Веројатно деновиве бевте да го гледате или па се мислите дали да го гледате `Јас сум од Титов Велес`, сниман во Велес, што се дава во Дом на Арм, премиерно прикажан на 27.2 и ќе се дава минимум месец дена. Во режија е на Теона Митевска, а продуцентка и главна актерка е Лабина Митевска.
Дали ви се допадна и што мислите за филмов? Дали мислите дека е длабок а тежок или дека едноставно нема поента? И конечно, кои се вашите замерки?
Филмот во Скопје доаѓа по неговите навистина успешни презентации на Сараевскиот фестивал, на фестивалот во Торонто, а особено по неговата голема и успешна презентација на Берлинскиот фестивал. Пред само четири дена „Јас сум од Титов Велес“ ја имаше и премиерата на Белградски ФЕСТ, каде што ја отвори програмата „Европа надвор од Европа“. Во Белград, како што рече режисерката Митевска, многу убави критики добиле главните актери Лабина, Ана Костовска, Николина Кујача и Џевдет Јашари. Еден од прекрасните коментари кој го кажал големиот германски режисер Волкер Шлендорф (познат по неговото култно дело „Лимениот барабан“), годинашен гостин на ФЕСТ, се однесувал на Лабина Митевска, која тој ја споредил со исклучителната италијанска актерка Џулиета Масина.
Филмот во Македонија го дистрибуира „Манаки филм“, а во Домот на Армијата предвидено е да игра минимум месец дена, по што ќе оди низ цела Македонија. „Она што е за нас најважно, рече Лабина Митевска, е дека успеавме да го оствариме тоа за што се боревме и за што се залагаме. А тоа е дека нема поделба на уметнички и комерцијален филм, туку дека постои само добар и лош филм. Ако филмот е добар тој ќе си го најде својот пат“. Доказ за тоа, како што објасни Лабина, е токму нивниот филм за кој на почетокот сите зборувале дека тоа е арт филм и дека не е филм кој може да има голема дистрибуција, но се покажа дека филмот досега е продаден за прикажување на 13 територии.
Дистрибуцијата на филмот во Америка и во Канада ќе почне во јануари 2009, во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора планирано е дистрибуцијата да почне во мај, а во Франција, Белгија и Словенија во септември. Најголемата продажба на филмот се случила на Берлинскиот фестивал, а покрај споменатите земји тој е продаден и во Унгарија, Романија, Австрија, Грција и Тајван.
Исто е и со фестивалите, до крајот на 2008 година „Јас сум од Титов Велес“ ќе оди на 40 фестивали. Само во текот на март и април тој е поканет и ќе учествува на 11 фестивали, и тоа во Софија, Леќе, Визбаден, Прага, Линц, Португалија, Белфаст.
„Наша задача е да се бориме авторските филмови да бидат дистрибуирани и гледани. Мое мислење е дека дистрибутерите ја потценуваат публиката. Сметам дека не треба да се потценува публиката, дека таа е едуцирана и знае што е добро“, рече Теона Митевска. Таа раскажа за реакцијата на еден граѓанин на Велес, кој и рекол дека му е мило што го отвориле тоа прашање затоа што во овој момент тие повторно се борат со проблемот со топилницата и со тоа таа да не биде повторно стартувана. „Наша должност е, нагласи Теона, да се занимаваме со тоа што во нашата средина е актуелно и важно“.
Пораката на Џевдет Јашари беше дека е крајно време во оваа наша земја да се занимаваме со уметност. „Ни треба филм, доста ни е од политика. Очекувам да дојдат многу љубители на филмот, но и многу луѓе кои се занимаваат со политика. Сакам да креираме нешто убаво и се повеќе да се занимаваме со креација, а не со политика“, рече Јашари.
На прашањето зошто филмот ќе се прикажува во Домот на Армијата, а не во „Милениум“ продуцентката Лабина Митевска објасни дека условите за прикажување во оваа реновирана киносала се одлични, и дека проекцијата ќе има одлична слика и звук. Додека директорката на „Манаки филм“ Тања Ќурчинска Пепељугоска нагласи дека филмот добил поддршка од Министерството за култура и за неговата продукција и дистрибуција, а за неговата презентација во Домот на Армијата голема поддршка дало и Министерството за одбрана. И така и треба, некако со време работите доаѓаат на свое место, бидејќи домашниот филм навистина најголема поддршка и треба да добие дома.
Извор: Утрински