И Бог рече: „Нека биде свод среде водите, да ги дели водите од води!”
Бог направи свод, и ги оддели водите под сводот од водите над сводот. И бидна така.
А Бог го нарече сводот небо.
И бидна вечер, па утро – втор ден.
Тогаш дојдоа стравовите. Имаа ликови на огромна мачка со страшни сабјести заби, друг на жена на која очите и беа на местото на устата, а уста некаде наместо левото уво, трет на некоја птица на која од клунот и се гледаа заби... И сите со тела на човек. Некои деформирани, со нозете на местото на рацете, на пример, но сепак антропоморфни. И плашеа! Многу плашеа! Се обидуваш да се сокриеш од нив, а тие пак ти се појавуваат пред очи, те дават, сакаат да те земат, да те голтнат, да те нема... Воздух немаш. Сон не ти даваат. А нозете - нозете ти се сечат и пробуваш да бегаш, но не мрдаат. Остануваш закован во едно место. Се додека еден ден не дозна дека и тие се плашат од тебе и се што сакаа е да си играат. И тогаш ги снема.
Но дојдоа други стравови. Еден од нив, многу години подоцна тој ќе го раскаже на неа која често ја викаше „драга“, а таа никогаш не му одговори. Тој страв му се вгнезди толку длабоко во малото преплашено срценце кое трепереше како срцето на врапче во ладно јануарско утро, што му го одземаше здивот. И не само здивот. Му ги зеде и ѕвездите. Три ѕвездички од новото соѕвездие кое беше нов свет за него. Не знаеше како да се носи со тоа. Немаше со кој да позборува, да му даде утеха, да му даде надеж... Мислеше дека тој е виновен заради една ситница која тогаш му изгледаше толку голема. И така потиштен долго се преколнуваше себеси, не можејќи да ги затвори очите, зашто пред нив секогаш се појавуваа трите ѕвезди... Темни... Без светлината во нив. Толку рано научи дека ѕвездите можат да ја изгубат светлината која само што ја добиле.
Но, сето ова се случи во еден свет позади големата зелена дрвена врата во кој ќе најде толку утеха, толку среќа, во кој ќе ги помине веројатно најубавите денови во животот, некои кои ќе ги памети и децении подоцна. Веројатно затоа стравовите полека ќе растат, но трансформирани од еден во друг вид. Од една, во друга форма... И истите ќе ја дадат потпората на она што тој мислеше дека стана - човек.