Верувањето во Божјото постоење е темелна и очигледна вистина која се спознава преку интуицијата пред да се прифати преку рационален доказ. Таа воопшто не е потребно да се докажува, затоа што доказите за нејзината исправност се наоѓаат во секое нешто. Нема да ги изложувам овие докази, затоа што тие се толку многубројни па не сме во состојба сите да ги наброиме.
Дамаскиот алим (Учен човек, исламски научник, телошки и световен знанственик), шејхот (почесна титула за стар, учен или високопочитуван човек) Џемалудин ел-Касими, спомнал многу докази во својата книга „Делаилу ет-тевхид“, иако ја напишал пред повеќе од половина век. И покрај сето тоа, денес се појавија нови докази кои ги открила модерната наука, непознати пред педесетина години. Па кој ќе погледне во книгата „Алах се открива во периодот на науката“, која ја напишале триесетмина врвни научници од областа на природните и анатомските науки, потоа во книгата „Науката повикува во верата“, ќе пронајде дека вистинскиот научник и обичниот човек (лаик) се верници, а дека неверувањето се појавува кај полунаучниците, кои спознале половични знаења и со тоа ја уништиле природната вера, исламот. Не ја досегнале вистинската наука која повикува кон верата, па паднале во неверство.
Во овие две книги се наоѓаат текстови кои претставуваат плод на размислувањата на овие научници, како што е, на пример, Франк Ален, кој докажал дека учењето за вечноста на светлината, како што тврди грчкиот филозоф, е апсурдно и невозможно и дека науката открила дека секое нешто има период, т.е., почеток кој ја негира нејзината вечност. Ова се зборовите на Роберт Морис Беџ, пронаоѓачот на радарот, потоа хемичарот Џон Кливленд и физичарот Џон Херберт.
Би сакал да ги прочитам овие две книги и сличните на нив, а тие се многубројни. Не би сакал повторно да ги наведувам старите докази за Божјото егзистирање, оние докази со кои се служеле апологетите, ниту новите докази до кои дошле овие научници. Ќе укажам само на еден од Куранските докази, а тие се јасни, очигледни, неспорни, силни, искажани со јазик кој го разбира и обичниот човек, а ја исполнува душата на научниците кои ја разбираат нивната смисла, восхитувајќи се на нивната сила, прецизност и јасност. А, на двајцата, и на лаикот и на научникот, не им преостанува ништо друго освен да кажат: „Ова е вистина!“ Возвишениот Алах нè предупредува во Куранот, само со еден збор, дека доказот за нас е во нашите битија. Па како тогаш да го негираме мнението чија вистинитост потврдува нешто што е испишано на нашите чела?! Возвишениот вели: „И во вас самите, па зарем не гледате?“ Длабоко во нашите души чувствуваме дека Тој постои, бараме засолниште кај Него во тешкотиите и во големите несреќи. Преку нашата природа која верува и инстиктот за вера ги гледаме доказите во себе и во светот околу нас. Потсвеста верува во Неговото постоење интуитивно, а свеста преку доказот. Па како атеистот го негира Бога, а самиот тој е доказ за Неговото постоење?!
Тој е како оној кој го носи твојот имот во својата рака и тврди дека не го зел, ниту пак го допрел, или пак како оној кој носи мокра облека, од која капе вода и тврди дека не се приближил до вода. Ова е најосновна вистина, но зошто гледаме дека повеќето луѓе не посветуваат внимание на тоа?! Одговорот на ова е: затоа што не размислуваат за себе! Заборавиле на Бога, па Тој одлучил да се заборават самите себе си. Тие бегаат од себе си, се плашат од издвојувања, не може ниту еден од нив да остане сам со себе, без работа. Затоа се забавува со празен разговор или безвредна книга, или со некоја работа која го преокупира и во која му поминува животот, како да си е на самиот себе си непријател кого го мрази и од кого бега. Како својот сопствен живот, а тој е главниот негов капитал, да го носи на грбот за да го фрли и за да се ослободи од него. Погледни во повеќето луѓе, ќе ги најдеш како јадат и како пијат, спијат и се будат, копнеат за уживање, се оддалечуваат од болка, настојуваат на овој свет да остварат добро за себе, за своето семејство и за оние кои ги сакаат. Еден од нив, на пример, кога ќе осамне, го чисти своето тело, облекува облека, јаде, оди на работа, работи за да собере иметок и за да ја зголеми добивката. Потоа се враќа дома, руча и се одмара. Тогаш повторно се враќа на работа или се одлучува за забава. Бара со што ќе го исполни слободното време, во што ќе го истроши животот, додека повторно не почувствува глад, па тогаш јаде, или го совладува дремеж, па спие. Потоа го дочекува новиот ден и ја повторува програмата од претходниот ден. Се сеќава на своето минато, а тоа не е ништо друго освен денови кои чувствува дека ги проживеал на овој свет. Размислува за својата иднина, а таа не е ништо друго, освен денови за кои претпоставува дека ќе ги проживее на овој свет.
