Што „ловат“ 13 катарски бизнисмени четири дена во Македонија?!
Катарска бизнис-делегација веќе два дена ги „скенира“ енергетските, рудните, туристичките и земјоделските потенцијали на Македонија. „Капитал“ дознава дека дел од катарските бизнисмени вчера неколку часа се распрашувале за можностите да го докапитализираат ЕЛЕМ. Вчерашните технички состаноци денеска се претвораат во „прошетка“ на терен
Отворање бензински пумпи и производни прехранбени фабрики, воспоставување директна авиолинија Доха-Скопје и инвестиции во недвижности, туризам, рударство, земјоделство и во енергетика планираат директорите, советниците и инженерите од осумте најголеми и најуспешни катарски компании, кои веќе два дена се во официјална посета на Македонија. Претставниците на Qatar Investment Holding и на државната енергетска компанија Qatar Electricity and Water Company вчера неколку часа го распрашувале генералниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски, за деталите за докапитализација на компанијата, дознава „Капитал“. Катарските бизнисмени се интересирале дали и како може да инвестираат во гасификацијата, гасни електрани и во термо и хидроцентрали.
На вчерашните, повеќе технички состаноци, директорите и експертите од градежната компанија Qatar Diar, од нафтената Qatar Petroleum и од Qatar fuel Woqod, од државната авиокомпанија Qatar Airways и од прехранбената компанија Qatar Hassad food ги прими директорот на Дирекцијата за технолошки развојни индустриски зони, Виктор Мизо, кој е и координатор на активностите на катарската делегација во земјава, заедно со амбасадорот на Катар во Рим, од каде што овој емират засега ја покрива Македонија.
„Бројната делегација од Катар од денеска ќе оди на терен за конкретно да се запознаат со проектите. Ќе посетат локации за бензински пумпи, фабрика за прехранбени производи и ќе ги посетат локаците кои Владата ги предвидува за туристички зони, за проектот „Сончев град“ и за станбена населба кај касарната Илинден. Очекувам по завршувањето на официјалната посета, која трае до четврток, да има и реализација на конкретни проекти“, вели Мизо.
Според информаците на „Капитал“, бизнисмените од Катар денеска најверојатно ќе се сретнат и со премиерот Никола Груевски. Во зависност од видот на инвестицијата, катарските бизнисмени ќе прошетаат низ земјава и со министрите за финансии, земјоделство, економија и за транспорт и врски. Делегацијата од Катар ќе се сретне и со менаџментот на ТАВ, дознава „Капитал“.
Оваа посета на менаџерите на најголемите и најуспешни државни компании од Катар доаѓа месец и половина откако премиерот Никола Груевски и уште неколку владини претставници беа во престолнината на Катар, Доха, за да ги претстават инвестициските потенцијали на Македонија пред емирот Ал Тани.
Која е мисијата на катарските бизнисмени?!
Со БДП по жител од 102.700 долари лани, Катар е втората најбогата земја во светот. Оваа земја минатата година оствари БДП од 181,7 милијарди долари според куповната моќ. Дури 79% од економијата отпаѓа на индустријата, а 20,9% на услуги. Минатогодишниот раст на економијата достигна 18,7%. Катар е една од најголемите и најбрзорастечки економии во светот. Нафтата и гасот придонесуваат за Катар да стане една од најбогатите земји во светот. Извозот на Катар минатата година изнесуваше 104,3 милијарди долари, што ја рангира на 37 место во светот. Оваа земја извезува ТНГ, нафтени производи, вештачки ѓубрива, челик, најмногу во Јапонија, Јужна Кореја, Индија, Сингапур, Велика Британија. Во 2010 година Катар увезе машини и транспортна опрема, храна, хемикалии вредни 25,33 милијарди долари. Најголемиот увоз во оваа земја доаѓа од САД...
http://www.kapital.mk/mk/makedonija/83761/shto_„lovat“_13_katarski_biznismeni_chetiri_dena_vo_makedonija_!.aspx
Ќе видиме ли некој аир од парите на овие, или се ќе заврши со прошетки и ручеци.