,,Аргументи од црнито тефтер на жртвуваните"

Вештица

love&reason
Член од
2 јануари 2009
Мислења
1.524
Поени од реакции
856
,,...Ако влезеш во турски затвор, ќе останеш доживотно.Ако влезеш во грчки тефтер, никогаш нема да те избришат..."
Мотото ставено во почетокот на овој зборник претставува вообичен израз кога меќу себе разговараат луѓето од Беломорието распрсани како капки дожд насекаде низ светот.
Зборникот, оваа книга е еден од значајните чекори на патот на бележење на колективната меморија на нацијата. Сега кога овој фундаментален проект ја доби својата физиономија, сакаме да ги споделиме задоволството и радоста сo сите оние кои веруваа во крупните чекори и несебично им даваа подршкаа.

Во зборникот се раскажани животните приказни на 70тина борци од Егејска Македонија.

Дел од зборникот е испечатен во денешното издание на Вечер.
 
Славјански

Антички Словен
Член од
2 мај 2008
Мислења
5.644
Поени од реакции
1.346
Паметете за да не ни се повторува...
 
Член од
4 јуни 2007
Мислења
2.885
Поени од реакции
189
„Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните" - Ристо Менчев (извадок #1)

Грците нe нарекуваа Бугари. Сиромашните селани се надеваа дека во ЕЛАС и во ДАГ ќе ги добијат своите права. Токму затоа и масовно се приклучуваа во движењето, вели Ристо Менчев, учесник во Граѓанската војна

Некогашниот учесник во Граѓанската војна, дедо Ристо Менчев, е роден на 18 август 1928 година, во гратчето Гуменџе, Кукуш. До 1896 година, ова гратче било чисто македонско, односно сите 3.500 жители биле Македонци. Во текот на наредните години во него се доселиле Маџири од Мала Азија, Кавказ, така што се изменил етничкиот состав, па Македонците сочинувале две третини, Маџирите, или новодојдените, една третина од вкупното население. Тамошниот македонски народ бил угнетуван, а Македонците не можеле да го користат македонскиот јазик. Немале цркви, училишта, односно немале никакви права. Биле носени во заточение, во концентрациони логори. Менчев објаснува дека луѓето не можеле слободно да одат ниту на нива. Кога оделе на земјиштето за да го обработуваат, пред нив марширала војската, а потоа се движеле селаните. Подоцна ним им бил конфискуван и имотот.

"Беа малтретирани само затоа што беа Македонци. Тоа особено се случуваше во време на диктатурата на Метаксас. Грците но нарекуваа Бугари. Сиромашните селани се надеваа дека во ЕЛАС и во ДАГ ќе ги добијат своите права. Токму затоа и масовно се приклучуваа во движењето", додава Менчев.

ГИ ПРОДОЛЖИВМЕ ИДЕАЛИТЕ НА ГОЦЕВАТА ВМРО
Пред да се формира Демократската армија на Грција, во селата и во градовите во Егејскиот дел на Македонија, во текот на 1945 година, постоеле комитети кои дејствувале илегално. Нашиот соговорник раскажува за тоа како во мај, во селото Крива, во заседа биле убиени 8 луѓе. Истото се случило и во ноември истата година кога од страна на грчките монархофашисти во селото Баровица, Гуменџе, биле убиени уште 8 лица.

Во август 1946 година Менчев му се приклучил на одредот на НОФ во кој имало триесетина лица, кои биле стационирани на Пајак Планина.

"Во ноември 1946 година нашите сили се обединија со Грците. Јас останав на Пајак Планина. Некои заминаа за стара Грција. Бев курир на Главниот штаб. Дејствував на потегот Пајак Планина, Кожув-Кајмакчалан. Грците се бореа за социјална слобода, а ние за национална. Грците бараа да бидат рамноправни во грчкиот Устав. А ние во континутет ги продолживме идеалите на Гоцевата ВМРО. Всушност, и мојот татко беше стар Илинденец. Сиромашните селани веруваа во тие борби, беа во комунистичкото движење, во народноослободителната борба, во Граѓанската војна, и во тие рамки очекуваа да ги добијат своите права", вели Менчев.
Тој се сеќава дека битки се воделе во Војница, во Гуменџе. Таму немало фронт како на Грамос, Вичо, Преспа.

