Ova e sporno, Lagite na Gwujo, ama seto toa narodot kje si go naplati:smir:
сабота, 18 март 2006
Дневник
Колумна - Никола Груевски
Денешниот ден е учител на утрешниот
Дали премиерот и пратениците на СДСМ вака ладнокрвно ќе го поставеа Шаќири на една од највисоките државни функции, ако меѓу осумте искасапени припадници на единицата "Волци" во Вејце или меѓу убиените во Карпалак беше нивни брат или син?
Во 2001 година Република Македонија беше нападната од страната на границата со протекторатот Косово, а нападите беа манифестирани со напади и убиства на војници и полицајци, со протерувања на македонските жители од селата, нивно малтретирање, палење на куќите и со заземање територија. Нешто подоцна од Парламентот исчезна пратеникот Хисни Шаќири, за да разбереме подоцна, и тој самиот го потврди тоа, дека е во првите борбени редови на т.н. ОНА, од каде што ги повика Албанците од Македонија да му се придружат во борбата. Многумина го поддржаа и му се придружија во остварувањето на политичката цел која ја имаа зад себе, употребувајќи оружје и убивајќи "легитимни цели" како што тие ги нарекуваа македонските војници и полицајци, кои недолжни и млади ги загубија животите, ги оставија своите деца и своите семејства.
Две години подоцна, во изборната кампања премиерот категорично и многу убедливо (а за тоа го бива) зборуваше во медиумите и кампањите дека тој по ниедна цена нема да дозволи луѓето кои ги окрвавиле рацете да дојдат на клучни позиции во државата. НАРОДОТ МУ ВЕРУВАШЕ.
Една година подоцна ветувањето веќе не важи. Првично, на почетокот на неговиот мандат во ноември 2002 година, СДСМ се спротивстави на идејата Хисни Шаќири да биде потпретседател на парламентот. Аргументите беа ветеното на народот и моралниот аспект. Само една година подоцна, премиерот со поддршка на истите пратеници на СДСМ и на централното раководство, без двоумење го поставува Шаќири на оваа позиција, сметајќи на амнезијата на граѓаните на Република Македонија, а во функција на задржување на власта и купување гласови од ДУИ за следните парламентарни избори. Премиерот не даде објаснување за ова. Ќе чека првин граѓаните да се навикнат на "наградениот".
Се сеќавам на многубројните трагични написи во македонските весници за загинатите лица, кои ги убиваше екипата или таборот на новиот потпретседател на македонското собрание. Се сеќавам на раскажаните трагични приказни за убиениот во Љубанци, Томе Димовски (37). Тој ги остави во тага неговите родители, сопругата и најмногу ќеркичката Ивана која секој ден оди на училиште и кога се враќа од него, чека автобус на сретсело, каде што е споменикот на загинатите војници. Секој ден го гали името на татка си и очекува дека студениот травертин ќе и пренесе некоја топла, недоречена порака. Без своите татковци останаа и Даниел, Дејвид, Викторија, Андријана, Ивана,Теодор, Ненад, Дејан, Филип, Елена, Благоја, Стојмен, Ивица, Ирена, Марица, Христијан, Александар, Симона, Иван и уште стотина други деца. Многу од нив, со својата детска фантазија, се уште мислат дека нивните татковци ќе се вратат. Свежи се сеќавањата на насловот на еден весник, во кој дете на еден загинат борец вели:"Дедо Боже, пушти го тато, само да го видам". Фамилиите на загинатите се уште се во транс од она што го правеше новата ѕвезда на коалицијата. Родителите на загинатите полицајци и војници се уште се завиени во црно. Вкупно 65 македонски бранители недолжни загинаа во конфликтот, од пушките и мините на терористите, за кои премиерот не убедуваше дека нема да ги награди со највисоки државнички функции. Најмалку трипати повеќе останаа инвалиди и денес фрустрирано гледаат телевизиски пренос од седниците на Парламентот, каде што оној што пукаше во нив е на челната позиција.
Во основа, ние христијаните знаеме да простуваме и ако нема прошка животот не може да оди напред. Така и дојде амнестијата. Стотици случаи во историјата кажуваат за помирување и соработка меѓу непријатели, кои претходно не избирале средства во меѓусебната борба. Но, ова е нешто многу повеќе од прошка и амнестија.
