Формирана македонска ватерполо лига
Ватерполо-клубовите Динамо, Локомотива, Бисер, 18 Август и Младост од денес па во текот на целото лето, на базенот „Бисер“ ќе бидат дел од новоформираната Македонска ватерполо-лига. Овие пет клуба самоиницијативно, независно од федерацијата, се решија да стартуваат со лигашки мечеви и да ја обновата лигата која како што велат е замрена во последните три години.
- Во последниве три години не е одигран ниеден официјален лигашки меч, па затоа решивме да се самоорганизираме и да го формираме ова натпреварување. Точно е дека имаме успеси на меѓународна сцена, репрезентацијата бележи одлични резултати, но срамота е на домашната сцена веќе три години да не се организираат првенствени натпревари. Пет клуба решија да организираат лига, која треба да трае цело лето. Пративме репрезентација на ЕП, па сега и на СП, а немаме домашна лига - вели долгогодишниот ватерполо-работник, Димитар Дуковски.
Лигата ќе стартува денеска попладне со дуелите Бисер - Младост и Динамо - Локомотива. Во првото коло слободна ќе биде екипата на 18 Август. Натпреварувањето ќе биде во принцип секој со секој по три пати, а првиот круг треба да биде заокружен на 28 овој месец. На крајот од првенството ќе биде доделен и пехар за најдобриот тим, а ќе биде прогласен и најдобар играч и најдобар голман.
Покрај лигашките мечеви се планираат да бидат организирани и неколку меморијални турнири, а летото да биде заокружено со еден меѓународен турнир на кој би требало да учествуваат повеќе екипи од странство.Преставниците на овие пет клуба се револтирани и незадоволни што челниците на Пливачката федерација на Македонија не успеа во последниве три години да организира првенство.
- Состојбата е алармантна. Ниту едно тело во Федерацијата не функционира. Претседателот е во оставка, сметката е блокирана, првенство нема, а се таложат и уште еден куп проблеми. Целата федерација ја водат еден до двајца луѓе. Ништо не функционира како што треба, па затоа самите решивме да направиме нешто што ќе наликува на лига. Покрај сениорското првенство веќе се почнати и лигите во младинските категории - вели Боро Стефановски.
Актуелен освојувач на последното првенство е екипата на Бисер, која триумфираше на лигата во 2006 година. Претставникот на Бисер, Александар Маниќ, вели дека намерно во изминативе три години не било организирано првенството за да не се покаже вистинскиот квалитет на домашните играчи. Тој јавно упати покана за учество во лигата и на екипите на Работнички и Орки. Според Маниќ во Македонија има многу подобри играчи од тие кои настапуваат во Работнички и Орки и кои се дел од репрезентацијата, која се подготвува за Светското првенство во Рим.
- Во овие пет клуба кои ќе бидат дел од лигата, има многу подобри играчи. Проектот пласман на СП, за некои во федерацијата е всушност проект синот на СП. Ги каниме екипите на Работнички и Орки да бидат дел од оваа лига што ја формираме и да видиме како ќе бидат резултатите. Мораме вака јавно да ги поканиме, бидејќи владее општ хаос и не знаеме кај да ги најдеме да ги поканиме да учествуваат - вели Маниќ. Во меѓувреме репрезентацијата ги продолжува подготовките за пласман на СП во Рим. Тимот се врати од Црна Гора и сега тренинзите ќе продолжат на базенот во Велес.
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=0E0759871AC48A4B9B094F6D74985777