Еве ти една интересна статиja во "Утрински" от днеска.
Македонското МНР бара реципроцитет за сите барања на Софија
Заменик-министерот за надворешни работи, Зоран Петров, од вчера е на политички консултации во Софија, официјално поради унапредување на билатералната соработка меѓу двете држави во сите области од заемен интерес и на планот на евроатлантските интеграции. Ова е прва средба по подолг период меѓу бугарски и македонски функционери, откако односите се затегнаа со барањето на Софија за потпишување спогодба за пријателство и соработка. Петров ќе се сретне и со шефот на дипломатијата, Николај Младенов, а од двете страни се потврдува дека, покрај другите прашања, тема ќе биде и содржината на спогодбата.
Од македонското МНР вчера најавија дека ќе се договара помош од Бугарија за евродирективите, а околу спогодбата ќе се инсистира на генерален реципроцитет, односно тоа што го бара Софија - сама да го примени и на своја територија. Или поедноставно, на барањето да се признае бугарското малцинство во земјата да одговори со признавање на нашето во Бугарија. Тоа значи дека Македонија ќе бара реципроцитет и за градењето бугарски споменици во земјава и за прекин на говорот на омразата, но таков одговор е неприменлив во однос на барањето на Софија за заедничко славење на одредени празници. Според МНР, откако беа испратени нашите контрабарања, официјално од Софија имало молк за понудената спогодба.