 3:0. Сантијаго Солари со два погодоци беше најдобар поединец на овој натпревар, на кој "неро-азурите" целата работа ја завршија за само половина час игра.
"Презадоволен сум од начинот на кој моите фудбалери влегоа во овој натпревар. Беа максимално мотивирани, ги извршија сите зададени задачи и заслужено ги освоија трите бода од оваа средба", истакна Роберто Манчини.
И покрај голот на Лука Тони веќе во 2. минута, Фиорентина не успеа да дојде до триумф на дуелот со Рома (1:1). По раното водство "виолетовите" целосно се повлекоа, а по многуте неискористени шанси во првиот дел, Рома дојде до заслужен бод преку Куфре во 72. минута.