А, што се однесува до муслиманот, тој не се задоволува во животот само со јадење и пиење, со работа или со забава, туку се прашува: „Откаде сум дојден? Каде одам? Што е почетокот? Што е „крајот“? Набљудува и согледува дека неговиот живот не почнал со раѓање за да заврши со смртта. Увидува дека бил ембрион во мајчината утроба уште пред да е роден, а уште пред да стане ембрион бил сперма во внатрешноста на татко си, а пред тоа бил крв која тече во татковите вени, а таа настанала од храната која тој ја изел, а оваа била растение кое изникнало од земјата, или животно кое се хранело со растенија. Тоа се фази низ кои поминал пред раѓањето, а за кои не знаел ништо. Долг синџир, чиј мал број на алки е видлив, а останатите ги сокрива од нашите очи целосна темнина. Па како ќе се создаде сам себе си со својот разум и волја, а постоел, пред да имал разум и волја? Никој од нас не знае за себе си пред својата четврта година од животот. Никој не се сеќава на раѓањето! Кој се сеќава на своето раѓање? Кој се сеќава на времето кога бил во мајчината утроба? Ако постоел уште пред да знае за своето постоење, можно ли е да се каже дека сам себеси се создал? Прашај го ова атеистот, ако го сретнеш, и кажи му: „Дали ти самиот себеси се создал со својата волја и разум? Дали си ти тој кој се создал себе си во утробата на својата мајка? Дали ти ја избра жената која ќе ти биде мајка? Дали ти ја доведе акушерката да те извади од утробата? Дали си ти, тогаш, создаден од ништо, без создател? Тоа е апсурдно и невозможно! Тогаш, дали те создадоа овие созданија кои биле пред тебе: планините, морињата, Сонцето, планетите?
Декарт во периодот на испробувањето на скептицизмот, по кој бил познат, се сомневал во сè. Кога дошол до себеси, не можел да се сомнева во своето постоење. Затоа што тој е оној кој се сомнева, а неопходно е кај сомнежот да постои оној кој се сомнева. Затоа ја изговорил својата славна поговорка: „Мислам, значи постојам!“ Постои, нема сомнеж во своето постоење, па кој тогаш го создал? Дали го создале овие материјални битија? Тоа се нешта кои немаат разум, а тој е разум. Може ли да дарува разум оној кој нема разум? Оној кој не поседува нешто, не може ниту да даде. Таков бил ставот на Авраам, нека е Божјиот мир над него, кога го видел својот татко како делка кипови со длето и изработува од каменот форма која неговиот народ ја смета за божество. Каменот што го обработува човечката рака, а потоа човекот го обожува!? Бог кој го создавам и барам од него да создава што сакам!? Тоа здравиот разум не го прифаќа! Па каде е тогаш Вистинскиот Бог? (Ова е метод кој Авраам го користи во повикувањето на својот народ во верувањето во еден Бог, а не е во прашање за сомневање и сопствено трагање за Бога (заб. на авторот).)
Авраам (Ибрахим), нека е Божјиот мир над него, почнал да истражува и размислува. Се спуштила ноќта и на небото се појавила сјајна ѕвезда. Не излегла од Земјата како каменот од кој се прават кипови. Не ја направил човекот со своја рака, за потоа да ја обожува. Му рекол на својот народ дека го пронашол вистинскиот бог. Тогаш се појавила Месечината и исчезнала ѕвездата. Видел дека Месечината е поголема и посјајна, па рекол дека Месечината е бог. Потоа се појавило Сонцето кое го отстранило месечевиот факел и чија светлина ја преплавила Земјата. Авраам, нека е Божјиот мир над него, рекол: „Ова е бог“. Но Сонцето зашло и ја оставило Земјата во темнина. Каков е овој бог кој заоѓа и го напушта своето кралство? Не, Сонцето не е бог кој мене ме создаде. Ниту пак овие созданија се богови. Ниту јас сум бог. Не сум се создал самиот себе си, ниту сум создаден од ништо. Останува само една можност, таа е исправна и вистинита, а сè останато е невистинито: зад сите овие нешта е Семоќниот Бог кој ги создаде, и нив, и мене и сите други нешта. Овој доказ Куранот го изложил во единствена реченица, која претставува чудо - натприродно својство на Божјата објава и несоборлив доказ за атеистот кој му се покорува на разумот и го почитува, а тоа е цитатот: „Дали се создадени од ништо, или самите себе си се создале?!“