"Партизаните ќе удреа на Бојница, па ќе се повлечеа на Пајак Планина. Удиравме и на Гуменџе. Таму беше грчката полиција, но гратчето не можевме да го држиме под контрола. За време на Граѓанската војна во Ениџе Вардарско загинаа 300 луѓе. Жртви имаше и во Гуменџе".

МОНАРХОФАШИСТИТЕ ГИ ЗНАЕЈА СИТЕ ПОДАТОЦИ ЗА МЕНЕ
Курирската служба која ја извршувал нашиот соговорник, како што објаснува самиот, подразбирала собирање информации од воен карактер. Тие се однесувале на движењето, на контактите со месното население, а им помагал и на оние кои сакале да се вклучат во ДАГ. Во текот на оваа служба, во април 1947 година бил фатен од страна на монархофашистите, потоа ослободен. На Пајак Планина бил ранет.

"Од Пајак Планина отидов на Каракамен Планина за да земам една чета. Додека се вратив поминаа два-три дена. Нашите водеа битка на Пајак Планина, но затоа не ме известија. По битката се повлекле кај Гевгелија. Кога се вратив на познатото место, непријателот ме фати и така настрадав. Всушност, Демократската армија се повлече, а мене ме предал некој од ДАГ. Монархофашистите ги знаеја сите податоци за мене. Всушност, кога се водеше борба, некои од оние кои беа заробени му даваа информации на непријателот. Тие знаеја многу повеќе за нашите команданти, за кои јас немав толку информации", вели Манчев.

Во таа област имало и тајни пунктови на ДАГ, кои илегално одржувале контакти со другите земји. Со нивна помош Менчев бил префрлен во Катлановската болница.

"Оние кои ќе оздравеа ги враќаа на фронтот, а мене ме испратија во Романија. Таму бев учител во детскиот дом "Турѓеш". Децата учеа и на романски и на македонски јазик. Во Романија живеев 27 години. А во ноември 1976 година се вратив во Македонија", посочува Менчев.

Тој се потсетува и на моментот кога во 1947 година во Гевгелија дошла Балканската комисија, која всушност била на страната на монархофашистите.

ВИЕ НИКОГАШ НЕМА ДА ЈА ВИДИТЕ ГРЦИЈА
"Комисијата дојде во Гевгелија за да види што се случува со Граѓанската војна во Грција. Таа се интересираше за тоа кој и доставува помош на ДАГ. Луѓето на ДАГ, прогонети од Егејскиот дел, кои беа сконцентрирани во Скопје и во Гевгелија, дојдоа на средбата. Од Комисијата ги побараа своите права. Тогашниот грчки премиер Садарис, кој беше дел од таа Комисија, им рече: "Вие никогаш нема да ја видите Грција". Претставници на ваква Комисија отидоа и на Грамос", потенцира Менчев.

Дел од книгата „Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните", каде се пренесени потресните автентични сведоштва на седумдесетина учесници и жртви на Граѓанската војна во Грција.
Автори на книгата се Жаклина Митевска и Ташко Јованов, а издавач е Здружение на сетинци и попадинци од Лерин во Македонија.

„Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните" - Евдокија Фотева-Вера (извадок #2)

Некои велат дека овде во Лерин почиваат 700, други дека се 1.200 борци, а тие всушност се многу повеќе од 1.200. Не само во околината на Лерин, туку во секој град во Грција, се уште има неоткопани гробници каде се закопани и Грци и Македонци, вели некогашната партизанка Евдокија Фотева - Вера, учесничка во Граѓанската војна во Грција. Таа објаснува и дека во текот на војната, Комунистичката партија на Грција ги признавала како Македонци!

- Ние со Грците не се делевме, за слободна демократска Грција од една граната заедно гинеа и Грк и Македонец. Некои велат дека овде, во Лерин, почиваат 700, други дека се 1.200 борци, а тие всушност се многу повеќе од 1.200. Не само во околината на Лерин, туку во секој град во Грција, се уште има неоткопани гробници каде се закопани и Грци и Македонци. Многу од нашите другари си отидоа, а ние, неколкуте преживеани борци, сакаме да и укажеме на светската јавност дека масовни гробници нема само во Босна, ги има и во Грција.
Ова го изјавува некогашната партизанка Евдокија Фотева - Вера, учесничка во Граѓанската војна во Грција.

