Избираме песна за 10-тото учество на Евросонг
Сите, безусловно, да застанеме под едно знаме!
За неполн месец - на 18, 19 и 20 февруари - во
Универзалната сала во Скопје, Македонија ќе го избере својот претставник за
Песна на Евровизија, манифестација која годинава се одржува во Осло, Норвешка.
Самиот факт дека годинава нашата држава слави мал јубилеј - 10-то претставување на
евровизиската сцена, овој избор го прави посебен, а мотив плус е и што последниве две години Македонија не успеа да се пласира во големото финале на
Евросонг, па ова на некој начин за нас претставува трета среќа. Во пресрет на
Скопскиот фестивал 2010, кој е и национален избор за песна на
Евровизија, за тоа како течат подготовките, и уште многу нешта, разговаравме со членовите на нашиот евровизиски тим: Гордана Андрашевска (координатор на проектот), Љупчо Мирковски (уметнички директор) и Мери Попова (уредник во забавната редакција на МТВ)
Популарната европска музичка манифестација
Избор за песна на Евровизија, која несомнено има и пошироко значење во светот, годинава од 25 до 29 мај ќе се одржи во норвешкиот град Осло. Ќе се натпреваруваат вкупно 39 земји, три помалку од лани, со тоа што
големата четворка - Франција, Англија, Шпанија и Германија, ќе настапат директно во финалето. На една од двете полуфинални вечери, меѓу учесниците настапува и Македонија, бидејќи оваа година за нас е посебна. Имено, нашата земја годинава по десетти, јубилеен пат стапнува на големата евровизиска сцена, што е мотивација повеќе на музичка Европа да и понудиме нешто навистина добро.
Кој ќе ги наследи ланските учесници
Некст тајм, но и сите претходни: Тамара, Врчак и Адријан, Каролина Гочева (која имаше две учества на Евровизија), Елена Ристеска, Мартин Вучиќ, Тоше Проески,
ХХЛ и Владо Јаневски, ќе се знае на 20 февруари, кога е големото финале на нашиот национален
Евросонг.
Со оглед на фактот дека минатата 2009 година имавме коректен избор, и дека организацискиот тим успешно си ја завршил својата работа, а тимот што победува не се менува, дирекцијата на националниот радиодифузен сервис -
Македонската радио-телевизија - им додели уште еден мандат на Гордана Андрашевска (координатор на проектот), Љупчо Мирковски (уметнички директор) и на Мери Попова (уредник во забавната редакција на МТВ) да ја продолжат својата ланска мисија...
Точно е тоа дека тимот што победува не се менува, а освен тоа ние меѓусебно одлично функционираме и си ја знаеме работата, па одлуката повторно да ни се довери овој проект, за сите нас претставуваше голем комплимент - истакнува
Гордана Андрашевска, нагласувајќи дека се согледани сите недостатоци и пропусти од лани, кои годинава ќе бидат надминати, со цел да имаме што подобар фестивал.
Она што во целата работа е многу добро е што на ланскиот избор немавме многу грешки, а факт е дека воопшто немавме кардинални промашувања. Она што за овој тим претставува црна дамка на Изборот е што не го спречивме исвиркувањето од страна на една навивачка група кога се соопштуваа гласовите од жирито. Годинава ќе преземеме се што е во наша моќ такви работи да нема - потенцира
Мери Попова. Во име на тимот, Попова вели дека е пријатно изненадена од одлуката на менаџментот на МТВ истата екипа да работи на проектот, бидејќи секоја година, од разни причини се менуваше составот на луѓето вклучени во проектот.
Но, ова значи дека лани коректно си ја завршивме задачата - истакнува Мери.
Останува концептот за фестивалски избор
Годинава, на конкурсот за национален
Евросонг пристигнаа 126 песни, од кои 28 се избрани во потесен круг. А на 20 февруари една од нив ќе биде избрана како претставник на Македонија на Евровизија во Норвешка.
Лично, генерално сум задоволен, најпрвин од бројката, а потоа и од квалитетот на пристигнатиот материјал на конкурсот. Да можев самиот да одлучувам, барем уште 10-ина песни би ставил во селекција за Изборот, бидејќи знам што може да помине на Евровизија. Сепак, со 40-ина песни Изборот би бил премногу комплициран. Затоа е добро што седумчленото жири имаше компактен став и мислење кои се песните што треба да и се понудат на јавноста - објаснува
Љупчо Мирковски.
Бидејќи ланската 2009-та, а и актуелнава 2010 година во светот се сметаат за кризни токму заради финансиските проблеми од актуелниот Избор се откажаа Чешка, Унгарија, Црна Гора и Андора, додека Литванците во минута до дванаесет успеаја да најдат спонзори. И, додека Босна по скратена постапка го избра својот претставник, Вукашин Брајиќ од
Операција Триумф, кој ќе ја пее темата
Муња и гром на Дино Шаран, додека Србите за композитор го избраа светски познатиот Горан Бреговиќ, кој ќе напише неколку песни од кои ќе се избира најдобрата, Македонија го повторува ланскиот концепт да имаме фестивал...
И кај нас на почетокот постоеше мислење дека би можеле да избереме еден претставник, и да го повториме моделот од 2004 година кога не претставуваше Тоше, меѓутоа за фестивал се одлучивме најмногу од причина што на овој начин на сите им даваме подеднакви шанси. Имаме рамноправен натпревар, на кој секој може да го покаже најдоброто од себе, па ако има добри вокални квалитети, добра песна, добар аранжман и настап, може рамноправно да учествува, па и да победи. Само на овој начин, преку фестивал, им се дава шанса на поширок круг автори и изведувачи да покажат што знаат и умеат.
Освен тоа, продолжува традицијата на Скопскиот фестивал, а со 28 нови композиции, се збогатува етерот со музика на македонски јазик - децидна е Андрашевска и подвлекува дека и покрај кризата, тешката финансиска состојба во МТВ и скромниот буџет за национален
Евросонг, верува дека тимот ќе направи добар фестивал, преку кој секој ќе го најде своето место.
Иако до стартот на Изборот остануваат три недели, во МТВ забрзано се работи на подготовката на оваа популарна манифестација...
Рокот за конечното предавање на песните е 1 февруари, иако и досега добивме неколку конечни верзии на снимките. Секој сака најдобро да ја реализира лентата, па оттаму се работи сe до последниот ден за предавање на снимките. Освен тоа, годинава планираме да објавиме и дискови со сите песни кои учествуваат на манифестацијата - објаснува Мирковски и вели дека, исто како и лани, и оваа година пред самиот Избор, на јавноста за слушање ќе и бидат овозможени рефрените на песните, се со цел да се има подобар увид во целата домашна евровизиска понуда.