ДК,
Ние, моето семејство, сме џубраџии!
Се започна од фразата: "ќе се најде". И никако да се најде затоа што не може да се (про)најде.
Пред некој ден ми се погоди епизода од "Затрупани во отпад". Така изледа мојот подрум. И поткровјето. И три објекти, поточно шупи, целосно ја опремивме викендичката со стар мебел (самата има 6 соби), плус, планираат да прават уште два објекти, онака за резерва, да имаат каде да фрлаат "ќе се најде" џубре.
Во подрум имам 3-4 точаци, дел се пилуточаци, плус имам два исправни точаци кои никој не ги вози. Имам 7-8 расипани правосликалки кои се чуваат за делови. Имам неколку казанчиња кои се чуваат за делови. Имам излижани автомобилски гуми кои се чуваат за секој случај. Почнаа да собираат и тегли, не за зимница, туку оние од инстант кафе, за шајки, а жива шајка не може да се стави во подрумот.
Имам и преку 50 црни кеси, никој не знае што има во нив, ама во дел има прастара облека која се чува да биде крпа за прашина. Имам и 10тина метални извадоци од чадори, платното се скинало, а ова го чуваат за не знам таму што. Имам и шина, баш шина, таа ја чуваат за исправање за шајки. Имам и камен за туршија, а бурето не го користиме една деценија. Да, го имам и бурето.
Од техника, дополнителни имам сѐ шо се расипало од 90тите па до денес, вклучувајќи и едно електрично гезве. Тука се и радијаторите, плус една вага која мери до 10 кила. Чуваат и компјутери и неколку телевизори, од оние кои се поправаа во мавање. Тука се и чашите, кога ќе остане по 1-2 од некој комплет, одат во подрум.
Од мебел имам и неколку ногарки од маса, а масата одамна е уништена. Чуваат и саксии, оние никаквите што ги даваат заедно со расадот. Башка имам и кубик кеси за смет. Како се симнуваш, и лево и десно висат во торби, ко да одиш во вселенска капсула.
Башка, имам и неколку кревети, душеци и мебел од спална кои се чуваат во перспектива таму да се направи една соба, затоа што навистина има простор...и услови.
Еднаш влегов да чистам, се дигна востание. Во една прилика, ми дојде еден другар, ме прашува што имате доле, да видам, му викам остава, ништо посебно, зимницата ја чуваат. Како да му кажам дека има ствари до таван и само еден пролаз оставен да се стигне во вратата? Таванот исто, кутии и кутии. Сетови за јадење, тави, тенџериња, книги, хартија... И ако тргнам да дебатирам околу фрлање на нешто крајно непотребно, се вадат и на "тоа е ретро", "веќе нема да се најде" и "ти не си го купил".
Бонус тоа што се и прибирачи, пред некој ден ми донесоа собни врати, биле од Треска, такви веќе немало! Пред тоа ми донесоа прастар турски килим, кај нас немало таков да се купи! После и некој ламинат, некој пријател вадел, па им го понудил, товари! Цигани!
И секако, тука се пакетите со резервните делови за коли, дел од тие коли одамна завршиле во отпад, ама деловите си се тука. Ќе те се верува, драга, дека го чуваат и олукот од стариот кров. Е, да, тука е. Ќе требал за новите објекти!
Ми се плаче кога ќе се симнам, ама оди и објасни се!