Во текот на Граѓанската војна, како што објаснува Фотева, Комунистичката партија на Грција ги признавала како Македонци.
"И ние, Македонците, имавме наши македонски организации и дејствувавме заедно со грчките, заедно делевме се. Пред 3-4 години претставници на КПГ дојдоа во Скопје. Им дадовме книги со имиња на македонски борци. Не прашаа зошто во Грција и ден-денес немаме обележано место каде се починати Македонците. Им реков дека е така, при што потенцирав: "Ако бевме заедно во војната, може ли и сега да бидеме заедно. Се согласија, по што следуваше покана. Но, ако не беа тие, ние воопшто не ќе можевме да ја посетиме гробницата. Ја прифатиме поканата на КПГ, бидејќи тоа беше единствена можност да ги видиме Вичо, Грамос, местата каде што се боревме. Не постои друг начин да влеземе во Грција, а мораме да им докажеме дека заедно се боревме за демократска Грција. Во однос на македонското прашање секоја година ни ветуваат дека ќе го покренат. Но, по се изгледа и тие се плашат".

БИТКАТА ЗА ЛЕРИН
Потсетувајќи се на битката за Лерин, Фотева вели: "Ноќта на 12 февруари ги нападнавме и ги победивме монархофашистите во бункерите. Одевме по рововите. Дојдоа авионите, небото поцрне. Ние немавме авиони, се боревме со пушки. Почнаа да бомбардираат. Тогаш не загинаа само борци, туку и обичен народ. Земјата се тресеше и неколку дена по
бомбардирањето. Со булдожери ги собираа мртвите. Многу болно чувство. На сите мирољубиви народи им порачувам таква војна никогаш да не се случи, зашто гинат оние кои се невини и оние кои ја сакаат правдата. А оние кои ја сакаат правдата, никогаш нема да бидат признати. Еве, ние кои бараме човекови права ништо не добивме".

ИМАВМЕ ШКОЛИ ПРИЗНАТИ СО УКАЗ
"Сега, кога е уништена спомен-плочата на гробницата во Лерин, уште полошо е - потенцира партизанката Фотева - чувството кога знаеш врз што газиш. Каде и да згазнев мислев дека газам врз труповите на моите другари. Тоа е многу страшно".
Мизерно е и чувството да не те признава оној со кој заедно си се борел...
"Ние сме Македонци. За време на нашата посета во Лерин имаше многу Македонци борци, кои денес живеат во Грција. Беа воодушевени од нас, многу плачеа, зашто беа меѓу свои. Филмот кој ни го прикажа КПГ, а зборува за Граѓанската војна, беше автентичен, ги имаше сите настани, но во него воопшто не се зборува за Македонци. Ја покажаа Мирка Гинова, рекоа дека е прва жена која е стрелана од монархофашистите, но не кажаа дека е Македонка. Се боревме заедно со припадниците на Комунистичката партија на Грција, а тие ни ветуваа дека доколку се ослободиме од фашизмот, Македонците ќе ги имаат сите права. Македонците масовно се приклучуваа кон КПГ, им се ветуваше дека заедно ќе ја ослободат Македонија. За време на ДАГ имавме школи признати со указ.

Имавме и наши, македонски весници. По 1982 година Владата на Папандреу поведе перфидна политика според која во Грција можат да се вратат само Грци по род. Во Скопје има многу наши другари команданти кои не сакаа да се запишат како Грци. Македонците секогаш се бореле за Грција, за да ја ослободат, па зошто сега Грците да се плашат од Македонците и зошто Македонците да немаат никакво право. Грците сакаат
да ја присвојат Македонија".

ЗАБРАНЕТ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Фотева објаснува дека за време на генералот Венизелос, подоцна и на Метаксас, им бил забранет македонскиот јазик и сите топоними биле преименувани на грчки јазик. Грците, и тогаш и денес, ја застапуваат тезата дека во Грција треба да има еден народ, еден јазик.
"А на албанскиот фронт ги собраа сите за да се борат да ја ослободат Грција. Денес во сите држави постојат многу јазици, а грчката држава не признава човекови права. Во Грција има многу историчари кои ја пишуваат вистината за Граѓанската војна, но не се прифатени од грчката Влада. Грците сакаат и името да ни го земат. Ние во Македонија ги штитиме гробовите на француските, на германските, на бугарските војници од сите војни. А Грците не сакаат ниту да слушнат за македонски борци, камоли да ги штитат нивните гробови", посочува Фотева.
Карактеристично е тоа што додека траеше посетата на Гробницата, постојано беше присутна и грчката полиција. Проструи информација дека таа е тука за да ги штити македонските гости во случај да дојде до судир меѓу националистите и комунистите. Веројатно тоа беше меч со две острици.

