Ова се претвора во вистинска катастрофа за Русија. Каква историска мискалкулација може да испадне ова.
Никаква мобилизација и прогласување војна не ги спасува од септичкава јама во која се бутнаа. Уште тоа им треба сега, илјадници резервисти што гинат по заседи низ Украина. Ако неконтролирано напаѓаат цивилни цели, целава ситуација ќе стане уште погрда за нив. Тоа е дивјачко ниво на агресија.
Од тоа што го гледам низ нивните медиуми и тоа што пријатели кои живеат во Русија ми го кажуваат, веројатно треба да сме среќни што Путин бил лидер сите овие години, во таа апсурдна политичка култура. Релативно разумно се однесува со децении, имајќи во предвид што треба да менаџира огромни дози на реваншизам, кој е концентриран во рускиот народ, пост-СССР.
Се поверојатно е дека Финска и Шведска ќе станат дел од Нато. Меѓу Русија и ЕУ државите има неверојатен левел на антагонизам, што не сме го виделе на европско тло од Студената војна. САД и УК, практично, ја трансформираат украинската армија во нато армија, со огромните количини на оружје што им го испорачуваат и интелот кој им го даваат. Резултатите на терен, засега, воопшто не ги оправдуваат воените ресурси кои го вложија во инвазијава и штетата во жртви и воена техника која ја претрпеа, а очигледно немаат никаква exit strategy. Прашањето е што понатаму?
Закани со нуклеарно оружје не помагаат воопшто. Не се единствена држава со нуклеарно оружје. Ни се првата држава со нуклеарки која заглавила во ваков quagmire. Уствари секоја војна на голема сила во нуклеарната доба, е горе-доле во ваков прокси-формат. Поентата е да не заглавиш во таква, а не да очекуваш дека светот ќе се сообрази со твојата волја, само затоа што претиш со употреба на нуклеарки. Тоа е детско ниво на наивност. Никој не е должен да им ги реализира стратешките интереси на Русите, освен они самите. Многу нормално дека САД и Европјаните ќе гледаат да ги дозаглават во војнава, а не да прават салта за Русија да ја добие почитта што самата смета дека ја заслужува. Тоа е многу опасна, ирационална, игра, со која треба да бидат многу внимателни. Никој во Русија не треба да спие на тоа уво, дека имаат некоја карта што Западот ја нема, некоја ултимативна жртва што западните држави немаат храброст да ја понесат. Западот нема да се повлече, зошто вакво однесување и за нив ја претвора војнава, од гео-политичка игра, во егзистенцијална криза.
Освен ако украинската војска не се распадне во следните недели, им останува да голтнат кнедла и да прогласат некоја симболична победа преку која ќе пробаат да деескалираат. Украина е загубена, откако пропадна првичниот план за брза промена на власт. Дали ќе ја претворат Украина во паркинг, или ќе се повлечат со некаков спин од нејзе, е сеедно за интересите на Русија. Зошто и двете опции, значат немање контрола на таа територија.