https://off.net.mk/vesti/mislenja/opasnostite-na-dobrite-nameri
Опасностите на добрите намери
11 август 2023 - 13:59
Многумина го спуштија гардот пред самонаречените прогресивци и разбудени, само затоа што овие на почетокот звучеа многу добронамерно. Кога сега се гледа во што тоа се изроди, а се изроди во царување на цензура, авто-цензура и само-осудување за да се спаси кариерата, останува да жалиме што се заборави на старата мудрост „Патот до пеколот е поплочен со добри намери“.
Има многу обиди да се објасни како „разбуденоста“, таа екстремна, ирационална и неразумна идеологија ги запоседна западните институции: постмодерниот релативизам, културолошкиот пресврт на левицата, различниот начин на размислување на поновите генерации, појавата на социјалните медиуми кои го поларизираа и отруја политичкиот дискурс...
„ Овие објаснувања се во ред. Но, друга причина ретко се споменува. Вистината е дека на будноста ѝ беше дозволено да завладее “, вели Патрик Вест.
„ Денешните фанатици почнаа со добри намери. Повикуваа на толеранција кон геј луѓето и оние кои не пасуваат со родовите улоги. Номинално беа против расизмот. Сакаа да ја „спасат планетата“. Кој можеше да им противречи на такви благородни чувства, првично изговарани пред 20-ина години? Малкумина беа такви. Сето тоа изгледаше добронамерно и убаво. Затоа многумина го спуштија гардот “.
Дваесет години подоцна, кога многу елементи од „разбуденоста“ не само што станаа мејнстрим, туку се вградија и во закони, се каеме што ја заборавивме старата поговорка: Патот до пеколот е поплочен со добри намери.
Тоа е лекцијата од историјата. На сличен начин и комунизмот на многумина им се чинеше привлечен, заради убеденоста дека можеби реалноста засега е пекол, но се работи за „поголема цел.“ Орвел тоа добро го карикираше во Животинска фарма.
И разбуденоста завршува со веќе видени резултати: цензура, автоцензура и самоосудување (за да ја спаси кариерата, актерката
Аманда Абингтон се извинуваше што ги критикувала дрег-кралиците што тверкаат пред бебиња). Луѓе јавно се жигосуваат, се откажуваат, минатата недела Џ.К. Ролинг беше
избришана од изложбата на Хари Потер во музејот во Сиетл, полицијата апси за „омраза“ и навредливи објави на социјалните мрежи....
Грубото бинарно размислување го дели општеството на непријатели или пријатели.
„ Секој што не е анти-расист е расист; секој што ја доведува во прашање транс идеологијата е трансфоб “,
пишува Вест.
Разбудените секогаш ја фураа доктрината дека сите кои не се бели, стрејт и машки имаат заедничка врска и кауза. Затоа денес тешко објаснуваат зошто муслиманите во Канада моментално се
бунтуваат против форсирањето на родовата идеологија на Џастин Трудо. Тие финти тешко им се продаваат на социјално конзервативни муслимани.
„ Многу субсахарски африкански култури биле хомофобични и патријархални долго пред европскиот колонијализам. Историски гледано, Арапите биле меѓу најголемите трговци со црни африкански робови. Денес, белите мажи од работничката класа во Британија се на дното,
и образовно и финансиски. Толку за "белата привилегија" и "патријархатот" “, пишува Вест.