"Го знаев тоа и затоа реков: Знаеме дека тука има уште сили како Караџаферис, предводник на националистите, кому му помина времето".

Евдокија Фотева-Вера е родена во село ДДмбени, Костурско, во семејство со револуционерна традиција. Учесник е во Антифашистичката и Граѓанската војна во Грција. Во тоа време зазема значајни раководни места, НОФ, АФЖ, итн. По поразот на ДАГ во 1949 година, заедно со неколку врвни македонски раководители е "обвинета за поразот" и оттогаш почнува нејзината голгота, која завршува во 1956 година, кога всуш -
ност се враќа во Македонија. За нејзините заслуги во Антифашистичката и Граѓанската војна е одликувана со многубројни признанија.

Дел од книгата "Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните", каде се пренесени потресните автентични сведоштва на седумдесетина учесници и жртви на Граѓанската војна во Грција.
Автори на книгата се Жаклина Митевска и Ташко Јованов, уредник - Александар Ѓорѓиев, а издавач е Здружение на сетинци и попадинци од Лерин во Македонија и ДНИД Македонско сонце.

Член од
4 јуни 2007
Мислења
2.885
Поени од реакции
189
„Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните" - Фана Митревска (извадок #3)

Откако се расипаа односите меѓу Сталин и Тито ние останавме ниту горе ниту долу. Дојдоа руски авиони и преку Белград не однесоа во Унгарија, раскажува Фана Митревска, која нејзините деца, кои ја доживеале судбината на бегалците, си ги пронашла во Чешка!

За време на Метаксасовата диктатура се одредувале парични казни за оние кои ќе проговореле на македонски јазик. Тоа се случувало и со семејството на Фана Митревска, некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција. Нејзиниот татко бил парично казнуван затоа што на својот добиток му се обраќал на македонски јазик! И во училиштето учителите ги карале ако проговореле на македонски јазик. Сепак, во домашни услови, скришум во нејзиното семејство се говорел мајчиниот јазик.

Митревска е родена во село Граждано, Леринско, Егејска Македонија, во 1922 година. Како и повеќето наши соговорници, така и таа основното училиште го завршила во родното село, на грчки јазик.

Митревска како младинка го помагала ЕЛАС, им носела храна и оружје. За време на Граѓанската војна во Грција, во нејзиното село постоел народен одбор, а во 1947 година најпрво ги мобилизирале мажите. Во тој период жените им помагале, но се враќале дома кај децата. Нивниот ангажман станал поактивен на почетокот на 1948 година кога и тие биле мобилизирани.
"Не однесоа на обука во околината на Преспа. Таму бевме шест месеци, а првата борба ни беше во Лерин, во 1948 година. Еден шрапнел одмина и ме погоди во пределот на бубрезите. Со помош на еден поручник бев однесена во Ерменско. Во тамошното училиште имаше импровизирана болница. Таму ми ја преврзаа раната, но пред да интервенираат посеопфатно, болницата беше нападната. Јас и поручникот успеавме да се извлечеме и да дојдеме до Псодари. Во ова село имаше камиони кои пренесуваа песок, се качивме на нив и заминавме во селото Лак. Потоа со кајче ме префрлија во главната болница во Пешта - Граждано", се потсетува Фана.

