Еве уште нешто ... почетокот е сличен на текстот на Тина, но е доста поопширно
Хипноза (хипно-сон) е вештачки предизвикана состојба на стесната свест, што се постигнува по пат на сугестија од друго лице. Иако не се работи за состојба на сон, до денес е задржан поимот хипноза како најприближен термин. Хипнозата не претставува вештачки сон како што некогаш се мислело. Станува збор за значително концентрирано стесната свест. Колку концентрацијата на свеста е сведена на потесен домен, толку степенот на хипноза е подлабок.
За хипнозата постојат различни сфаќања. Така на пример, се смета дека хипнотизер треба да биде личност што е особено надарена. Иако многумина сметаат дека хипнотизерот треба сигурно да владее со ситуацијата - да биде добар тактичар и стратег - важни се и неговата мимика и интонацијата на гласот, сепак силата на хипнозата не зависи од хипнотизерот, туку од оној што се хипнотизира.
Контрадикторни се мислењата и во однос на подобноста на различни личности за хипнотизирање. Најлесно може да се хипнотизираат деца и здрави личности со т.н. висок степен на сугестибилност. Во кој степен една личност може да биде сугестибилна, се одредува според начинот на кој личноста реагира на сугестијата. На пример, некој може да биде длабоко сугестибилен кога е во прашање неговото здравје, а да биде нечувствителен на убедувањата на трговецот. Битно е тој што се подвргнува на хипноза, искрено да сака да биде хипнотизиран. Слабоумните и душевно болните лица не се хипнотизираат лесно - практично е неможно да се хипнотизираат.
Стадиуми на хипнозата
Во текот на хипнозата човекот минува низ три стадиуми. Првиот се опишува како состојба на блага поспаност. Хипнотизираниот не спие и целосно е свесен за она што хипнотизерот му го кажува, но не може да се спротивстави на неговата сугестија, иако подоцна ќе каже дека можел да го направи тоа. Неговата врска со надворешниот свет се одвива преку хипнотизерот - не прима други впечатоци. Во ваквиот стадиум хипнотизираниот може да се лекува од различни психички нарушувања под услов болеста да не биде физички условена. Вториот стадиум е познат под името "каталептички", односно среден хипнотички сон, кога хипнотизерот го наговорува хипнотизираниот да прави одредени движења. Кај него може да предизвика различни визуелни халуцинации или да му даде наредба за т.н. постхипнотичко извршување. Во третиот стадиум на длабок хипнотички сон, т.н. месечарство, хипнотизираниот ја вклучува својата моторика, а другите делови од мозокот спијат. Во овој стадиум хипнотизираниот ги извршува наредбите на хипнотизерот.
Се случува во текот на хипнозата на хипнотизираната личност да и се постави некаква задача што таа по извесно време, во точно определениот рок, сосема будна да го изврши примениот налог во состојба на хипнотизираност. На прашање зошто го направила тоа, личноста нема конкретен одговор освен дека се чувствувала напната и имала потреба да направи такво нешто.
Опасности од примената на хипнозата
Хипнозата не е безопасна метода. Можни се инциденти и несакани појави, а може да биде злоупотребена и за извршување кривични дела. Хипнотизираниот при извршувањето на наредбата може да не ја сфати сопствената опасност. Може да дојде до замена на симптомите. На пример жена лекувана од претерано јадење и пушење да ги реши ваквите зависности, но да премине на алкохол. Со оглед на тоа што основните движечки механизми за успехот на хипнозата лежат во личноста што се хипнотизира, разбирлив е фактот што оваа метода не успеала да оствари широка медицинска примена.