За разлика од измените на Кривичниот законик, за кои власта не барала гаранции, новиот закон за амнестија ќе се најде пред пратениците само ако ВМРО-ДПМНЕ даде гаранции дека ќе ги поддржат уставните измени.
Новиот закон за амнестија ќе биде втор од пакетот што власта го „нуди“ на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за таа да гласа за уставни измени, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од власта. Но, за разлика од измените на Кривичниот законик, со кој драстично се намалуваат казните за злоупотреба на функцијата, за кои власта не барала гаранции,
новиот закон за амнестија ќе се најде пред пратениците само ако ВМРО-ДПМНЕ даде гаранции дека ќе ги поддржат уставните измени.
Според информациите, власта во новиот закон за амнестија ќе ги вклучи и осудените за изборен криминал и за злосторничко здружување ако опозицијата гласа за уставните измени.
Од власта брифираат дека ВМРО-ДПМНЕ барала новиот закон за амнестија да ги опфати и осудениците за „27 април“, и обвинетите за изборен криминал, односно да им се намали 30 отсто од казната. Ова би значело дека ако некој е осуден, на пример, на шест години затвор, по стапување на сила на законот ќе треба да одлежи околу четири години.
Новиот закон за амнестија најверојатно, наместо Министерството за правда, ќе оди пратениците, бидејќи министерот Кренар Лога се противи тој да биде предлагач на законот. Од друга страна, се остава простор пратеничките групи да се договорат и тие да бидат предлагачи на законското решение.
Според информации на „Слободен печат“, можно е новиот закон за амнестија уште идната недела да биде испратен до пратениците.
Дека власта интензивно работи на обезбедување на двотретинско мнозинство за уставните измени, потврда е и експресното изгласување на измените на Кривичниот законик, иако официјално и власта и опозицијата негираат било каков договор.
Извори од власта брифираат дека Лога се противел на носењето на измените на Кривичниот законик и дека поради тоа, заменичката министерка за правда Викторија Мадиќ беше предлагач на законските измени. Според наши информации, два месеца траеле убедувањата Лога да биде предлагач на измените на КЗ, но дека позициите на министерот биле оти не може да биде потписник, зашто Алијанса за Албанците (АА) влегла во Владата заради уставните измени и заради борбата против криминалот и корупцијата. Токму поради тоа, ниту еден од пратениците на Алијанса за Албанците не гласале за измените на КЗ.
Дали ќе падне договор помеѓу власта и опозицијата за законот за амнестија допрва ќе се види. Инаку Министерството за правда уште во јули обелодени дека новиот закон за амнестија е готов и дека ќе се однесува за полесни кривични дела, а неговата цел е да се намали пренатрупаноста во затворите.
Во објавата се тврдеше дека овој предлог начелно е прифатен од сите фактори и политички групи во земјата. ВМРО-ДПМНЕ тогаш рече дека Лога само ги информирал дека се подготвува закон, но не им го дал на увид.