Владата отсега знае колку пари ќе собере од казни
Владата отсега планира колку ќе ги казнува граѓаните во наредната година. Имено, во буџетот за 2010 година државата предвидела дека 2 отсто или 46 милиони евра, во рамките на планираните 200 милиони неданочни приходи, ќе собере токму од глоба, судски и од административни такси. Точната сума што ќе биде прибрана само од казни не е дефинирана, но се најавува дека државата планира и во наредната година да собира пари од казни и тоа во одредена финансиска рамка, поголема од годинешнава.
За дел од упатените тоа значи дека државата ќе се труди со сите сили да ги собере овие пари во буџетот, што ќе подразбира норма што ќе мора да ја исполнат службите кои ќе казнуваат за да ја исполнат одредената квота. Експертите сметаат дека тоа значи дека државата со сила ќе се обидува вонредните приходи во буџетот да ги планира како редовни.
„Ставката за глоба воопшто не треба да се планира како таква, бидејќи како може државата сега да планира колку ќе казнува наредната година. Станува збор за тенденција, вонредните приходи да се планираат како редовни, што значи дека државата очекува и во 2010 година да има слаб прилив на приходи во буџетот, па планира со вакви мерки да прибира пари во државното кесе“, вели професор Мирољуб Шукаров. Според него, тоа укажува дека власта ќе продолжи да го цеди стопанството и граѓаните, покривајќи дел од своите непродуктивни трошења со арач прибиран од казни.
Дека државата се обидува да ги „набилда“ приходите во буџетот,
покажува сликата на терен изминатиов месец, која покажа дека масовно се казнуваа фирми за минорни пропусти, пајаците собираат автомобили без пардон, сообраќајците сопираат и собираат пари од возачите за непропуштање пешаци, за недавање знак за вртење итн. И граѓаните не останаа имуни на вакви казнувања, па плаќаат арач што не поминале на пешачки, што фрлале отпушоци или отпадоци на несоодветни места и многу други постапки, за кои и не знаеле дека се казниви.
Казнувањето како санкција на одредено законски неприфатливо однесување, држи, меѓутоа, она што Владата го прави со ваквите своите буџетски проекции, со кои планира слевање пари од казни, е неприфатлив. Се наметнува заклучокот дека државата спроведува класичен државен рекет, само да покрие дел од своите апетити за мегаломанско трошење. Искуствата од другите земји зборуваат дека казните ,на пример, за паркирање се пониски од оние што се во сила кај нас, а ние имаме далеку понизок стандард од европскиот.
„Казнувањето станува политички проблем на репресивна држава. Треба да ги подготвите граѓаните дека казните ќе продолжат и во наредната година, бидејќи сите се надеваа дека тие се фабрикуваат сега поради годинешнава криза и дека во 2010 година ќе се редуцираат. Со идните буџетски проекции станува јасно дека не само што казнувањето ќе остане практика, туку тоа ќе биде во поголем обем од годинава, а полицајците ќе продолжат на норма“, вели Јован Манасиевски од ЛДП, според кого, државата не може да ги надомести приходите во буџетот со казнување.
Она што некои го истакнуваат како транспарентност на Владата е што таа во буџетот за идната година за првпат ја издвојува сумата што се планира да се прибере со глоба, но
загрижува фактот дека државата се' повеќе ја зголемува ставката на неданочни приходи од 145,7 милиони евра годинава на 200 милиони евра за идната година. Тоа ќе значи дека државата предвидува да собира се' повеќе пари од граѓаните и од фирмите преку разни форми на принуда.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=B97CC3218FEADF40826850DE47B4F70A