Преземено од ВРЕМЕ
Дете се спаси од киднаперскиот црн џип Јулијана Ивановска
Второоделенец од скопското село Моране му избегал на еден од киднаперите од рака, кога тој се обидел да го грабне и да го внесе во црн џип, без регистарски ознаки, кој бил паркиран пред селската џамија. Според изјавите на малолетникот, неговите роднини и жителите, еден од киднаперите бил облечен во бела, а другиот во црна облека. Полицијата завчера на малолетникот од Моране му покажала слики од можните грабнувачи, меѓу кои биле и претходно уапсените браќа Сабид, Риат, Седат и Кенан Таири. Но, момчето, како што дознаваме, на идентификацијата изјавило дека тие не се личностите, кои се обиделе да го грабнат. Вчера детето не беше на школо туку дома со исплашените родители и роднини. Неговите најблиски велат дека кога дошло дома и им ја раскажало случката било испаничено, а цела ноќ плачело и не спиело од страв. Во Моране вчера беше напнато. Завчерашната случка длабоко ги вознемири жителите, посебно најмладите. Пристигнувањето на новинарската екипа за нив беше паника. Почнаа да бегаат низ селските сокаци и да се кријат во куќите. Низ селото вчера немаше ни полициска патрола. Како што изјавија дел од мештаните, откако биле повикани дошле во куќата на детето, зеле негова изјава и заедно со родителите заминале во станица. Случајот од Моране, и двете киднапирања на деца од кумановската населба Средорек имаат една заедничка допирна точка, црн џип без регистарски таблички. И во Куманово во возилото имало двајца мажи. Чиј е црниот џип и кои се двајцата непознати мажи, кои киднапираат деца, засега за истражителите е мистерија. Родителите на соучениците вчера изјавија дека децата го забележале џипот, како стоел пред школото уште од 10 часот утрото. Во моментот кога двете непознати лица се обиделе да го украдат детето, тоа само се враќало од училиште. Тоа било околу 13 часот. Во еден момент детето запрело кај чешмата до џамијата за да се напие вода. Токму тогаш, маж, со крупна става, облечен во црна облека и со црни очила за сонце му се доближил на детето и му се преставил дека е службеник од Катастар. Додека тој зборел, неговиот партнер стоел пред џипот, на кој вратите му биле отворени. Непознатиот човек со црна облека во раката држел лист, за кој се верува дека била слика, и неколку пати гледал во листот и во ликот на детето. Во еден момент посегнал по раката на детето, кое во страв и во паника навреме успеало да се измолкне од стисокот и со брзи чекори да се сокрие во најблиската куќа. Неколку минути преходно, објаснуваат родителите, истите луѓе се обиделе да киднапираат друго постаро дете, кое кажало дека не им се приближило на луѓето зашто забележало дека едниот од нив носел пиштол. Откако не успеале да го извршат киднапирањето непознатите со голема брзина избегале во непознат правец. Според изјави на жителите од Моране и во соседното село Студеничани со автомобил „мерцедес“, исто така, без таблички, четиворица се обиделе да грабнат дете. Но, не успеале бидејќи биле забележани од мештаните, кои почнале да се собираат близу нив.
Само не ми е нешто јасно, како никој не го видел џипот пред школото и селската џамија. И тоа во мало место каде скоро сите се знаат, па ќе стане сомнителен, или ќе пријавам во полиција или веќе ако е ситуацијата безизлезна, ќе идам на ризик, ќе го земам пиштолот од дома и ќе се соочам со нив па макар и кривична да заработам.