Неделава кај многу компании падна цената на акциите
„Битолска млекара“ се продаде, сопрено тргувањето со капиталот на „Македонска банка“ поради наредбата за ликвидација од Народната банка. На берзата неделава кај најголем дел од компаниите падна цената на акциите.
Се направи вкупен промет од 44,6 милиони евра, но повеќе од половината од продажбата на „Млекара Битола“ и на дел од капиталот на „Комерцијална банка“.
Во вторникот групацијата „Данјуб фудс“ за 27 милиони евра купи 75% од акциите и стана нов сопственик на Битолската млекарница.
Вчера во две блок трансакции се продаде и 2,7% од капиталот на „Комерцијална банка“ за околу 7 милиони евра. Во однос на минатата недела цената на акцијата на банката порасна за 1,8%.
И оваа недела на берзата интензивно се тргуваше со акциите на ФЗЦ „11 октомври“. Се продаде капитал од 1,7 милиони евра, а вредноста на акциите на кумановската фабрика порасна за цели 29%.
За 1,5% порасна вредноста на акцијата на „Макпетрол“. Од нафтениот дистрибутер се истргува капитал од 650.000 евра.
Цената на акцијата на „Алкалоид“ не регистрираше значителни промени, но се истргува капитал во висина од 598.000 евра. Во изминатите пет работни дена тргувањето со капиталот на останатите компании беше со слаб интензитет.
Брокерите коментираат дека на инвеститорите и натаму повеќе им се интересни другите пазари во регионот, но очекуваат дека ќе се смени состојбата.
Вредноста на акцијата на Битолската квасара падна за 11%. Се намали тргувањето со капиталот на „Бетон“, а цената на акцијата падна за 7,5% во однос на минатата недела.
За 6,2% падна и вредноста на акцијата на „Фершпед“. Кај Топлификација цената на акциите се намали за 4%.
Падна и вредноста на акцијата на велешката фабрика за фрижидери „Киро Ќучук“, вчера застана на сумата од 9.488 денари за акција, што е за 8,3% помалку во однос на минатата недела.
Меѓу компаниите, чија вредност на акциите падна, се и ОХИС за 16%, „Лотарија на Македонија“ за 15%, „Макстил“ за 7%, ОКТА за 6,2%.