Дали треба директните учесници во војната, тие кои веќе добија амнестија, сега и да бидат наградени? За што ги наградуваме? За што го наградуваме Шаќири, а по тој принцип и многу други? Заради што сите пратеници на СДСМ гласаа за негово назначување за потпретседател на собранието? За тоа што повикувајќи во борба и убиства не нарече "варварски агресор"? За да поттикнеме други генерации на радикални структури да тргнат по истиот пат? Кому денешното назначување на Шаќири ќе му биде пример за успех и вистински пат во иднина? Зошто не можеше некој друг пратеник-Албанец да биде потпретседател на Парламентот? Дали можеби сето ова е за да некој остане на власт?
Многумина од пратениците на СДСМ во неформален разговор велат "мораше така". НЕ, НЕ МОРАШЕ. Тоа е ваш личен избор.
Се прашувам како родителите на децата на бранителите на земјата ќе им објаснат дека нивниот татко загинал во одбрана на земјата, ако оние против кои се борел, односно од кои ја бранел државата, премиерот на државата и СДСМ, како владејачка партија, ги поставува на клучни државнички позиции? Како ли сега се чувствуваат родителите на загинатите кога го гледаат новиот потпретседател на македонското собрание.Тие се живи, нивната болка е бескрајна. Која е пораката што ја испраќаме на следните генерации за тоа како најбрзо да се стигне до позиција до која стигна "нашиот јунак", и вреди ли некој во некоја нова евентуална криза да го ризикува животот за Македонија?
Името на Хисни Шаќири (познат како командант Даја) до неодамна беше (можеби се уште е) на црната листа на претседателот на САД Џорџ Буш. Шаќири важи за одличен пријател и соборец со Џавид Асани, кој ја презеде одговорноста за нападите кај Карпалак (10 загинати припадници на АРМ) и Љуботенските бачила (8 загинати припадници на АРМ) во август 2001година, како и на т.н. командант Гури, командант Хоџа и други терористи од кумановскиот регион. На 3 мај 2001 година преку Би-би-си и Си-ен-ен (пренесено и во нашите електронски медиуми) тој јавно ја изложи неговата идеја и заложба за "Голема Албанија", повикувајќи ги сите пратеници-Албанци и неговата И.Е. да се приклучат во борбата, кажувајќи дека од тој ден и самиот се приклучува во првите борбени редови на т.н.ОНА. На истиот ден во терористички напад беа убиени двајца припадници на АРМ. Против него, пред амнестијата, се водеше кривична постапка пред Основниот суд во Скопје за К.Д. Вооружен бунт според член 312 од КЗ на Р. Македонија.
Ова е директен сигнал за сите радикални групации, како најбрзо да се дојде до висока и почесна функција во државата.
Се прашувам дали премиерот и пратениците на СДСМ вака ладнокрвно ќе го поставеа Шаќири на една од највисоките државни функции, ако меѓу осумте искасапени припадници на единицата "Волци" во Вејце, или меѓу убиените во Карпалак беше некој нивни брат или син?
Не е во прашање само ветувањето на премиерот дека нема да дозволи оние кои ги извалкале рацете со крв да се најдат на клучни државнички позиции. Неговите ветувања се веќе "прочитана работа" кај народот по една година владеење, која по ништо сериозно не се разликува од другите 6-7 години во кои тој беше премиер, ветуваше и работеше. Ветувањата се видоа и во економијата и невработеноста, и кај реваншистичките отпуштања од работа, и кај реформите, правата на загубарите, помошта на земјоделците, безбедноста и многу други нешта. Во прашање е моралната димензија на ситуацијата, елементарната почит кон семејствата на настраданите и на инвалидите од војната и пораката за иднината, за новите радикали кои ќе се појавуваат во иднина и ќе учат од денешните настани. Денешниот ден е учител на утрешниот. Помина насила создадениот див универзитет во селото Мала Речица, а на повидок се поминувањата и на законот за територијална поделба (пак под притисок), законот за државјанства и којзнае уште што не, по принцип, што не ветува релаксирање на состојбите.
Неизвесно е уште колку награди кои немаат врска со рамковниот договор, ќе му додели СДСМ на својот коалициски партнер за да се добијат следните претседателски избори и да се задржи власта.
Македонија се стреми кон затворање на раните од конфликтот, изградба на стабилна, правна и побогата држава, која брзо треба да се подготви за приклучување кон ЕУ и НАТО. Отворањето на старите рани, со назначување на клучни позиции на поранешни докажани терористи, сликани во воена униформа на ОНА, луѓе кои отворено повикуваа на оружена борба заради политички цели, луѓе зад кои стојат многу злосторства за кои веќе се амнестирани, нема да го забрза стабилизацискиот и развојниот процес во Македонија.