Од грчките инвестиции сега останаа само фалби
Во првиот квартал од годинава во земјава влегле грчки инвестиции од само 680 илјади евра
Нина Нинеска-Фиданоска
Одредени грчки медиуми деновиве излегоа со тврдење дека Грција е на врвот на листата на најголеми странски инвеститори во Македонија. Официјалните бројки до кои дојде „Утрински весник“, меѓутоа, покажуваат дека грчките компании се' помалку вложуваат во Македонија.
Грчкиот весник „Македонија“, во текст под наслов „Грција ’ја храни‘ економијата на Скопје“, деновиве објави дека „грчките инвестиции во Македонија изнесуваат милијарда евра, а во земјата работат 280 грчки компании, кои вработуваат околу 20 илјади луѓе“. Грција, според весникот, а како што пренесе Макфакс, е и трет по големина надворешнотрговски партнер на Македонија.
Но, официјалните податоци покажуваат дека грчките инвестиции во последниов период практично секнуваат, односно дека нови инвестиции од оваа земја има се' помалку во Македонија. Во нашата држава остануваат да работат грчките компании што влегоа во претходниот период. Има и поединечни примери на заминување на одделни грчки инвеститори од земјава, како што се поранешните газди на Мермерниот комбинат во Прилеп, како и екссопствениците на „Космофон“, односно грчката ОТЕ, но таа одлука беше донесена поради фактот што компанијата мораше да ги испочитува антимонополистичките закони во Македонија.
Според најновите податоци на Народна банка на Македонија, во првиот квартал од оваа година во земјава влегле грчки инвестиции во вредност од само 680 илјади евра, што е речиси минорна сума кога станува збор за директни странски инвестиции за период од три месеци.
Грчките инвестиции во првото тримесечје се многу пониски од оние на неколку други држави, како што се, на пример, вложувањата од Холандија, кои во истиот период изнесувале дури 30,25 милиони евра, потоа австриските инвестиции кои тежеле 18,65 милиони евра, инвестициите од Швајцарија изнесувале 5,42 милиона евра, од Девствените Острови биле 4,98 милиони, од САД изнесувале 4,89 милиони евра, бугарските 3,79 милиони, италијанските 2,21 милион евра, словенечките 1,97 милиони евра, исто колку и инвестициите од Луксембург, како и албанските инвестиции кои изнесувале 1,27 милиони евра. Дури по сите овие држави следуваат инвестициите од Грција, со скромни 0,68 милиони евра.
И лани грчките инвестиции кај нас биле повеќе од сиромашни. Според податоците на НБМ, минатата година Грците во земјава инвестирале само 12 милиони евра, од кои „ситни“ 2 милиона евра биле реинвестирана добивка, а десет милиони кредити подигнати за обезбедување на тековното работење на фирмите во земјава. Тоа значи дека уште од лани почнале да спласнуваат грчките инвестиции во Македонија, кои се' дотогаш беа речиси доминантни.
За разлика од 2008, претходните години имаше обилни грчки инвестиции. Во 2007 година нашиот јужен сосед инвестирал 44,6 милиони евра во Македонија. Во 2006, пак, грчките инвестиции се мереле со 40,7 милиони евра. Тоа покажува дека експанзијата од грчка страна, која за нас до скоро беше реалност, во изминатава една и пол година веќе изгледа како далечно минато.
Инаку, Грците се сопственици на повеќе големи компании во земјава, како што се „Окта“, цементарницата „Усје“, „Веро“, како и на две банки - Стопанска банка - Скопје и Алфа банка. Покрај големите групации, во Македонија се присутни и стотици помали грчки фирми, кои главно се позиционираа на југот од Македонија, во текстилните фабрики.
Поради растот на вложувањата во изминативе години, Грција на Македонија успеа да и' се наметне како еден од најзначајните економски партнери. Сегашниот спротивен тренд кај одделни експерти го наметна прашањето - дали отворениот политички фронт меѓу двете земји, сепак, успеа да го наруши бизнисот?
utrinski