Смртта на Владо Танески го прогонува цимерот од затворската ќелија
Потресно сведоштво на притвореникот Нусрет Адеми од затворската ќелија на новинарот
Даниела Трпчевска
„Дваесет и трети јуни беше многу лош ден за нас. Да не си во моја кожа и на другите двајца притвореници во ќелијата 4 во тетовскиот затвор, кога го видовме Владо Танески во кофата со вода. Да не си во нашата кожа. Ден-денеска не можеме да спиеме ноќе и сликата со неговото мртво тело ни е пред очи. Кој ќе одговара за тоа?“
Со овие зборови Нусрет Адеми (29) од полошкото село Неготино ја започнува приказната за случувањата во тетовскиот затвор и мистериозната смрт на Танески за кои што се' уште нема вистински одговори. Кога околу два часот по полноќ го разбудил силен вресок, Адеми вели дека двајцата други притвореници веќе биле будни пред него. Во темната и неосветлената просторија, тврди тој, го видел Танески како лежи во бањата, а во собата притвореникот Изаир Фаризи панично врескал: „Се самоуби, се самоуби!“
Осум месеци по настанот, Адеми во центарот на Гостивар вели дека се' уште се будел ноќе, оти сцената од бањата и мртвото тело на Танески постојано му се враќале пред очите.
Адеми првпат јавно говори за неговата средба со кичевскиот новинар, разговорите меѓу четворицата „цимери“ во ќелијата, за краткото пријателство со Владо со кого го споделиле последниот оброк, за долгата јунска ноќ, кога ни трите црвени апчиња за смирување не им помогнале да заспијат.
Со Нусрет разговаравме во центарот на Гостивар. Иако при секој обид досега официјално да дознаеме нешто за него, не' убедуваа дека „никој не знае каде е“ (дури и судот има распишано потерница по него за учество во изборни инциденти), Нусрет го пронајдовме со само еден телефонски повик.
„Некој ако сака да ме најде, веднаш знае каде сум. Или во Неготино или на работа во касарната“, вели Адеми, кој е вработен во армијата. Иако е преокупиран и загрижен околу судењето за изборните инциденти, кое го очекува на 27 овој месец, тој се согласи за „Утрински весник“ и за екипата на познатата француска телевизија Канал + детално и долго да зборува за последната ноќ на Танески во тетовскиот затвор.
Најбизарната приказна за која огромен интерес се' уште покажуваат странските новинарски екипи, започна на 22 јуни кога кичевскиот новинар беше приведен поради сомнение дека ја убил пензионерката Живана Темелкоска. По ноќта помината во кичевската полиција, Танески во саботата попладне беше префрлен во тетовскиот затвор на издржување на 30-дневниот притвор.
Во малата и скудна ќелија број 4, Танески веќе го чекале тројца притвореници. Двајца од нив приведени за изборни инциденти, третиот за убиство на 14-годишно девојче.
Тоа била првата средба на четворицата, чија дружба траеше само едно деноноќие.
„Ќелијата беше мала - две метра на едно и пол. Кога дојде Владо Танески јас веќе бев два месеца во притвор. Го донесоа навечер. Беше сабота и чуварите го донесоа кај нас. Му понудивме да јаде, но тој одби. Седевме заедно, таму делевме се' што имавме. Кога си во притвор не се гледа ниту националност, ниту вера, ниту друго. Таму се гледа само пријателството, кој да куртули и што побрзо да излезе од таму “, вели Адеми, присетувајќи се на првата средба со Танески.
Разговорот меѓу тројцата „староседелци“ во ќелијата и новодојдениот бил многу краток. „Разговаравме кој што работи, но не и зошто е дојден тука, оти никогаш не знаеш што ти носи животот. Тој ми кажа дека е тепан и удрен кај вратот, дека го удриле и го малтретирале во Кичево. Потоа го прашав што работи, а тој кажа дека работи во фирмата ’Фонко‘. Потоа, ми кажа дека е градежен инженер. Потоа не рече ништо. Едно време зборуваше дека некој во Кичево пука со пиштоли, не ги притвораат и се слободни, а јас, велеше, за ништо сум во притвор“, раскажува Адеми.
