Кај државните обврзници, старо девизно штедење и денационализација (значи оние кои се тргуваат на МБ), тие се купуваат по дисконтна цена, значи вредноста по која се купува обврзницата е помала од номиналната, а држава кога ги внесува во платен промет ги внесува по номинална вредност, односно вредноста по која ги дала во прв план. Значи претставено со пример: дедо ми имал нива која државата му ја национализирала, таа нива вредела 10000 евра, со решение на Владата од 2006 година решено е дека нивата неможе да се врати во владение и затоа ме обештетуваат со државни обврзници. Тие обврзници се всушност РМДЕН06. Бидејќи вредноста на имотот е 10000 евра државата ми дава 10000 обврзници со номинална вредност од 1 евро, значи вредноста е врзана со еврото т.е. номиналната вредност е 1 евро не 61,5 денари. Од тука ми ги запишуваат обврзниците во ЦДХВ (Централен Депозитар за Хартии од Вредност) и ме упатуваат во Брокерска куќа доколку сакам да ги продадам обврзниците. Од тука одам во Брокерска куќа каде ми кажуваат колкава е провизијата за тргување и моменталната цена на соодветната обврзница. Обично провизијата за обврзници е 0,4%-0,5% а моменталната вредност на РМДЕН06 е околу 84,5%. Значи доколку ги продадам обврзниците ќе добијам (10000 обврзници)х(61,4 моментална вредност на еврото)х(84,5 моментната релативна вредност на обврзниците)/(100 заради процентуалноста на релативната вредност на обврзниците)х(1-(0,005+0,004+0,001) давачките кон брокерската куќа+давачките кон МБ+давачките кон ЦДХВ, мислам дека се овие вредности, не ме држете за збор околу давачките) што значи дека ќе земам 513642 денари. На оваа сума по закон не плаќам данок на капитална добивка што значи дека ова се чисти пари. Е сега човекот што ги купува овие обврзници треба да плати комуналии за изградба на објект во износ од 614000 денари (10000 евра). Тој за да ги купи моите 10000 обврзници со номиналан вредност од 1 евро платил 524018 денари, откако ќе се пресметаат давачките кон Брокерската куќа, МБ и ЦДХВ. Од тука оди до соодветната општина и ги плаќа комуналиите со овие обврзници т.е. наместо да плати 614000 денари тој на општината и дава 10000 обврзници со номинална вредност од 1 евро што во тој момент вредат 614000 денари. На овој начин при плаќањето човекот заштедил околу 90000 денари.
Доколку не се решам да ги продадам обврзниците, можам и да ги задржам. Со задржување на обврзниците државата е должна да ми исплаќа годишна камата од 2%. Значи доколку на 1 јуни јас имам 10000 обврзници државата е должна да ми исплати камата од 200 евра до законскиот рок за исплата, 30.09 истата година. Ако ги задржам обврзниците до 2016 година тогаш до законскиот рок државата е должна да ми ја исплати целата сума на номиналаната вредност на обврзниците, 10000 евра во денарска противвредност, заедно со последната камата од 200 евра.
Ова е најдобро што можам да објаснам како оди тргувањето со обврзници.
Дополнително околу стравот за тргувањето - единствено нешто на што треба да се внимава е плаќањето на данок кон државата, ова важи само за акции. Значи доколку продадете акции по повисока цена од онаа по која сте ги купиле тогаш остварувате капитална добивка. Капиталната добивка кај акциите се оданочува со 10% од добивката, разликата во цена на купена и продадена акција. Со закон е определено дека во рок од 15 дена од трансферот до УЈП треба да се пријават сите капитални добивки. За да постои баланс УЈП прифаќа и даночни олеснувања доколку остварите капитална загуба, значи доколку продадете акции по пониска цена од онаа по која сте ги купиле. Со закон е определено дека секоја капитална загуба треба да се пријави до УЈП во рок од 15 дена од трансакцијата. Значи, повторно пример, одите на берза и купувате 10 акции на Витаминка по 7700 денари. За овој трансфер не мора да пријавите во УЈП. Но по 3 месеци акцијата на Витаминка е 7000 денари. Решавате дел од акциите да продадете. Продавате 5 акции со остварувате капиталана загуба од 5х(7700-7000)=3500 денари. Одите во УЈП и ја пријавувате загубата. По 1 месец акцијата станува 10000 денари и решавата да се ослободите од останатиот дел од акциите. Затоа ги продавате и со тоа правите капитална добивка од 5х(10000-7700)=11500 денари. Одите повторно во УЈП каде ја пријавувате добивката. Таму ви велат дека треба да платите данок на капиталана добивка од 10% т.е. треба да платите данок во вредност од 0,1х11500=1150 денари, но заради капиталната загуба вие имате даночно олеснување, кое мислам дека оди на следниов начин, од 0,1х3500=350 денари што конечно остава да платите данок од 1150-350=800 денари. Доколку се внимава на ова и навремено се подмируваат давачките нема ништо криминално во тргувањето со хартии од вредност.