Стошиќ останува на чело на МРТ, во меѓувреме дели откази
Заменик-претседателот на УО, Ванчо Костурски, тврди дека Стошиќ требало да поднесе оставка до Собранието
одбрана Синдикатот на вработените, заедно со гранковиот синдикат ГИФИХ, ќе застане во одбрана на колегите кои добија отказни решенија: од вчерашниот прес на Штрајкувачкиот одбор
ВЕРЧЕ ГЕОРГИЕВСКА
Гордана Стошиќ и натаму останува на чело на Македонската радио-телевизија. Иако во понеделникот поднесе оставка под притисокот на вработените кои штрајкуваат веќе четврти ден , Управниот одбор на МРТ не ја прифати. На завчерашната седница Управниот одбор, кој расправал по нејзината оставка, не донел конкретен став, иако членовите поединечно се изјасниле. Еден од членовите ја поддржал оставката, двајца биле против, а четворица биле воздржани. Со оглед на тоа дека мнозинството биле воздржани, според заменик-претседателот на УО, Ванчо Костурски, на седницата е констатирано дека Гордана Стошиќ треба да поднесе оставка до органот што ја именувал на позицијата генерален директор на МРТ, односно до Собранието.
„Таа е назначена на оваа функција од законодавниот дом, според стариот закон за радиодифузија и сноси одговорност исклучиво пред парламентот, а не пред Управниот одбор", вели Ванчо Костурски.
Според новиот Закон за радиодифузна дејност, Гордана Стошиќ ќе ја извршува директорската позиција, и покрај понудената оставка, сж до изборот на ново раководство на информативната куќа, што спаѓа во надлежностите на новиот Управниот одбор. Интересен е податокот дека Гордана Стошиќ во февруари годинава, исто така, поднесе оставка, но овој пат до Собранието на РМ. Пратениците не ја прифатија со образложение дека таа треба да ја достави оставката до Управниот одбор на МРТ, кој исто така се прогласи за ненадлежен, што произлегува дека и Собранието и УО си ја префрлаат одговорноста еден на друг, во еден вакуум додека не се избере нов директор.
И покрај тоа што Гордана Стошиќ во понеделникот поднесе оставка, како што информира Штрајкувачкиот одбор, тоа не ја спречило во меѓувреме генералната директорка да дели отказни решенија на вработените во МРТ. Стошиќ потпишала едно отказно решение на реализаторот Љубиша Николиќ од Македонското радио, кој ја прекинал програмата во траење од една минута. Отказ добил и снимателот Сашо Стефановски поради вербална расправија со новинарката Фиљана Кока во зградата на Собранието, која го пријавила случајот до генералната директорка. Истовремено е преземена дисциплинска мерка против новинарот Кире Печијаревски, кој пред три дена ја водел забавната емисија „СОС" со беџот на кој пишувало „Штрајк за достоинство". А завчера, со оглед на состојбата во куќата, која е доведена до ниво на вриење, отказ дал и директорот на програмскиот сектор во МРТ, Јане Теохаревски. Татјана Гоговска од Штрајкувачкиот одбор е категорична дека за време на штрајк, во согласност со Законот за штрајк, директорката не смее да дели откази. Затоа, Синдикатот на вработените, заедно со гранковиот синдикат ГИФИХ ќе застане во одбрана на колегите кои добија отказни решенија.
Штрајкот во МРТ и натаму трае. Во текот на вчерашниот ден Штрајкувачкиот одбор водеше преговори со Управниот одбор и со генералната директорка за начинот и динамиката на исплатата на заостанатите плати и придонеси. Вработените бараат исплата на заостанатите плати од април годинава и на придонесите од плати за ноември и декември минатата година, како и придонесите од годинава и надоместоците од плата. Но, заменик-претседателот на УО, Ванчо Костурски, на вчерашната прес-конференција изјави дека реална понуда до вработените од страна на Одборот е исплата на една плата до крајот на август.
„Последната понуда на УО за исполнување на социјалните барања е исплата на една од заостанатите плати до крајот на овој месец, а од септември по една редовна и по една заостаната плата, во зависност од приливите на средства во МРТ. Приливот на средства во МРТ се очекува по основа на наплата на долг од претплатата за радиодифузната такса и од Министерството за финансии" изјави Костурски.
Александар Ангеловски, портпарол на Штрајкувачкиот одбор, посочи дека за ваквата понуда нема никаква гаранција и оти сж уште преговараат. Преговорите продолжија до вчера доцна попладнето, до кога немаше конкретно прифатливо решение за сите страни. Во текот на денешниот ден Штрајкувачкиот одбор треба да се сретне со претседателот на Собранието, Љубиша Георгиевски.