На Висока се разоткрива дворецот на Пелагонците
Можеби сме блиску до откривањето една од точките на антиката по кои се трага, а тоа е градот Пелагонија, досега единствен неоткриен во археологијата, вели Дејан Кебакоски, раководител на проектот за истражување на Висока
Истражувањата се водат на тежок начин, бидејќи нема пат, па археолозите со екипата секој ден од логорот поставен во близината се искачуваат на врвот висок 1.472 метри
ЕКСПЕДИЦИЈАТА НАПРЕДУВА НА СЕЛЕЧКА ПЛАНИНА
Иако во тешки услови, поради непристапниот терен, археолошката експедиција што годинава го истражува локалитетот Висока, лоциран на врвот на Селечка Планина, добро напредува. Тие се надеваат дека ќе го добијат крунскиот доказ дека на ова место има палата, односно резиденција што му припаѓала на кралот што владеел во античкиот период.
- Можеби сме блиску до откривањето на една од точките на антиката по кои се трага, а тоа е градот Пелагонија, досега единствен неоткриен во археологијата - вели Дејан Кебакоски, раководител на проектот за истражување на Висока.
Истражувањата се водат на тежок начин, бидејќи нема пат, па археолозите со екипата секој ден од логорот поставен во близината се искачуваат на врвот висок 1.472 метри. Тие ќе траат континуирано до крајот на месецов, а по начинот на реализација се први од типот на археолошка експедиција.
- Има дворец со влезна партија. Екипата стигна до самата карпа, но дебелината на слојот на земја е околу еден метар. Девастиран е материјалот, освен последниот од 6 век. Ретки се наодите. Еден ѕид внатрешно на акрополата е раноантички, кој соодветствува со тврдината од 4 век пр.н.е. Монументалноста на градбата укажува на моќник што ја направил - истакна Кебакоски.
Начинот на градбата бил ист со оној на гробницата во подножјето. Тоа во тој период, според експертите, можел да си го дозволи само кралот на Пелагонците, потврден во податоците како Менелај. Засега нема наоди за стопроцентна потврда, но монументалноста укажува на владетел што владеел во тој период.
На локалитетот се пронајдени повеќе монети.
- Има монета на Нерон од 1 век од нашата ера. Има и од 3 век, но најсилни се предметите од 4, 5 и 6 век, што значи дека градот бил ревитализиран. Има репарации на доцниот антички период, односно докази дека градот живеел низ целата антика. Можеби претходно жителите биле спуштени долу, па се искачиле горе. Западната страна на локалитетот Старо Бонче бил долниот град, каде што живееле граѓаните, со површина од 12 хектари, што е импресивно во споредба со други антички градови - додаваат археолозите.
Се очекува со овие капитални истражувања да се потврди претпоставката дека тука се наоѓал центарот на кралството на Пелагонците.
Локалитетот Висока годинава влезе во категоријата археолошки проекти од национален интерес. Локалитетот е составен од два дела, односно од акропол, или палатен дел, и подградие. Акрополот е со површина од 2.600 квадратни метри, додека целиот археолошки локалитет се протега на 19.600 квадратни метри, или речиси два хектара.
На локалитетот Висока се планирани уште три посебни проекти за дигитализација на локалитетот и артефактите до кои ќе се стигне, а со нив се фрла нова светлина на локалитетот, но и се отвора нов правец на археологијата во Македонија.
Автор: Каролина Мицевска
ИЗВОР