ДК,
Да си го напишам традиционалниот пост. Прво, и основно, на сите ви покасувам многу среќа, добро здравје, љубов, успех, реализација на зацртаните цели и остварување на посакуваните соништа. Догодина најмалку во ова, па и во проширено, друштво.
За себе се надевам дека ќе имам помалку стресна и нервозна година. Дел од минатогодишните цели зацртани за овогодишното остварување ги реализирав. Нешто што многу ми недостасуваше беше мојата прва љубов, книгата. Нашата разделба беше од привремен карактер и не се должеше на недостаток на слободно време, туку недостаток на квалитетно слободно време. Знај дека не сме раскинале, бејби, уште сме заедно! Порано ми беше страст, сега ми е повеќе хоби. Верувам дека и предизвиците ќе ми бидат мотивација и повеќе ќе се дружиме во тоа катче.
Секоја година се лажам дека ќе почнам да трчам и никако да почнам. Компензирам со секојдневно пешачење, така трчањето е шкртнато со листата на цели. Веројатно, трајно. Во план ми е и реализација на еден домашен проект, кој го одолговлекувам со години, имам голем простор кој се користи исклучиво како остава, а истиот со мала инвестиција може да прерасне во прекрасна соба. На професионален план ми остана уште едно скалило за искачување, ќе размислам дали би се нафатил на овој чекор, сепак ќе ми одземе многу време и енергија, а притоа нема да има никаков ефект, сем можеби некоја внатрешна сатисфакција. Хартијата е доживотна, така, можеби, не знам.
За мене празниците, кои се пред нас, имаат непроценлива вредност. Дел од потесното семејство ми е раштракано низ светот, но секоја година наоѓаат начин и време да се соберат на купче. Така е и за овие престојни празници.
Животинчињата ми се прибрани, внатре и на топло, сега слободно нека пукаат педарди и нека лета огномет.
Среќна Нова и до следно читање!