Ајде ќе почнам јас.
Михаил Шолохов е претставник на рускиот реализам, а после „Тивкиот Дон”, долгиот расказ „Судбината на човекот” е негово најдобро остварување.
Причината најверојатно е потресната приказна и начинот на кој е раскажана, а е раскажана едноставно, односно е исповед на Андреј Соколов за неговиот живот.
Пред да биде мобилизиран за време на Втората светска војна, Андреј Соколов имал еден обичен живот. На свои 18-19 години за време на граѓанската војна се бори за Црвената армија, неговите родители умираат од глад, а тој се вработува во фабрика и го изучува браварскиот занает. Се жени со Ирина, сиромашна, мила, работлива девојка и имаат три деца. Живеат во една куќичка со две соби, тој се вработува како возач на камион и тоа им е сосема доволно на овие скромни и среќни луѓе. И потоа следува неговото мобилизирање кога тој треба да тргне на фронтот. Ќе ја цитирам разделбата меѓу него и Ирина:
Другите жени со мажите, со синовите, разговараат, а мојата се залепила за мене како лист на гранката и сета трепери, збор не може да изусти. Јас и' велам: Соземи се, моја мила Иринка! Кажи ми барем убав збор за разделба. Таа зборува, но трепери сета: Роден мој... Андјруша... нема да се видиме... јас и ти...повеќе..на овој... свет.
И подоцна кога Андреј ќе помине низ многу искушенија и маки на фронтот (бил заробен во германски логори со минимум храна, бескрајно истоштување, тортури...) и кога ќе успее да избега од логорот и да се врати кај своите, руските војници - ќе разбере дека врз неговата куќа паднала бомба и неговата жена и двете ќерки се мртви. Што навраќајќи се на цитатот горе Ирина на некој начин ја предвидела нејзината смрт.
Во овие моменти единствената надеж на Андреј е неговиот преживеан син. Но и таа радост трае кратко бидејќи непосредно пред завршувањето на војната тој загинува.
И по завршување на војната, кога сите започнуваат со нов живот, Андреј е тој кој нема каде да се врати. Нема покрив на главата и никој никаде не го чека да се врати. Тогаш го сретнува малото момче на патот и после неколку дена решава да му пристапи. Бидејќи тоа е сираче решава да го посини и му кажува дека тој е неговиот татко. Среќата на момченцето е бесцената во тој момент кога го нарекува тато и му се фрла во прегратка, го бакнува и плаче.
Со оглед на тоа се работи за војна, судбината на Андреј на некој начин е вообичаена. На луѓето им се случувале и полоши работи како убивање на татковци и синови меѓу себе и слично.
Но хуманистичката порака која треба да ја носи расказот е дека човекот и во такви моменти треба да најде длабока причина која ќе му ја врати радоста и смислата на животот.
Во случајот на Андреј, детенцето го симболизира тоа продолжување на животот по пустошот што го создава и остава зад себе војната. Детето е новата надеж, новата енергија што значи обновување на постоењето и смислата на животот.