Мене ме фасцинира двојниот стандард кога се работи за исчезнување на повозрасни лица во споредба со помлади. Двава поврзани случаи се пример за тоа. На некои дебатни емисии осомничените се споменуваат само како убијци на детето. Пред обзнанувањето на несаканиот исход, по телевизиите одеа објави само за исчезнатото дете, а верувам да немаше поврзаност меѓу двата случаи, поголемиот дел од македонската јавност никогаш немаше да разбере дека некој таму велешанец во години, исто така исчезнал 4-5 дена претходно. Ми се гади од ваквиот начин на однесување на дел од институциите и новинарската фела.
Во врска со велешкиот случај, Оливер Спасовски, кој ја окупира позицијата министер за внатрешни и случајот максимално го искористи за лична промоција пред претседателските избори, изјави дека не се трагало по возилото на тогаш исчезнатиот велешанец, иако неговата ќерка на социјалните мрежи објавила дека го нема и возилото на татко ѝ дента кога пријавила во полиција (наводно некое ептен старо и ретко возило, лесно за препознавање). Истиот ден овој важен детал го пренесуваат и медиумите, ама за полицијата на Оливер Спасовски ова како да било ирелевантно.
Баш овој детал можел да го спаси животот на убиеното дете, ако партиски вработената, нестручна полиција (со ретки исклучоци) се водела барем минимално според професионалните стандарди на полициската работа.