Штрајкот во образованието престанува
02.12.2008 21:26
Од утре учениците повторно на настава
СОНК и ресорните министерства успеаја да го усогласат текстот на спогодбата за барањата на просветарите. Вечерва се очекува да се потпише спогодбата со која ќе се усогласат ставовите за потпишување на колективните договори за средно и основно образование.
На вонредната седница ќе присуствуваат и ресорните министри.
Штрајкот се очекува да биде прекинат и од утре училиштата да почнат со редовна настава.
Цветановски не го открива владиниот предлог
СОНК со министрите за образование и култура, и труд и социјална политика започнуваат преговори. Од денешната средба и понуденото ќе зависи дали штрајкот во образованието ќе биде ставен во мирување.
Синдикалниот лидер Дојчин Цветановски оптимист дека ќе се изнајде решение за нивните барања. Молчи за владиниот предлог, не го соопштува бидејќи преговорите не биле започнати, а последниот збор го имал Советот на СОНК кој ќе заседава доцна вечерва.
„Можно е да се дојде до конечно потпишување на спогодба и да се донесе одлука за прекинување на штрајкот. Можно е и да се потврди одлуката , да продолжи штрајкот ако не се дојде до спогодба, или евентуално да констатираме само, од попладневните преговори што треба да се одржат, дека сме направиле доближување или оддалечување. Значи се е можно“, изјави Дојчин Цветановски, претседател на СОНК.
Премиерот Груевски денеска со молба, но и апел до просветарите да ја продолжат наставата и да имаат разбирање за состојбата во која се наоѓа државата.
Во дописот до медиумите Груевски ги осудува обидите на политичките партии за манипулација со просветните работници.
Поголемиот дел од училиштата во државава и денеска не работеа. Според Цветановски, интензитетот на притисоците, штрајкот да биде прекинат, биле со намален интензитет.