Без искусна дипломатија, за „ОМО Илинден - Пирин“ нема правда
Дипломатски извори тврдат дека вршителот на должноста во Советот на Европа нема доволно искуство и познавање на јазици за да и се спротивстави на Бугарија, од МНР не ја откриваат неговата биографија
Македонија мора да постави искусен дипломат за амбасадор во Советот на Европа за да му возврати на агресивното лобирање на Бугарија која се обидува да го затвори случајот „ОМО Илинден - Пирин“ без да ја регистрира партијата на Македонците. Извори од МНР потврдуваат дека нашиот вршител на должноста во Советот на Европа, Реџеп Салиу е дипломат кој нема доволно искуство да се снајде во мачните дискусии што се одвиваат на седниците на Комитетот на министри при Советот на Европа. За изненадување од МНР одбиваат да откријат какво дипломатско искуство има Салиу со објаснување дека такви информации не смеат да се објават во јавноста. Искусни дипломати тврдат дека Салиу претходно имал работно искуство во македонската амбасада во Сараево кое не е доволно за да ја претставува земјава во мултилатерална организација како Советот на Европа. Од наши дипломатски извори уште дознаваме дека
Салиу немал добро познавање од англиски и француски јазик.
И Од „ОМО Илинден - Пирин“ се жалат дека Салиу не се снашол најдобро на седницата каде Комитетот на министри на Советот на Европа даде предлог со кој Бугарија не се обврзува да ја регистрира партијата на Македонците.
- Според нашите информации, реакцијата на вршителот на должноста не била баш најдобро подготвена - вели Ботјо Вангелов од „ОМО Илинден - Пирин“.
Од МНР објаснуваат дека ќе се настојува празното амбасадорско место во Советот на Европа што поскоро да се пополни со искусен амбасадор, особено поради тоа што Македонија од следната година ќе претседава со Советот.
Шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски најавува дека Македонија жестоко ќе реагира на последниот предлог на Комитетот на министри.
- Ние ќе реагираме до министрите дека мора да се испочитуваат до крај принципите на организацијата и ќе бараме да се спроведе во целост пресудата на Судот за човекови права - вели Милошоски.
Во предлогот од седницата на Комитетот на министри што е објавен на сајтот на Советот на Европа стои објаснување дека „треба да се земе во предвид тврдењето на бугарските власти дека владата не гледа пречки во тоа апликантите да стекнат регистрација на нивната организација како политичка партија под условите што се пропишани во Уставот на Бугарија и законските услови“. Благодарение на силното лобирање, Бугарија издејствува во предлогот да стои само дека ќе и дозволи на „ОМО Илинден - Пирин“ да побара нова регистрација на партијата, наместо да се обврза дека ќе дозволи регистрација по пресудата на Судот во Стразбур. Со тоа, Комитетот на министри, како тело кое е надлежно за спроведување на пресудите на Судот во Стразбур бара на Бугарија да и се дозволи да не ја почитува пресудата. Во предлогот пишува уште дека со измените во Законот за политички партии во Бугарија, бројот на членови што мора да ги има партијата за да се регистрира е намален од 5.000 на 2.500, како и дека Врховниот суд на Бугарија пресудил дека партијата не ги задоволила барањата за регистрација.
Бугарија чести ручеци од 300 евра
Дипломатски извори тврдат дека Салиу поднел 5 амандмани против предлогот да се затвори случајот „ОМО Илинден - Пирин“, но ниту еден амбасадор не се изјаснил позитивно за амандманите. Дознаваме дека притисокот на Софија одел дотаму што бугарските претставници во Советот на Европа дури редовно
честеле и ручеци од 300 евра за да ја придобијат поддршката за случајот „ОМО Илинден - Пирин“. Конечната одлука за случајот треба да се донесе во септември.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=617910758494&id=9&setIzdanie=21714