Snijeg (2008)
Da je tuga snijeg...
Свесна бев дека тешко ќе се најде босански филм да не е поврзан со таа страшна војна, но е прв којшто сум го гледала, кадешто главните ликови, преживеани и борци се токму жените.
Славно по војната буквално останува без млади и военоспособни мажи и е своевидно, од страна на мештаните, идеализирано мало царство на вдовиците и сирачињата коишто се борат притиснати меѓу болката по блиските и трауматичните последици од војната од една страна и обврските кон своите соселани, останатите сирачиња, добриот старец и малиот внук којшто од војната наваму не изустува ниту еден единствен збор, од друга страна.
Токму тоа е и за восхит. Како, иако сите толку различни, се држат меѓу себе како едно семејство.
Иако тешко пристапно и неразвиено, жените не губат надеж дека со помош на нивниот труд и вера, повторно ќе заживее.
Но, од сите останати се издвојува силата и непоколебливоста на Алма.
Можеби единствената којашто ниту за момент не ја напушта вербата дека не само што ќе преживеат, туку и ќе просперираат, присетувајќи се на мечтите на нејзиниот покоен сопруг, Фарук кој дури верувал дека еден ден токму Славно ќе ја храни Босна.
Но, не е само Фарук очигледно тој којшто верувал во тоа. Еден ден во селото стигнува еден Србин за да им порача дека американска инвестициска фирма сака да ги купи имотите од селото за примамлива цена за да гради на нивно место. Тука е вистинскиот тест за мештаните и големиот момент на преиспитување на нивните животи.
Кога доаѓаат со Американецот и договорите една снежна бура целосно го изолира и онака отцепеното и тешко достапно село и инвеститорите мораат да останат малку подолго и притоа се соочат со мештаните, но, уште поважно, со вистината.
4/5