ЈАНЕ САНДАНСКИ ДОБИЛ ЌОТЕК ОД МИС СТОН
Фељтон за Македонија на преодот меѓу 19 и 20 век низ призмата на американските медиуми
На 21 август 1901 година, 18 комити предводени од Јане Сандански и Христо Чернопеев ги киднапираат американската протестантска мисионерка Елен Стон и нејзината придружничка Катерина Стефанова Цилка. Револуционерите, кои медиумите ги сметаат за бандити, бараат откуп од 25 илјади турски лири, или околу 110 илјади американски долари. На крајот ќе се задоволат со 15 илјади лири, односно, со 68 илјади долари. Во следните, речиси шест месеци, американските медиуми секојдневно го следат развојот на настаните. На 2 февруари 1902 година, Стон, Цилка и нејзиното двомесечно бебе Елена, која е родена во заробеништво ќе бидат ослободени во близина на Струмица.
Првата модерна американска заложничка криза, како што ја нарекуваат тамошните медиуми завршува среќно и за револуционерите кои ги добиваат потребните средства и за двете заложнички кои му се враќаат на нормалниот живот. Случајот не само што добива огромен публицитет, туку со него се занимаваат и тогашниот американски претседател Теодор Рузвелт и шефот на Стејт департментот. Новинарите неофицијално, постојано шпекулираат со името на Јане Сандански како главен организатор на аферата, но тоа официјално ќе се потврди дури со книгата на американскиот новинар Алберт Зониксен „Исповедта на македонскиот бандит“ објавена во 1909 година. Зониксен, кој тогаш работи како дописник на „Њујорк ивнинг пост“, ќе помине цела една година со македонските револуционери откако ќе го режира сопственото „киднапирање“ во февруари 1906 година во близина на Воден, и од прва рака, преку дружењето со Христо Чернопеев и Јане Сандански, ја дознава нивната страна за целата приказна.
Најголемиот дел од приказната за „аферата Мис Стон“ и е позната на македонската, па и на светската јавност преку дузина книги и истражувања објавени оттогаш, но, некои ситни детали кои ги забележале американските новинари, сепак можат да се сметаат за новина дури и денес, полни 107 години по настанот. Во минатиот број пишувавме дека киднапирањето предизвикало многу негативни ефекти во Европа за самото револуционерно движење, кое било предмет на жестока осуда не само во тој период, туку се' до Илинденското востание, па и потоа. Сандански, на пример, за најголемиот број новинари, речиси до својата смрт, останал „бандитот кој ја киднапирал Мис Стон“, а истата судбина ја делеле и многу други револуционери.
ДИЛЕМА Првата дилема е дали Мис Стон го лажирала своето киднапирање, за да придонесе за каузата на револуционерите? Иако подоцна ќе издадат мемоари и ќе одржат безброј предавања за нивниот случај, ниту Стон а ниту Цилка не ги откриваат имињата на нивните киднапери. Во прилог на таквата можност сведочи и пишувањето на „Њујорк дејли трибјун“ од 8 октомври 1901 година од Солун:
„Турските власти уапсија многу луѓе меѓу бугарското население и речиси сите се подложени на тортура во обид да се дојде до информации. Затвореник по име Димитри тврди дека постоел договор меѓу протестантите и Македонскиот комитет и дека Мис Стон дејствувала во договор со нив, со цел да се обезбедат фондови за религиозно- политичка пропаганда. Но, ваквите сведочења добиени со мачење се безвредни“, заклучува весникот. Но, турските власти верувале дека тоа навистина се случило, па не само што го апсат братот на Катарина Цилка, кој ги придружувал во пресрет на киднапирањето, туку по завршувањето на епизодата не и дозволуваат на Елен Стон да се врати во Македонија, за што сведочи и следниот текст од весникот „Падука Сан“ објавен на 24 октомври 1902 година.
„Американскиот борд нема да ја назначи Елен Стон на нејзината стара работа во Македонија, имајќи ги предвид најавите дека турскиот султан ќе ја смета киднапираната мисионерка, за персона нон грата и ќе одбие да и дозволи влез во неговата земја. Претставникот на бордот, свештеникот Стронг изјави: „Немаме план да ја испратиме Мис Стон повторно во Македонија или каде било во Турција. Знаеме дека таа нема да биде добредојдена од власите“. Мис Стон лично сака да оди во Бугарија и да и се врати на својата работа“.
Чернопеев на Зониксен му ги објаснува причините поради кои е киднапирана мисионерката и притоа не остава место за сомнеж дека аферата била „наместена“. Чернопеев објаснува под какви околности била донесена одлуката да се киднапира американската мисионерка. „Тоа беше по падот на Сарафов, Принцот Фердинанд фактички го презеде Комитетот во Софија инсталирајќи го генералот Цончев на негово чело. Цончев е пријателот на Фердинанд. Секако дека го отфрливме. Ние во внатрешноста никогаш немаше да прифатиме за наш претставник бугарски генерал именуван од принцот Фердинанд. Но, Цончев не само што инсистираше дека тој е наш претставник, туку сакаше да ја предводи целата Македонска револуционерна организација. Неговата дрскост беше поддржана со златото на Фердинанд, со кое се купуваа луѓе, оружје и муниција. И под изговор дека подготвува револуција тој почна да испраќа големи банди преку границата, за да не избрка од нашите реони. Секако дека ние се спротивставувавме. Но, токму тогаш се случи предавството во Солун и целиот Централен комитет и десетина лидери од кои ни зависеше финансирањето беа уапсени и испратени во Мала Азија. Целата организација колабираше. Во цела северна Македонија останавме само јас и Сандански. Токму тогаш Цончев почна да ги испраќа своите банди за да го потчини револуционерниот комитет. Го пресретнувавме, најпрво со протести, а потоа и со оружје. Имавме многу луѓе, но тие немаа оружје. Го немаше Централниот комитет да ни помогне, дури ни со совет, а немавме можност да побараме помош ниту од македонските емигранти во Бугарија. Македонците во Бугарија воопшто не знаеја како стојат работите и дека нашата револуционерна организација падна во рацете на Цончев по смената на Сарафов. Така луѓето си ја знаеја својата верзија и продолжија да му испраќаат донации на Цончев.