СИ ГИ ПРОНАШЛА ДЕЦАТА ВО ЧЕШКА
Таа раскажува и за тоа како страдала поради тоа што не знаела каде се нејзините деца. Всушност, и нејзините деца ја доживеале судбината на децата-бегалци. Животниот пат на
Фана продолжил во Церје - Албанија, каде била мажена нејзината сестра, а потоа во Корча каде останала до 1949 година.
- Бев многу болна, ниту јадев, ниту пиев, само плачев. Иако доаѓаа бродови кои ги носеа војниците во Русија, ние кои бевме болни останавме. Ми велеа дека ќе умрам по патот ако тргнам со нив. Дојде еден доктор, Русин од Југославија, ме однесе на рендген и ми рече: "Ти имаш здрав организам затоа и си издржала досега, но ако продолжиш вака ниту Господ не те спасува, децата ќе ги најдеш, а ти прибери се". Го послушав неговиот совет и почнав да заздравувам. Откако се расипаа односите меѓу Сталин и Тито ние останавме ниту горе ниту долу. Дојдоа руски авиони и преку Белград не однесоа во Унгарија".
Митревска таму дознала дека нејзините деца се наоѓаат во Детски дом во Чешка. Со помош на Меѓународниот црвен крст заминала во таа земја, каде се сретнала со своите деца, со свекрвата, мајката на нејзиниот прв сопруг, кој починал во војната, и со нејзината сестра, која имала улога на "мајка" во домот.

И ВО ТЕКОТ НА ВОЈНАТА НЕ НАРЕКУВАА СЛАВОМАКЕДОНЦИ
Уште еден борец во Граѓанската војна, Стојан Трпчевски, се присетува на тие денови.
- Се боревме за татковината, тоа беше наш идеал. Во 1946 година се групираа единиците, во 1947 година се формира ДАГ, а кон крајот на истата година ДАГ доби привремена Влада. И ние имавме македонски организации како, на пример, НОФ. Направивме договор меѓу македонското НОФ и грчкото КПГ. Договорот беше дека кога ќе ја ослободиме Грција ќе добиеме автономија, јазик, школи. Со тие идеи одевме напред, не гледавме дали ќе загинеме. Но, што се случи, потоа... Паднавме на испит. И во текот на војната, во КПГ не нарекуваа Славомакедонци, на што им се спротивставувавме, а и не бевме многу сигурни дали доколку успееше Граѓанската војна, КПГ ќе ни го дадеше тоа што ни го вети", вели Трпчевски и дополнува: "Во текот на војната имаше многу предавници од редовите на ДАГ. Затоа ја одложија битката на Лерин. Нашите борци се предаваа само за да бидат со своите фамилии, а имаше и други паравоени формации. КПГ наоѓаше триста начини да не убедува како да останеме таму. Сепак, погледнато од денешен аспект, произглегува заклучокот дека некој ја смисли оваа војна за да се исчистат Македонците од Грција.

МАКЕДОНСКИТЕ ДЕЦА КАКО ЈАНИЧАРИ
Евакуацијата на децата беше по наредба на КПГ. И денес КПГ не не признаваат како Македонци. Страшна беше глетката кога во април-мај 1948 година ги собираа децата. Македонците наседнаа. Веројатно тоа беше намерна чистка, а пред да се евакуираат децата, грчката кралица Фредерика имаше дадено наредба сите деца од тие села да се соберат и да се однесат во Атина за да ги направи јаничари. По војната, до 1950 година, таму останаа некои борци на ДАГ, а тоа беа оние кои беа затворани во концентрациони логори.

Трпчевски открива интересни моменти и за битката за Лерин.
"Помина 1948 година и дознавме дека Захаријадис рекол оти ќе го нападнат Лерин. Секој доби задача, јас отидов во Бела Вода, а други во Псодари. Лерин требаше да го нападнеме на 12 февруари, рано во зорите, но шпионажата добро работеше. Иако официјално е запишано дека борбата е водена на 12 февруари, всушност битката на Лерин се случи на 13 февруари.

Монархофашистите го искористија претходниот ден и добро се вооружаа, а на помош им дојдоа и авиони. Иако влеговме во Лерин, сепак не успеавме да ги поразиме монархофашистите и да го ослободиме градот. Бевме сардисани. Се вративме во Преспа и се стациониравме во Желево. Дел од армијата се врати на Грамос, а таму ДАГ капитулираше. Некои војници се стационираа во Албанија, други во Русија, Ташкент, трети во Југославија, Бугарија, Романија. Единиците се распрснаа и згасна целото движење", посочува некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција, во која неколку пати бил ранет.

Нема ништо поубаво од гордоста од предците. Штета не ја ставија сликата кај што е со револвер. Да можевте да ја слушнете приказната на баба ми во живо, тоа е навистина доживување.
 
