Постои впечатлива разлика помеѓу тоа што Црногорците и Македонците го чувствуваат кон Русија и она што Брисел, ЕУ и НАТО ги принудуваат нивните политичари да го прават, вели рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров во видео интервју за Асоцијацијата „Наше Кино“ кое беше
објавено на официјалната веб-страница на руското Министерство за надворешни работи.
„Ова е обид тие да станат ‘алатка’ во антируската игра. Тоа е истото што се обидоа да го направат во Украина и во голем број други источноевропски земји“, додава Лавров во интервјуто кое изобилува со анти-западни чувства.
Интервјуто со Лавров е направено по повод годишнината од смртта на отец Методиј, кој служеше во Валаамскиот манастир во Русија, а пред една година почина од ковид-19. Методиј по потекло беше од македонското село Блатец, близу Виница. Лавров посочува дека отецот бил многу загрижен за промените што се случуваат во Македонија.
„Земјата стана Северна Македонија за да влезе во ЕУ (каде не ги примија и наскоро нема да ги примат, ако се реши ова прашање). Наместо тоа, тие ги вовлекоа во НАТО, почнаа да подгреваат русофобични чувства, агресивна политика кон Руската Федерација“, вели рускиот шеф на димпломатијата додавајќи дека истото е направено и со Црна Гора.
Лавров потоа вели дека кога тој бил во Скопје и во Охрид, луѓето во Македонија се однесувале позитивно кон заедничката историја и религија со Русија. А, со слични емотивни зборови говори и за неговата посета на Црна Гора споменувајќи го споменикот на рускиот поет Владимир Висоцки во Подгорица.
Лавров смета оти постои впечатлива разлика помеѓу тоа што Црногорците и Македонците го чувствувале кон Русија и она што Брисел, ЕУ и НАТО ги принудувале нивните политичари да го прават.
„Ова е обид тие да станат „алатка“ во антируската игра. Тоа е истото што се обидоа да го направат во Украина и во голем број други источноевропски земји“, потенцира рускиот шеф на дипломатијата.
Понатаму, Лавров го коментира и „обновувањето на евхаристиското заедништво меѓу српската и македонската црква“, што автоматски ги враќало во заедница со Руската православна црква.
Лавров смета дека тоа била разумна одлука на Српската православна црква и на српскиот патријарх Порфириј обвинувајќи го Цариградскиот патријарх за интриги и задкулисни игри.
„Мислам дека ова е мудра одлука. Ова ни овозможува да ја обновиме евхаристиската заедница со Руската православна црква, за што ние сме заинтересирани. Сигурен сум дека тоа ќе му служи на доброто на православието“, завршува Лавров.