Тоа беше безнадежна ситуација. Изгледаше дека целата организација ќе биде уништена и ќе падне во рацете на принцот Фердинанд. Јас и Сандански бевме толку слабо вооружени што се плашевме да им се спротивставиме на бандите на Цончев, а моравме да бегаме од нив како да беа турски аскер. Ни требаа пари, па решивме да грабнеме некој богат Турчин и да земеме неколку илјади лири откуп. Еднаш пробавме и не успеавме. Во тој период кај нас дојде еден четник кој бил ученик во Американското училиште во Самоков и ни предложи да грабнеме некој од мисионерите, а Турците веднаш ќе ни го исплатат откупот за да избегнат компликации. По неколку дена разбравме дека Мис Стон е во Банско и дека ќе патува кон југ набрзо. Воопшто не ми пречеше да ја киднапираме неа, затоа што многу често проповедаше против нас. На селаните им велеше дека Бог ќе ги спаси од проблемите, а не бандитите“, раскажува Чернопеев во книгата „Исповедта на македонскиот бандит“.
ПРИКАЗНА На комичната страна на приказната за Мис Стон се признанијата на македонските револуционери дека буквално „јаделе“ ќотек од мисионерката за време на шестмесечното заложништво. Најголемата опасност, според Чернопеев, не биле турските потери или нападите од врховистите, туку самата Мис Стон. „Ти не ме разбираш за каква опасност ти говорам. Дали некогаш си бил во позиција жестоко да ти се спротивставува средовечна жена со многу силна волја? Таа да настапува со претпоставка дека ти си ѕвер, а ти да го почувствуваш тоа? Цврста спротивставеност, но не со физичко насилство, кое би било дури и олеснување, секој час, секој ден“, раскажувал Чернопеев. Поради жестината со која Мис Стон настапувала кон нив, Сандански и Чернопеев си поделиле улоги. Сандански пред Американката се претставувал како „добар“, а Чернопеев глумел „лош човек“. Па така, подоцна и во спомените на Мис Стон и на нејзината сопатничка Цилка, за едниот се зборува како за „добриот“, а вториот е претставен како „лошиот“.
„Што можеш да сториш кога една лута, стара и респектирана жена ќе ти упати бесен поглед? Еднаш направи неочекуван потег со чадорот кон мене, секогаш ги носеше тој чадор, библијата и шапката, и, можеби и јас си замислував, но кога замавна со чадорот кон мене, јас се препнав бегајќи наназад, во обид да си го спасам достоинството. Но, не успеав да спасам многу“.
Дека приказната на Чернопеев е целосно веродостојна, во однос на стравот кој комитите го имале од Мис Стон, потврдува и еден текст во весникот „Вашингтон хералд“ објавен на 25 октомври 1908 година. Текстот под наслов „Мала Македонија“ е репортажа од кафеаната „Македонија“ на Васил Поп Стефанов, која како што вели репортерот, се наоѓа на чекор од стокатниците на Менхетн, во Њујорк. Во „Македонија“ новинарот разговара со неколкумина гости со свежи спомени од нивните комитски денови кои му ги пренесуваат на гостинот. Од пренесеното излегува дека не само Чернопеев, туку и Сандански го почувствувал на својот грб, чадорот на Мис Стон.
„Тие се изнасмеаја на приказната како Мис Стон го избркала Сандански со чадорот како оружје. Сандански беше еден од нејзините киднапери, но колку што беше голем, толку имаше и меко срце, толку меко речиси како женско. Се плашеше од Мис Стон, колку од ниедно друго човечко суштество, и на крајот воопшто не сакаше да биде во нејзина близина. Таа не можеше да сфати дека тој всушност сакаше да биде добар со неа, и по инцидентот со чадорот, Сандански го остави Чернопеев, кој имаше изглед на разбојник и квалитет на добар актер, да ја игра улогата на брутален бандит“.
Освен „ќотекот“ од Мис Стон, револуционерите имале и друг проблем со пргавата мисионерка. Имено, таа им забранила и да пушат во нејзино присуство. Еве што вели Чернопеев за тој проблем. „Не ни дозволуваше да пушиме. Не ни го забрануваше тоа со некаков налог, но ни велеше: „имате ли вие срце, или немате никаква почит за беспомошна жена?“ Тоа го велеше со таков пискав глас. Не можевме да пушиме во нејзино присуство по таквите сцени“, му раскажувал Чернопеев на новинарот Зониксен.