Член од
4 јуни 2007
Мислења
2.885
Поени од реакции
189
„Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните" - Василка Сукаловска - Поповска (извадок #4)

"Еден ден враќајќи се од училиштето, уште невлезена во куќата, ја повикав баба ми да ми даде да јадам. Во тој момент, по улицата поминала учителката и слушнала како на баба ми и се обраќам на македонски јазик. Утредента таа ми рече да и донесам прачка. Јас бев одлична ученичка, а таа со прачка по рацете ги удираше оние кои не учеа, па мислев дека и сега ќе биде така. Но, учителката ме праша - кој е јазикот на кој дома зборуваше? И одговорив дека баба ми не знае грчки. Овој пат прачката мене ми беше наменета".

Ова го раскажува Василка Сукаловска - Поповска, учесник во Граѓанската војна во Грција. Таа е родена 1932 г. во село Граче, Костурско. Завршила четиригодишно основно грчко училиште.
Василка објаснува дека, и покрај забраните, дома зборувале на македонски јазик. "Чичко ми свиреше на мандолина, татко ми на виолина. Тивко пеевме песни на мајчиниот јазик, за да не не слушнат оние кои одеа по селата за да видат кој го употребува македонскиот јазик, за што следуваа казни затвор", вели Сукаловска - Поповска.

Таа се потсетува и на случката од 1941 г. кога еден грчки учител ги накодишил, и Италијанците дошле во нивниот дом.

"Татко ми и другите борци ги собраа во училиштето, ги малтретираа. Ги пуштија дури вечерта. Селаните заклаа јагниња и ги завиткаа во кожи за да им заздрават раните, а татко ми уште незаздравен, под изговор дека им треба за некаков потпис, Италијанците повторно во јули го зедоа и го однесоа во Четирок, каде им беше Главниот штаб. Не знаевме каде е. По два дена вујко ми ни кажа дека го затвориле и го мачеле, но ништо не признал. Татко ми успеал да побегне од затвор", раскажува соговорничката.

СИЛУВАЛЕ ЖЕНА ПРЕД НЕЈЗИНИОТ БОЛЕН МАЖ
Кога настапила квинслиншката власт им се зголемиле правата на маџирите - пушкарите, кои ги ограбувале селата и ги малтретирале луѓето. Селото почнало да се организира за самоодбрана, зашто во 1945-1946 г. се уште не било формирано партизанството. Многу луѓе не можеле да го издржат теророт и заминале за Југославија. Но, кога почнало партизанството дел од нив се вратиле.

"Во септември 1947 г. речиси сите младинци од нашето село доброволно заминаа во партизани. Откако маџирите разбраа дека нема мажи во селото ноќе го опколија од сите ридови и уште пред зори почнаа да пукаат. Не собраа, и мало и големо, во црквата. Имав 14 години. Ние знаевме дека веќе почнува војна, ископавме голема дупка во која ги скривме сандаците со алишта, амбарите со жито ги заѕидавме со камења, но некој знаеше за тоа и не предаде, ни зедоа се. Во црквата не држеа до ручек, но јас се прикраднав и отидов дома да побарам храна од баба ми. Враќајќи се назад, видов дека маџирите ни го зеле и грамофонот кој татко ми го купи од Костур. По патот здогледав жена од долното маало, која викаше на цел глас бидејќи маџирите ја силувале пред нејзиниот болен маж.

Претходно синот и го раниле, зашто им се спротивставил кога сакале да им ги земат воловите. Попладнето маџирите сакаа да не стрелаат, но кога кметот во селото виде што се случува, се јави во Нестрам каде беше штабот на овие банди. Дојде војската и не врати од стрелање", вели Поповска.

ПОСТОЈАНО НЕ БОМБАРДИРАА СО ТОПОТ ОД НЕСТРАМ
Во 1947 г. од селото ги интернирале сите фамилии во кои имало партизани.
"Едно утро го опколија селото, повторно не собраа во црквата и со камиони не однесоа во друго село, Граничево. Некои затворија во Нестрам, а нас не однесоа надвор од Костур, не оставија, и ни рекоа да одиме кај нашите татковци партизани. Во селото Вишни не прифатија партизанските комесари. Не сместија во училиштето, а потоа не распоредија по фамилии. Две седмици бевме таму, а маџирите постојано не бомбардираа со топот од Нестрам. Оттаму партизаните не однесоа во Поздивишта и не сместија во училиштето. Потоа преку Брезница не однесоа во Косинец, каде останавме еден месец, распоредени по фамилии. Партизаните ни рекоа да се вратиме во селото и да им речеме на бурундарите дека и ако не тепаат, и ако не бесат, ние нема да си заминеме од селото.

