Филмска поезија, онака, за тебе.
Го будиш утрото
и посакуваш да си месечина меѓу милион сонца,
додека јас сум студен како Јануари
ти имаш насмевка на Април.
Го правиш најдобриот mind-blowing jump cut
кој некогаш сум го доживеал
додека се обидувам да откријам
зошто оваа
Одисеја е 2010,
дали закаснивме девет години,
или се обиде да дојдеш
навреме
кога јас размислував дали
и кружницата има свое небо
додека твојата ја доближа до мене,
додека јас размислував дали
бојата има мирис
и се' е една прекрасна композиција
под вистинско светло
една долга бајка во некоја земја
во која уште имам недопишани страници
не дека не знам како да ги напишам, туку
ги доживувам
кога се среќни и тажни на свој начин
затоа што тажните знаат најдобро да се смеат
а твојата насмевка е убава и мистична во ист момент
како
деветтата симфонија на Бетовен,
како што кога те гушкам морам да ја доживеам
најголемата среќа
ако не,
ќе те гушнам пак
и никој нема да открие како заедно ја пишуваме
точката под прашалникот,
додека
сјаеш и го чувствувам тоа
упорно се обидувам да ја наместам косата
и кога не успевам во тоа, само
ќе се насмевнеш
и ќе речеш дека не е битно.
А мене многу ми е, иако испаѓам како циркузант со лоша шминка
и рутински се насмевнуваш на мојата глупава
смисла за хумор
дали навистина ти се допаѓа
или се обидуваш да ме импресионираш
додека заедно сами ствараме тишина, дали јас се плашам
од неа
или ти намерно сакаш да бидам единствена воздишка
во ноќите и на местата каде што сум талкал,
очајно откривајќи тајни,
да прашам дали навистина постоиш
или јас
сакам да се ослободам
од илјадниците капки дожд кои ме следат.
Не се тие мојата тага, туку мои сведоци кои
гледаат
како прашалниците ги правиш извичници
на крајот на една реченица од две зборчиња.