За секаква генерална оценка за работата на Груевски и неговата Влада, е рано. Имено, заклучоци не се носат врз основа на ветувања за реализација на одредени проекти и отпочнување со реализацијата на истите; заклучоци се носат врз основа на резултати. А за резултати, сеуште не може да се зборува.
Човек треба да има во вид два моменти кога станува збор за оценувањето на работата на владата на Груевски:
1. интензитетот на активностите на опозицијата кои се насочени кон дискредитација на Владата и
2. медумските кампањи со кои е поддржан стартот на секој владин проект и тековната работа на Владата.
Заради првиот момент постои можност да се создаде впечаток дека Груевски и неговите функционери не работат ништо, односно дека не работат во прилог на Р Македонија и нејзините граѓани; заради вториот момент, постои можност да се стекне впечаток за веќе постигнати резултати во услови кога истите всушност отсуствуваат. Каков впечаток ќе стекне човек, зависи од партиската призма низ која гледа на политичките случвања. Објективните луѓе ќе се воздржат од оценки се до моментот кога ќе може да се зборува за резултати - видливи резултати во клучните сфери од општественото живеење - или отсуство на резултати во поодминат мандат на Владата.