Тргнавме ноќе и поминавме преку маџирските села. Не осамна во село на наша територија. Испративме една делегација да оди во селото за да види дали има бурундари или војска и дали ќе не примат. Видоа дека нема и се вративме во селото. Тие не дојдоа по втор пат за да не избркаат".

Во меѓувреме Поповска и другите младинци носеле храна и копале ровови за партизаните, но не ги мобилизирале бидејќи биле малолетни.

Пролетта 1948 г. почнале офанзивите, монархофашистите го бомбардирале селото. Братот на Поповска загинал на 19-годишна возраст над Нестрам. Таа и блиските биле стационирани во едно село на албанската граница, а потоа влегле во Албанија. Есента 1948 г. ги сместиле во касарни.
"Сите кои имавме 15-16 години не викнаа во канцеларија и не прашаа дали сакаме да одиме во партизани. Немав 16 години, но сепак заминав во организираната група со камиони во Преспа. Таму еден месец не обучуваа за ракување со оружје, а потоа не распоредија по единиците.
Јас бев во 107. бригада, која се бореше на Малимади. Во една борба ме ранија. Таа бригада замина за Грамос, мене ме однесоа во Албанија, прво во Корча, па во Москополе. Но, уште незаздравена, ме вратија на Грамос во 1949 г. кога почнаа големите офанзиви, а немаше веќе резерви од партизани. Бев во 16. бригада. На 14 август 1949 г. беше нападнат Вичо, до 17 август тој падна во рацете на монархофашистите, а партизаните заминаа на Грамос. Таму битките траеја еден месец. Монархофашистите сакаа да не опколат, го зазедоа Грамос, а ние се повлековме кон ритчето Кула. Се стациониравме на една ледина. Јас имав задача прва да чувам стража. По 15 минути дојде одговорниот и не повлече од стража. Патувавме цела ноќ кон Ќириос Грамос - Главен Грамос. Тука не раздени. Но, монархофашистите не следеа, ние се качувавме од една, а тие од друга страна. Кога дојде грчката авијација и почна да не бомбардира првите партизани веќе беа на врвот со командирот на четата, а ние се уште се качувавме. Среде планина еден куршум од авионот ме рани во ногата. Видов каде отидоа партизаните, политичкиот комесар чекаше да види дали некој останал, тој ме однесе во шумата. Таму раната ми ја преврза медицинска сестра, ме качија на коњ и цел ден се движевме низ шумата. Авионите летаа над нас, но не смееја да бомбардираат зашто гледаа ранети. Партизаните на Гол Каменик уште водеа борби. Дојдовме до албанската граница. Дојде наредба да се повлечеме, прво влегоа ранетите. Во Албанија со камиони не однесоа до Елбасан, каде не лекуваа 3-4 седмици. Помина една комисија и рече дека сите малолетни ќе ги испрати да учат, но прво да заздрават. Потоа, со камиони не однесоа во Чирик, надвор од Албанија, каде беше целата партизанска војска. Тука се формираше младински баталјон, составен од младинци од 15 до 17 години. Ни дадоа нови униформи и во октомври организирано со бродови заминавме за Советскиот Сојуз. Прво бевме во Бековат, учевме вечерно руско училиште и беревме памук. Во 1951 г. бевме во интернат, во Јанѓиљуљ (250 младинци и младинки, Грци и Македонци), учевме до 1954 г. Во 1957 г. заедно со сопругот Александар Поповски и со ќерката дојдов во Битола".

Дел од книгата "Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните", каде се пренесени потресните автентични сведоштва на седумдесетина учесници и жртви на Граѓанската војна во Грција.
Автори на книгата се Жаклина Митевска и Ташко Јованов, уредник - Александар Ѓорѓиев, а издавач е Здружение на Сетинци и Попадинци од Лерин во Македонија и ДНИД Македонско сонце
 
Kajgana Shop

На врв Bottom