Наскоро ќе навршат 15 години без моето куче Лора. Реално џабе го трошам форумскиот простор ако не напишам збор два за Лора. За да доловам која беше Лора и зошто толку беше битен фактор во мојот живот, прво морам да го доловам периодот од мојот живот пред Лора.
Тоа беше период во кој менувавме живеалиште, откако бевме избркани од претходното. Менував школо, бидејќи едноставно сите тие блиски луѓе преку ноќ пораснаа и дозволија злобата да влезе во нив, а јас останав наивното дете кое беше секогаш искрено и веруваше во другарство. Притоа секако и во новото училиште не беше најсјајно, се наоѓаа луѓе да помине времето на часови, но другар ни за лек. Не ми беше олеснителна околност тоа што во тоа време масовно почна да се излегува по дискотеки (оние на плоштад со флаери до 12 што работеа со кока кола пијачка вклучена во влезницата од 150 денари), нешто во кое апсолутно никако не можев да се пронајдам, така да петоци и саботи јас бев поприлично осамен и си седев фикс дома. Оној peer pressure за женски бркање не ме вознемируваше, ми беше смешен начинот на кој што функционираа тие работи тогаш, но навистина имав потреба од некаков другар. И тогаш ми се јави генијалната идеја да вдомам куче некое мало. Секако наидувам на инстант одбивање од страна на мајка ми, 100% од луѓето би одбиле во тој тогашен хаос и јас да бев на нејзино место би ја одбил идејата и не би ми била воопшто разумна. Но, од едно уво влегло во друго излегло нејзиното одбивање. Втората моја тогашна цел беше да е лабрадор/ретривер вдоменото куче, но секако не знаев дека не функционираат работите така. Па распрашувајќи се по луѓе, една другарка ми кажува дека кучката (џукелче) на нејзината другарка се породила и бара вдомувачи. Толку ми требаше, го зимам кутрето мало ко Џивџи, сите нејзини братчиња беа црни, само она бела, сите машки, само она женско. Го бањам дома прво на чешма, го сушам и самото си влага во патика број 37 да спие и така јас и Лора ја чекаме мајка ми да се врати од работа. Или и двајцата ќе не избркаат или и двајцата остануваме, нема назад. Мајка ми доаѓа, шокирана, но не пререче ништо, мислеше прво дека ќе е фаза и дека ќе ми помине меракот за некој ден па ќе ја вратиме. Какво мерак поминување, мајка ми се вљуби во Лора исто колку и јас. Зема куќичка да и прави, храна Педигре да и зима, играчки, кога нешто почна да кива супа и даваше со лажица ко на човек. Никогаш нема да заборавам кога отидовме на одмор, па Лора ја оставивме дома заклучена со пријателка задолжена да и дава храна. Кога отворивме врата и не виде тоа беше делириум тременс, рипање над нашите глави, притоа вртење од радост, вртимушка беше тоа, не можеш да ја гушнеш 10 минути од што рипа од среќа. Во тој момент навистина немав проблем, ниедна социјална ситуација не ме афектираше, кому му е гајле за било што, кога дома знаеш дека имаш куче кое те чека и ти се радува. Па фудбал игравме, демек дриблав, а она да ми ја земе топката, се тркавме на 100 метра, се возевме на скејт, имаше голема емпатија и знаеше кога треба да се пикне до тебе и да си седи само, кога треба нешто да се растрча низ дома и да крене атмосфера.
Дека не знаеме кога и е роденден точно, решивме дека сме ја вдомиле кога била месец и 20 дена, па затоа и на 20 април и прославивме една година роденден, со мефце, со сфеќа која јас ја дував во нејзино име, ново топче. Убаво беше се дур траеше. На 2ри мај, 12 дена после нејзиниот роденден, 5 дена пред мојот, Лора беше пуштена како по обичај на прошетка без ремче околу зградата, убав сончев ден беше и планиравме накај Матка или паркот во Сарај да отидеме, да смениме од Градски парк. Лора здогледува нешто од другата страна на улицата и како што само она знаеше со 50 на саат, во секунда истрчува, иако тоа никогаш претходно го немаше направено, но во таа секунда поминува и 57ца од старите автобуси дуплите и така Лора умира пред мои очи и пред очите на мајка ми. Од тогаш јас не можев да чувам куче, а пробав, па остана само дружбата со уличните фраери. Интересно како за толку кратко време, некој може да значи толку многу. Ќе рече некој куче, но навистина тогаш тоа куче беше другарот кој ми беше потребен и ми помогна многу да ја исправам малку главата и да ги отворам очите за сите убавини кои светот може да ги понуди, за тоа ќе останам секогаш благодарен. Па се гледаме некогаш горе.
П.с. Ако на некој случајно му се наоѓа Сони Ериксон стар, може и нефункционален со функционална батерија, и сака да ми позајми на кратко да приклучам старата мемориска која само на Сони Ериксон уреди одговараше нека ми пише пп. Таму имам слики од кога беше мала, од тоа време. Сега само спомените ми се останати во главата.