Танески изутрината, раскажува нашиот соговорник, воопшто не станал за да го земе појадокот. Јадел дури попладне, а вечерта пред спиење околу 22 или 23 часот пристигнала и вообичаената доза лекови.
„Секоја вечер во притворот мора да спиеш со апчиња. Без апчиња нема сон. Едно апче од црвените има 400 милиграми. Јас по три апчиња пиев навечер за да отспијам еден час. Знаеш колку се 90 дена? Тие што се внатре знаат, а тие што се надвор не знаат како е“, вели Адеми.
Танески, тврди тој, испил едно апче за да заспие. Четворицата си легнале, за околу два часот да ги разбуди силен вресок. „Околу два часот изутрината слушам некој вреска: ’Се самоубил!‘ Вреска и скока. А темно е. Станав полека, оти бев болен од ’рбетот, станав и гледам некој лежи кај вратата, а нашиот човек од Дебреше (н.з. Изаир) не се доближува до него. Му викнав - ѕвонеше ли да ги повикаш чуварите? Ми одговори – не“, раскажува Адеми, повторувајќи ја изјавата која веќе неколку пати ја дал и пред истражните органи.
Потоа заѕвонил кај стражарите или гардијаните како што ги нарекува. До нивното пристигнување веќе, тврди Адеми, се' било јасно. Танески бил свиткан под лавабото. Изаир Фаризи, кој секоја вечер станувал за да се моли, стоел неподвижно во собата. Третиот притвореник, кој бил од Дебар, рипнал од креветот преплашено и се стаписал во напад на паника. Чуварите ги отвориле двете врати од ќелијата и го запалиле светлото.
„Бањата е без врата. Владо Танески лежеше кај лавабото. Едната нога му беше внесена накај клозетската шолја, а раката му беше свиткана кај радијаторот. Главата му беше пикната под лабавото, кое е многу ниско“, се присетува Адеми. Потоа пристигнале лекарите, го изнеле телото надвор и се обиделе да му дадат прва помош. Безуспешно. Во џебот на Танески пронашле ливче дека има оставено писмо под перницата. Во креветот било пронајдено и прошталното писмо. Адеми вели дека не го видел Владо кога го пишувал писмото, а верува дека и другите од ќелијата не го виделе.
„Го гледав човекот во кофата, кога го запалија светлото и се прашував, како можел да го направи тоа. Се чудев како може. Вода течеше и од лавабото и од шолјата. Ако викал, ние сигурно би му помогнале. Не би оставиле да се случи тоа“, вели Адеми. Во врска со сомневањата дека Танески не се самоубил, Адеми тврди дека е невозможно некој да влегол однадвор и да го удавил.
„Во притворот има камери, се' се снима. Не можам да кажам дали некој го убил, оти кога ја отвораш влезната врата на ќелијата, таа бучи. Кога ќе се отвори првата, па потоа втората врата нема шанси да не слушнеш, без разлика во каков сон да си. Нема шанса да не станеш“, не' убедува Адеми.
Тој неколку пати едноподруго повторува дека ако знаеле дека нешто вакво може да се случи, би го спречеле, би го чувале постојано ако треба. „Откако се случи тоа со Танески, потоа го чувавме другиот човек во ќелијата оти за него дознавме дека е осуден на 12 години затвор. Можеше и тој да го направи истото. Стануваме заедно со него по 2 часот, кога почнуваше да се моли и божем не ни се спие муабетевме до пет изутрина.“, сведочи нашиот соговорник.
Тој е го памети Танески како мирен човек. „Велеше џабе ме донесоа тука, не сум крив, малтретиран сум. Велеше дека го удриле, кажуваше како го испрашувале. Не спомна никакво убиство“, во еден здив објаснува Адеми. „Никој не ми се заканувал, ниту пак ми кажал што да зборувам. Нема што да се крие“, на заминување вели нашиот соговорник Нусрет Адеми, поранешниот притвореник од ќелијата број 4 во тетовскиот затвор.
ИЗВОР